Зошто локалните избори се повеќе од избори

Имаше многу коментари на оваа тема последните месеци. Поради тоа сакам да потенцирам некои работи, без да бидам погрешно сфатен. Секогаш треба да имаме на ум дека денес во дваесет и првиот век, 2017 година работите се решаваат на избори, со пенкало во рака. Тоа е најсоодветен и најлегитимен начин да се изрази вољата на народот, со давање на гласот за онаа политичка опција која ќе се грижи за националните интереси. Вољата на народот е неприкосновена и како што сме имале прилика често да се увериме, сите ја почитуваат.

Меѓународниот фактор секогаш покажува почит за тие што ја имаат довербата на народот. Има разни манипулации, инженеринзи, но тоа не може долго да трае. Потоа врз основа на таа слободно изразена воља се седнува на маса и се преебројуваат резултатите. Колку и да има подметнувања, нерегуларности, купувања на гласови ако е вољата јака, резултатот ќе биде задоволителен и на тој начин ќе можат да се остварат одредени политички цели и национални интереси.

Некои се повикуваа на илинденското востание, на комитите и на војводите. Секоја чест за нив но тоа било пред повеќе од еден век, кога главно превозно средство бил коњот. Денеска имаме, тенкови блиндирани возила, хеликоптери и друга техника, а полициските сили се добро подготвени да се справат со секоја состојба што излегува надвор од политичкиот систем, во кој владее одредена политичка структура) политичка партија, повеќе политички партии или коалиција.

Да не ги заборавиме и големите сили. Да се подстиме кој одлучувал во Букурешт 1913 година или во Версај 1919 година, кога не сме добиле држава. Во Втората светска војна сами сме се ослободиле во Вардарскиот дел, но Македонија била поделена на Јалта во договор помеѓу големите сили. Сите обиди за обединување не се оствариле затоа што немало подржка од тие сили. Што ќе се случува понатаму повторно зависи од нив. Но како што спомнав, големите сили ја почитуваат вољата на народот. Ако тој е единствен и сака да си ги зачува националните интереси, тие ќе ја почитуваат неговата воља. Ако почувствуваат поделеност, како што беше тоа на минатите избори, тие ќе подржат решенија кои не се во согласност со нашите национални интереси, а се во нивни геостратешки интереси, како што е промена на името. Малку фали да си го задржиме името, затоа и позицијата и опозицијата велат дека локалните избори ќе бидат референдум. Актуелната власт преговара за промена на името, тоа не и пречи и смета дека тука нема ништо спорно. Сегашната опозиција предводена од ВМРО ДПМНЕ е против промена на името. Таа смета дека после пресудата на Меѓународниот суд на правда во Хаг, каде што Грција беше осудена дека постапува спротивно на Меѓународното право кога ја блокира Република Македонија за прием во Евроатланските асоцијации, малку фали тоа да се оствараат тие интереси без промена на името. Од друга страна 133 држави не признале под уставно име, што е повеќе од две третини од вкупниот број на држави членки во Обединетите нации. Овој процес лесно може да биде завршен до крај.

Затоа не треба да се наседнува на ефтини приказни за мерцедеси, за тамари, за мартини, за одселени граѓани во странство, затоа што тоа може да ни се удри од глава и да останеме повторно без држава. Овој пат не верувам дека ќе има поправен испит. Се оди на атак идентитетот, на јазикот, културата и сите основни атрибути на еден народ.

Знам дека има незадоволни граѓани од протестите, особено после 27-ми Април. Но сега емоциите треба да се остават на страна. Сигурно, нема да се чувствуваат подобро ако резултатот после локалните не биде во интерес на националните интереси, па ако саката и на нивните лични проблеми. Затоа сега не треба да се повтори истата грешка. Особено не на неутралните граѓани. Дел од нив мислеа пред изборите минатата година дека можеби треба да се казни тогашната владејачка елита, но потоа беа најприсутни на протестите. Сега сите треба гордо со подигната глава да излезат на изборите и да ја заштитат државата. Таа не се продава за 200 евра. Потоа лесно ќе ги решиме сите прашања. Албанскиот народ ги има сите права и граѓаните на терен се задоволни, пријателски настроени кон своите сограѓани. Од друга страна грците се понепријателски настроени кон албанците одколку кон македонците. На своите воени паради пеат дека ќе ја пијат крвта на македонците но и на турците и албанците, трите најголеми ентитети во Република Македонија. Не може сите да се во право освен македонците и другите  етнички групи кои живеат во Република Македонија.

Ете затоа локалните избори треба да бидат референдум. Затоа што после нив треба да почне кампања за вонредни парламентарни избори на кои победникот треба да ја решава судбината на Република Македонија. Животот не дојде во овие четири месеци.Нема ни да дојде доколку не се случи национално помирување и не продолжи економскиот развој, доколку не дојде до зголемување на животниот стандард. Затоа да не го заборавиме пенкалото на 15 Октомври, само на тој начин може да ги решиме сите проблеми во денешното време на парламентарната демократија.

Александар Даштевски