Љубов и секс

Св. Трифун или Денот на Вљубените: Македонците пијани од вино или од љубов?

На 14-ти февруари православните христијани го празнуваат денот на лозарите и градините, Св. Трифун. Додека пак Денот на вљубените „St. Valentine“ го слават католиците.

Сепак, поради глобализацијата и масовните медиуми денеска речиси целиот свет го слави Денот на вљубените на 14 февруари.

Дали Македонците се пијани од вино или љубов?

Полнолетниот македонски граѓанин просечно годишно пие 2,2 литри вино и 0,9 литри ракија, покажуваат податоците што во пресрет на празнувањето на Денот на виното и љубовта ги објави Државниот завод за статистика.

Во Македонија има 88 милиони пенушки засадени на површина од 23.613 хектари, а 77-те винарии произведуваат 78,5 милиони литри вино на точење и 28,05 милиони литри во шишиња. Најмногу се извезува вино во шишиња и тоа во Кина, Русија, САД и Австралија, а вкупната вредност на извозот на вино изнесува 47,7 милиони евра.

Покрај ова, во Македонија се произведуваат во домашни услови и 70.200 тони грозје и 13 милиони литри вино.

Во вкупниот промет на алкохолни пијалаци, на виното отпаѓаат 14,9 проценти, а на ракијата 3,4 проценти.

Во месецот на виното и љубовта склучени се 880 бракови и родени се 1.741 дете од кои 914 машки и 827 женски.

По Св. Трифун – заштитникот на лозарите и градинарите, крстени се 357 лица од кои 205 се викаат Трифун, а 152 Трипун. Во Македонија има и 752 лица кои се викаат Валентин, 250 Валентино и 6.958 Валентина.