Заев во стапицата на малцинската влада

Тоа што ДУИ најсериозно ја разгледува опцијата да одбере да остане надвор од владината коалиција и само да ја поддржува малцинската влада на СДСМ откако ќе им се исполнат барањата од тиранската платформа е нешто што најмногу ним им одговара. На тој начин ќе се одбегне внатрешниот раскол меѓу „сдсмовските“ и „вмровските“ крила во партијата, нема последици од коалирањето со едната или со другата македонска партија, ќе може да тврдат дека не го прекршиле „победничкиот принцип“, дека ги оствариле албанските интереси со што ќе им парираат на Беса и на Алијансата за Албанците и што им е најважно, во секој момент ќе може да ја повлечат поддршката на таквата малцинска влада и да изнудат одржување на нови предвремени избори. Се разбира, тогаш кога ним најмногу ќе им одговара.

Зоран Заев е белки свесен на ризикот и на бесмисленоста во која може да влета доколку влезе во таков договор со Али Ахмети: прво да ги испорача сите барања од Тирана, а потоа со Беса и со „Алијанса за Албанците“ да чека кога Ахмети ќе реши дека е време да оди на предвремени избори. Стравот што се јавува е во тоа дека веќе патолошката желба на Заев да дојде до власта, заради што, гледаме, прифаќа и двојазичност и го отвора патот кон федерализирањето на државата, ќе предизвика лидерот на СДСМ да прифати и едно такво сценарио и понуда. Па така да биде во постојано заложништво кај Ахмети надевајќи се само дека меѓународниот фактор ќе го принудува да остане во таква малцинска влада подолг рок иако е јасно дека таа нема да може да ги истера реформите што се бараат од неа.

ВМРО-ДПМНЕ ја прочита играта на интегративците и веќе во саботата вечер им ставија до знаење дека тоа што ќе ја поддржуваат малцинската влада ќе значи прекршување на принципот на победнички коалиции во македонски и албански политички блок. Односно, дека понови избори не ќе може да се вадат дека тоа не било коалицирање со поразениот во македонски блок и да бараат почитување на принципот заради кои ДУИ во 2006 направи политичка криза во земјава. Освен ова, зошто ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозициска партија би одработувала протести и активности против СДСМ и прифатените решенија од тиранската платформа, од што големи политички поени меѓу Албанците би собрал Али Ахмети.

Значи, сега е на потег Заев да процени нешто што е толку очигледно и со чие прифаќање тој ќе стане заложник и, наскоро, најголем политички губитник. Да се надеваме дека е свесен за ова и дека ќе го има предвид кога ќе ја дава својата согласност во законските решенија кои го отвораат патот кон федерализацијата на државата. Зашто кога во оваа земја еднаш ќе се смени Законот за употребата на јазиците и ќе се воведат сите работи од тиранската платформа, мала утеха ќе биде во тоа што неговата политичка кариера како лидер ќе биде завршена. Интересите на македонската држава се сепак поважни од неговите.