ЗА ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ ВО СУДСТВОТО И ИЗГУБЕНИТЕ РЕФОРМАТОРИ

Веќе три години судскиот систем во Република Македонија нема дерман од „реформаторските“ најави на Заев дека ќе вршел нов генерален реизбор на судиите и дека ќе го започнел процесот на европеизирање на македонското судство небаре македонските судии се судии во некоја африканска земја па допрва им е потребна едукација за европските стандарди во работењето. Она што посебно треба да не загрижи ако не и да го посочиме како алармантен момент е леснотијата со која Заев секојдневно или преку прес-конференции или на друг начин, директно или индиректно ги повикува на внимание икривична одговорност судиите и јавните обвинители без да покаже тронка почит кон уставното начело на поделба на власта и кон исто така уставното начело на самостојност и независност на судската функција.

Речиси секојдневно Заев се расфрла со „реформски“ термини за воведување нови стандарди во работењето на судството согласно препораките на овие/оние европски правни експерти замајувајќи ја јавноста дека претходната власт демек вовела лоши стандарди, а тој и неговите експерти ќе вовеле добри стандарди во судството. Крајната цел на ова Заево мантрање е да ја убеди јавноста дека новата власт ќе се зафатела со вистински реформи во судството според вистинскиевропски стандарди и добри практики. И сега за тие што не се доволно или не се воопшто упатени во проблематиката есдесовскиот спинза итна реформа во судството може и да им се чини логичен и нормален чекор што новата влада сака да го направи, но за добро упатените во правото овој евтин политички обид за продавање магла во јавноста еповеќе од трагикомичен и многу опасен.

Целосното девалвирање на работата на македонското судство ми личи на онаа познатата народна фраза „симни го мурто по секоја цена за да си качам мој курто“ како и на Заев добро познатата пазарџиска тактика да ти упатам едно чудо критики и недостатоци на робата што ја продаваш со една цел да ја симнам цената колку што мене ми одговара за на крај да си ја купам целата роба по моја цена, односно бесплатно. За оние што не ја паметат судската реформа што ја започна токму владата на СДС во 2005 година, а потоа ја продолжи владата на ВМРО-ДПМНЕ, да потсетиме. Уставните амандмани што сега му пречат на Заев во неговиот обид за целосна смена во судството беа аминувани и изгласани токму од неговата партија со благослов на сегашната му министерка за одбрана. Токму таа се удираше во гради кога се донесоа уставните амандмани за судството дека Република Македонија со направените судски реформи заслужува да добие кандидатски статус за членство на земјата во ЕУ. Тогаш се фалеше со воведените уставни формулации за независноста и самостојноста на судството, тогаш на никому од СДС не им пречеше новиот начин на избор на членови на Судскиот совет направен според европски терк и правила.Тогаш полни усти фалби имаа дека успеале да воведат модел на Судски совет во земјата според најдобрата и најизбалансираната практика во Европа. Тогаш не им сметаше што го применија европското правило дека еднаш избраните судии имаат траен мандат се до нивното пензионирање, тогаш не им сметаше кога го ставија во системот начелото дека судиите треба да уживаат функционален, но не само и единствено функционален имунитет, дека судиите не смеат да бидат ставени во позиција каде нивната независност или непристрасност може да биде доведена под знак прашање. Тогаш не се спротивставија на принципот “sub judice”кој принцип го содржи правото на секој судија да прави, да одржува баланс меѓу потребата да се заштити судскиот процес и странките во него од секакви можни злоупотреби и тенденциозни скандализирања во јавноста од една страна, но и да гарантира слобода на медиуми и отворена дебата за прашањата од јавен интерес што би можеле да произлезат од случаите, од друга страна. Сето ова пред нешто повеќе од една деценија никој од СДС не го спореше. Напротив. Се правеја важни дека ете конечно сфатиле по мрачниот транзициски период кога насадија во само еден ден над 600 судии во судството по партиски клучдека тоа така не бива и дека се должни да ги почитуваат европските стандарди во делот на судството за да може земјата да оди напред. 12 години потоа, 12 години откако многу од судските стандарди не само што се дел од системот, туку по нив секојдневно се постапува од страна на судиите, Заев и новата „реформска“ влада се обидува да направи некоја нова топла вода за повторно да се наврати на потребата од следење на европските стандарди во судството небаре Македонија прв пат слуша за нив. Заев се однесува како во Македонија никогаш да не се случиле крупни судски реформи и како во земјата никогаш да не постоеле европски стандарди во судските органи. Дополнително на ова, Заев со своите чести изјави за коренито менување на судството ја враќа земјата во 90-те кога не се ни разговараше за потребата од примена на овие стандарди. И згора на се, Заев сега после толку промени и искустваповторно се обидува да ја крши независноста и самостојноста на судството со фактот што од позиција претседател на Влада дава наредби што и како ќе се прави во судството и кои чекори има ниет да ги направи небаре е претседател на Судскиот совет, а не претседател на Владата на РМ.

Судиите со право останаа збунети и загрижени од овој директен упад на извршната власт во нивниот „атар“. Судиите со право велат чекајте ве молам за кои стандарди зборуваме, дали оние што се содржани во Препораката (94) 12 на Советот на Европа каде јасно стои дека изборот на судиите треба да се врши според мерит критериумите имајќи ги предвид стручните квалификации на кандидатите, нивниот личен интегритет, способност и ефикасност, комуникациски способности и вештини,ефикасност во донесувањето одлуки и слично, дали зборуваме за стандардите содржани и објаснети во извештајот на Венецијанската комисија (CDL-AD(2007)028), каде недвосмислено се критикува стариот систем што СДС го практикуваше за избор на судии од страна на пратениците во Собранието кој е оценет како целосно неподобен и опасен по независноста на судството и по проценката на објективните и стручни квалификации на избраните судии, дали Заев зборува за стандардите содржани во Европската повелба како и во Мислењето бр. 1 издадено од Советот на судските совети на Европа каде стриктно стои дека судиите имаат траен мандат и дека трајноста на нивната функција ја засилува судската независност и самостојност. Венецијанската комисија постојано ја поддржува и охрабрува неменливоста на судиите и нивниот траен мандат, додека за преместувањето на судиите од еден во друг суд од еден во друг град смета дека може да биде направено само во исклучителни случаи.

Судиите со право прашуваат на кои точно европски стандарди мисли Заев и неговата му Влада. Да не ја утнале работата, да не забегале во друга област па од толку многу размислувања за срочувања „патокази“, од толку многу европски агенди и европски акциски планови да не случајно им се завртело во умот на сите од толку многу стандарди па наместо судски да гледале стандарди во сферата на воздухопловството. Се бива, се се случува. И од многу реформатори на крај „р“ од реформа нема да видиме.

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска