ЗА РАСПАРУВАЊЕТО НА ИДЕНТИТЕТОТ

” Ниедно зло не може да стане добро, затоа што го прифаќа мнозинството”. Оваа реченица, од „Тврдина“ на легендарниот Меша Селимовиќ е одраз на индивидуалност, а индивидуалноста носи размислување, размислувањето води кон расудување, а расудувањето значи и БУНТ! Бунтот пак, е сосема логична реакција за одбрана. Да, одважен бунт, кој што ќе проговори за сите злодела на оваа власт, на која за толку кратко време и успеа без ниту една меѓа да ја остави Македонија. Не може, не смее, богохулење е, толку многу и толку на очиглед еден премиер, па дури и на „малата и безначајна државичка“ Македонија (жално тој така сам ја нарекува – мала и безначајна, името не и го спомнува), да се однесува буквално како дрвена кукла, чии раце и нозе мрдаат по наредба, устата изговара наизуст научени  текстови …

Баба ми велеше, не го бери никаде, како рог во вреќа. Ама, да почнам со ред. Во Речникот на Шевалие и Гербран, рогот има значење на височина, издигнување. Тој е симбол на моќ. Почитувани, Марија Бонапарта наведува, дека на хебрејски зборот queren едновремено значи рог, моќ, сила; исто и на санскритски linga и на латински cornu. Тој – Заев, ја има моќта и силата, ја доби на последните најлошо организирани и најнелегитимни избори, ги стекна со страшен изборен грабеж и фрапантна невидена измама на граѓаните, ја има поддршката на „факторите“ од странство. До овде, тоа е така и е очигледно. Но, моќта на рогот, не е само во неговата сила, туку тој и по својата природна функција е слика на моќно оружје (во италијанскиот жаргон, пенисот се нарекува cornо), е овој дел најверојатно се однесува на онаа народната со глупоста, која „драгиот ни“ премиер секојдневно, во секоја прилика, штедро ја манифестира (говорењето српски и англиски се само форма, страшна е суштината и конкретните чекори).

Почитувани мои, има уште многу да се анализира симболот на рогот, но да не ја заборавиме првичната ни задача, дека под опсервација е РОГОТ ЗАЕВ. Па така, во современата анализа (кај Шевалие, а нашиот умен народец тоа отсекогаш си го знаел, оттаму и поговорката како рогови во вреќа), роговите се сметаат и за слика за разединување која, исто како чаталот симболизира амбивалентност и регресивни сили: ѓаволот е претставен со рогови и чапунки.

Има ли поѓаволска работа, од тоа да станеш одрод, има ли поѓаволска работа под превезот на „живот за сите“, да се дрзниш да го чепнeш идентитетот, да го девастираш комплетно националното достоинство, а замислете, како во некоја фантастична приказна, тоа и му успева, според сите правила на бајката: заплет, експозиција, кулминација, расплет.

РОГОТ ЗАЕВ како да го помагаат волшебни лоши вили и чудовишта и замислете, успева да ги притисне административците, откако ги излага дека ќе им обезбеди минимална плата од 500 евра, ама овој пат силно, строго и со закана, баш по сдсовски, како што си знаеја и дејствуваа пред една деценија, успева да ги уплаши и останатите вработени на истиот принцип (ветувања, а после закани, откако Оливер е прв полицаец), а невработените и оние со кревок социјален статус со најдолниот вид понижување – поткупот. Ама, сега, овде не би зборувала повеќе за лагите на РОГОТ ЗАЕВ, спакувани во „живот за сите“, оти во тоа, без малку, веќе не веруваат ниту најтврдите сдсовски гласачи, освен оние кои со најгласно викање и поддршка се убедени дека ќе дојдат до корка леб и профит (работно место или удобна позиција) и се разбира оние кои за тоа да го проповедаат се директно искеширани, а богами и обучени. Примерите познати на јавноста, но и Вам почитувани, во Вашите микро средини. Секој од Вас ги има пред себе.

Сето тоа, па и не е толку страшно, на лагата и се кратки нозете, економски параметри нула, нула инвестиции, назадување со брзина на светлината, ама нејсе, тоа се казнува многу брзо и лекот се избори, во демократија која сака да има атрибути на модерниот 21 век. Арно ама, систематското, дрското, роговско пенетрирање на глупиот Заев во идентитетот е непоправливо и нешто што не може и не смее да биде дозволено.

Распарувањето на идентитетот на РОГОТ ЗАЕВ, навистина е страшно, повеќе колку што навидум изгледа. Во бунилото на обврските, животните трки, индивидуалните судбини, среќи и несреќи, болести и здравје, љубови и мразења, обдарености и одземености, РОГОТ ЗАЕВ кине јазол по јазол, пара котелец по котелец, за на крајот да нема спас, да нема назад, ништо да не остане. Дали не е страшно, барем јас не знам за такви примери до сега (обиди знам, ама дека тоа така поминало не !), хунтата на РОГОТ ЗАЕВ, употребувајќи меки реченици, неартикулирана интонација и блудникави интернационализми да ја менува историјата и географијата, да ја менува литературата (и тоа е само почеток), ќе го препише Цепенков (или некое негово пискарало ќе напише нови приказни), ќе ги обели Црнила од Чашуле, ќе и ги обезбои конците на Блажевата Везилка … Е, па, само нека повели !!! Никако, нема да успее во крајната намера да не обезими, да не обезличи и одмакедончи, зашто тоа е засведочено, тоа е трајно, вечно и неменливо! А, РОГОТ ЗАЕВ, за не така долго време, може да му се придружи на Петре Лигушот, на пример.

Уништувањето на еден народ не зависи од една личност или еден центар, колку и да е моќен, туку од народот самиот, од секого од нас !!!

А, апсењата и притворите, ТЕРОРИЗМОТ! Тоа во моментов го живееме …

д-р Анита Ангелевска

(авторот е доктор на Филолошки науки и советник во Советот на Општина Битола од редовите на ВМРО ДПМНЕ)​