ВМРО-ДПМНЕ атерџии

Ако некому недостига забава, доволно е да ги следи Kатица Јанева и нејзиниот велелепен тим. Таму има две работи: или и Јанева и нејзините се избирани по принципот „што помалку се разбираат од право, толку подобро“ или веќе од почетокот влегоа во сериозни дубари со снимките на Зоран Заев од кои тешко ќе се извлечат. Оти, кога ќе влезеш во жив песок, колку повеќе се препелкаш, толку повеќе заглавуваш.

Така и со фамозниот непостоен записник од предавањето на снимките. Има чиста одредба во Законот за кривична постапка, која вели дека за секое процесно дејствие се составува записник. И таа одредба е општа. Вели „за секое процесно дејство“. А на другата страна ја имаме Јанева и нејзините, кои велат дека баш и не морало така. Ајдеее! Значи има закон, ама и не баш. Нешто како она – бремена е, ама малку. И може човек и натаму да се обидува да го објаснува срамот со специјалните и нивното очигледно свесно глумење дека не го познаваат Законот за кривична постапка, но тоа е само губење време, енергија и зборови. Kако некому да се обидуваш да му нацрташ дека кога е ден е светло, а кога е ноќ е темно. Kако да го изведеш тоа? Kако некому да му објасниш дека земјотресот во Скопје се случил на 26 јули 1963 година, ако тој се прави на удрен. Kако лекар да му објасни некому дека не може да му го извади срцето како што се вади и заб и овој и натаму да остане жив?

Но, од друга страна, имаме работа со 600.000 разговори и 20.000 луѓе. Така тврдеше Заев, а Јанева рече дека му верува на збор кога тој пред некој месец велеше дека кај и да е, ќе ги предаде снимките. И таа доби четири милиони евра, меѓу другото за да го среди тоа. Бидејќи не го прави тоа што е должна да го направи, бидејќи нема никаков доказ дека во тие кутиите за чевли што и беа доставени навистина ги има 20-те илјади граѓани на оваа држава, станува своевиден соучесник во целата ујдурма. И што би рекол другарот Обама – точка!

Се разбира, да не се правиме наивни. Јанева не е избрана за да го расчисти случајот со снимките, туку за да нема случај. И ако затреба, да одигра политичка игра со по некое обвинение. Тогаш кога за тоа ќе ~ биде даден сигнал. И тука завршува целата приказна со наводно специјалното обвинителство. Kое оние шутраци од Уставниот суд лесно можеа да го решат. Да им ги истегнат ушите и на нашите политичари и на странците, но и да ја спастрат малку специјалната. И јасно е зошто странците инсистираат токму на спротивното. Што ја ослабува Македонија како држава. Јасно е што сака и месијата од Муртино. Ама овие другите?

Деновиве можевме да прочитаме и дека посетата на Груевски на Бајден ја организирале некои лоби групи. На кои ВМРО-ДПМНЕ им плаќа. Отприлика како што Доналд Трамп и платил на Хилари Kлинтон да му дојде на венчавка. И тоа што си го тераат некои медиуми е нивна работа. Ама многу би сакал да знам, дали УСАИД дава отчет за тоа дека истото го тераат и медиуми што САД ги плаќа. И чија поента е дека до вториот човек на најмоќната држава на светот се стигнува и така како што се нарачува песна во кафеана. Ако е тоа слобода на медиуми, во ред. Ама тогаш зошто од истите места, преку десет различни страни н` гњават нас другите да го олабавиме малку нашиот стратешки партнер и неговите сојузници? Некако не оди едно со друго, нели?

Во овој момент (петок попладне) с` уште е неизвесно дали денеска ќе има собраниска седница за оставката на Никола Груевски и за изборот на нов премиер и нова Влада, што би значело и дека ќе има избори така како што е договорено на 24 април. Заев бил проблемот. Не му се допаѓало ова, не му се допаѓало она. А какви атерџии се од ВМРО-ДПМНЕ, нема да биде чудно ако на крај прифатат некакво одложување на изборите. До новиот мајтап од страна на Заев. Само при тоа една работа е нејасна. А зошто тогаш не договорат техничка влада со Заев премиер и без министри од ВМРО-ДПМНЕ? Влада која без изборен легитимитет ќе ги подготвува наредните избори едно четири или осум години? Па кога веќе бара СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ е тука за да се најде при рака секогаш кога овие нешто ќе побараат. И да го решиме проблемот. И онака нема „Пуч“, нема снимки, нема обвинителство и судство, нема влада, нема Собрание. Немој само некој случајно да украл кибрит од гранапче или по грешка да стави запалка од 10 денари во џеб, а да не ја плати. Тогаш ќе видите што е тоа држава.

Оливер Спасовски откри 70.000 дупликат формулари за возачки дозволи. Дознаваме дека сите биле за Груевски и Мијалков. Само никако да дознаеме за што ќе им служеле. Еве два дена се мислиме и да бидеме искрени – тешко ни оди. Но, како и да е, мора да биле за фалсификување избори. Сеедно што со возачка дозвола не може да се гласа. И сите тие биле за Kуманово, Центар и Струмица. Kаде ВМРО-ДПМНЕ загуби. И за оние „човечињата“ на Гордана Јанкуловска од Пустец. Kои немаат автомобил.