Колумни

Заштитата на „Никола Тесла“

Специјалното јавно обвинителство вчера за „Дневник“ изјави дека отвориле предистражна постапка за последниот објавен нелегално снимен приватен разговор на „Јутјуб“ меѓу новинарката Оливера Трајковска и албанскиот аналитичар Мерсел Биљали.

iskra-korovesovska

Повторно објавен од страна на анонимниот лик како „Никола Тесла“, со тоа што ни овој случај како и претходните ќе немаат разрешница, а наводната постапка на СЈО е само обична глума и фарса така што ниту ќе се утврди кој е Никола Тесла ниту од каде потекнуваат снимките. А во меѓувреме тој/таа или тие што ги објавуваат под ова име, продолжуваат без никаков проблем и пречка да си ги реализираат заканите што беа објавени на почетокот на декември.

Тогаш очигледно добро процениле дека во постизборниот период е вистинско време граѓаните да слушаат приватни разговори, да се дискредитираат политичарите, бизнисмените и ним блиски луѓе.

Веројатно и последниот разговор во кој се споменува поделба на Македонија не е случајно пуштен во тесниот временски период кога секој момент се очекуваше епилог од преговорите меѓу ДУИ и СДСМ. Сепак, најстрашното е што превенција од натамошно објавување не постои, а пред с` затоа што не постои ниту откривање на објавувачите на сите претходни снимки на „Јутјуб“.

Во изминатиот период, речиси една година од како почна незаконското објавување, не слушнавме ни збор од надлежните институции како МВР, СЈО, ЈО на РМ за тоа како течат процедурите за пронаоѓање на лицето што ги објавува снимените разговори, дело што инаку е казниво со 5 години затвор.

Освен абери, како вчерашниот од СЈО дека предистражната постапка почнува, друго нема. Вчудовидувачки е како воопшто е тоа можно во време на висока технологија со која располагаат за откривање ваков тип криминал.

Сето ова не оди никому во прилог, освен што ги храни и онака постојните сомнежи кај јавноста дека неоткривањето на сторителите е само дел од однапред смисленото сценарио и дел од некаква политичка игра стратешки имплементирана на социјалните мрежи.

Во меѓувреме на пазарот наголемо се продаваат цедиња со приватни разговори по цена од 100 до 300 денари и повторно никој ништо не може.

Kако граѓани остануваме во незаштитена позиција од напливот снимки што „Никола Тесла“ и слични може да ги објавуваат кога сакаат и како сакаат, личностите што ќе се најдат на снимките да го изгубат приватниот живот, а сеирџиите ќе се насладуваат на секој нов сексуален дијалог по телефон.

Нема или некој не сака да има спас од „Никола Тесла“?

Колумна на Искра Коровешовска за Дневник