ЗА ПАТРИОТИТЕ, РЕВОЛУЦИОНЕРИТЕ И ЗА ИЗМАМНИЦИТЕ

Македонските патриоти, кои ги полнат улиците со мирни собири, музика, пеење и велосипеди, меѓу другото, позитивно демонстрирање патриотска гордост, се позитивен пример за правилен начин да се демонстрира за нешто добро, наспроти т.н. „обоени револуции“ минатата година кои секогаш бесно протестираа против нешто. Двете страни не можат да бидат различни и во своите пораки и во своето претставување. Ова растечко и с` помасовно движење е за тоа да се биде про Македонија – државата, народот (целиот народ), името, идентитетот, а НЕ е за да се биде „антиалбански“ или некоја друга бесмислица, а оние што го тврдат спротивното се едноставно погрешно информирани или се лажговци.

Минатата недела Зоран Заев им рече на македонските патриоти дека нивниот глас е слушнат; тој потоа им наложи да си заминат дома (не ги замоли, им наложи) велејќи: „Го слушнавме нивниот глас, имаме разбирање… сега им испраќам порака, вратете се дома. Доаѓа време за демократски процеси во Македонија, за сериозни реформи и за враќање на животот за сите“. Kолку долго Заев, Шекеринска и нивните другари беа надвор во огромен број во Скопје и на други места и уништуваа јавен имот? Долгата криза во Македонија почна по изборите во април 2014 година, кога СДСМ го бојкотира парламентот. Таа се зголеми кога Заев се обиде да го уцени тогашниот премиер Груевски есента 2014 година, заканувајќи му се дека ќе ги објави неговите т.н. „бомби“ ако Груевски не му ја препушти владата. Остатокот од приказната го знаеме сите. Зошто е сега „време за демократски процеси во Македонија“? Заев почна да ги прекинува тие демократски процеси во април 2014 година и досега не престанаа.

Дури и сега Заев се обидува да ги разјасни сопствените „демократски процеси“ кои ја вклучуваат неговата Тиранска платформа. Изгледа дека веќе почна и да се повлекува од своите ветувања кон Тирана велејќи, според еден медиум, дека промените во полициските и армиските униформи и двојазичните банкноти би биле противуставни. Не знам како ќе го прифати тоа албанскиот премиер Рама. И сега Заев вели дека „лично“ е против промена на македонското име, грбот или националната химна иако тие промени се дел од Тиранската платформа. Истовремено ми е забавно и патетично кога политичарите се обидуваат да се скријат зад „јас лично сум против, но…“. Биди маж, не глушец! Застани зад тоа за што си се согласил! Заев исто така негираше дека ќе поддржи резолуција со која се осудува т.н. српски геноцид против Албанците, а и тоа е дел од Тиранската платформа. Ова несомнено многу ќе го разлути премиерот Рама.

Заев е измамник. Исто како и измамниците во американската влада. Размислете што рече претседателот Трамп на својата инаугурација на 20 јануари: „Ќе бараме пријателство и добра волја со нациите во светот, но ќе го правиме тоа со разбирање дека право на сите нации е да ги стават сопствените интереси на прво место. Не сакаме никому да му го наметнуваме нашиот начин на живеење…“. Па, сепак, на 2 март американскиот амбасадор Бејли рече: „САД беа разочарани вчера кога дознаа дека претседателот Иванов одбил да им го даде мандатот за формирање нова влада на претставници што имаат јасно парламентарно мнозинство. Веруваме дека ова не во согласност со основните демократски принципи и со владеењето на законот, кои се темелни вредности на НАТО“. Изјавата на американската мисија во ОБСЕ беше буквално иста до збор. И двете изјави се неконзистентни со новите политики на претседателот Трамп, кои им дозволуваат на „сите нации да ги стават сопствените интереси на прво место“. Амбасадорот Бејли и персоналот во американската мисија во ОБСЕ се измамници и колку побрзо ќе бидат заминати и заменети, толку подобро.

Друг измамник е Али Ахмети кој продолжува да им кажува на сите дека нема да го претвори ова во етнички проблем. Но, што е Тиранската програма ако не се сведува на етничка група, конкретно на албанската етничка група? Јасно е дека тој не се грижи за другите малцинства кои гордо се нарекуваат себеси Македонци и ја нарекуваат Македонија свој дом. Но ајде за миг да претпоставиме дека Али Ахмети е во право- дека животот на земјата се врти само околу етничките Албанци. Што конкретно во Тиранската платформа се однесува на создавање работни места за македонските Албанци? Одговорот е – ништо! Kако ставањето на албанскиот јазик на македонските банкноти ќе создаде работни места?

Еден мој албански пријател ме критикуваше затоа што инсистирам на платформи на политичките партии што ќе се фокусираат на работни места, велејќи ми: „Аман бе Џејсон! Ти и работните места. Тешко ќе биде да се создадат работни места. Но ние брзо можеме да се согласиме околу некои симболи на толеранција“. На тоа јас, се разбира, одговорив дека „симболите на толеранција не ставаат храна на масата“. Во овој случај мојот пријател само ја канализираше левичарската идеологија- ајде да ги славиме чувствата итн.- нема потреба да се фокусираме на она што навистина им е потребно на семејствата- работни места. Друг пријател ме праша каква економска штета би имало ако се стави албанскиот јазик на македонските банкноти. Веројатно нема да има, одговорив јас, иако ќе биде нанесена штета на други начини и таа тема ниту е потребна ниту е соодветна.

Откако поминаа голем дел од својот професионален живот во меѓународните НВО, таквиот живот ги научи моите погоре споменати пријатели да очекуваат исплати од владата или од меѓународните групи и да бараат се` повеќе и повеќе права. Тие не знаат ништо за личната одговорност ниту за создавањето работни места зашто никогаш не работеле во приватниот сектор што, кога ќе размислиш, одлично ги опишува најголем дел од „обоените револуционери“ и измамниците.

Џејсон МИКО за Дневник

АВТОРОТ Е МЕНАЏЕР ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА ОД АРИЗОНА (САД), И ДОЛГОГОДИШЕН НАБЉУДУВАЧ НА СОСТОЈБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА