Владеење на правото или криминал-изборот е наш!

Македонија е пред нов изборен процес. „Побогати“ со видените и доживеани криминални дејствија и активности одпарламентарните избори 2016 година, кои за жал немаа ниту судска, ниту каква било друга разрешница поради промената на власта, логично си го поставуваме прашањето-дали во Македонија конечно ќе се случи вистинска изборна демократија, или повторно ќе бидеме сведоци на криминал?

За каква правна држава и какво владеење на правото зборува власта когасе дрзнува да ослободува осудени криминалци од затворите само поради пренатрупаност на затворските капацитети?За какво владеење на правото зборува власта кога полиција сред бел дендобива наредба да впери пиштол на кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Кавадараци без никаква причина, и без правен основ, само власта си знае. За каква правна држава зборува власта кога надлежните неколку дена молчат и не преземаат ништо за утврдување одговорност на дрските полициски службеници.

За каква правна држава зборува власта кога поради различно искажано мислење или став од нејзиниот вработени добиваат ќотек од надредените, добиваат отказ од работа, се симнуваат неколку нивоа подолу во работните позиции, се добива секојдневно малтретирање во служба и класичен владин мобинг?

За кој Устав, и за кои закони зборуваат СДС и ДУИ дека владејат во државата. Дали можеби овие две партии си имаат некој свој правен системразличен од државниот?

Партиите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Се обврзаа дека нема да користат државен имот, канцелариски простории, канцелариска опрема, ниту службени возила за време на изборната кампања. Потпишаа и се обврзаа дека нема да заплашуваат гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица за потребите на изборната кампања.

Потпишаа и се обврзаа дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.

Потпишаа и се обврзаа дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат.

Да потсетиме дека потпишаното не е само дел од некаков про форма и незадолжителен Кодекс, туку е обврска што произлегува од почитувањето на Кривичниот законик на РМ. Секоја употреба на сила или примена на насилство врз изборните кандидати и членовите на нивните семејства, врз членовите на изборната администрација, и врз гласачите, секоја сериозна закана врз нив, секоја измама, секој притисок или обид за притисок врз слободата на определувањето на избирачите, секоја форма на заплашување на гласачите, секое давање или ветување подарок или друга корист со намера да се придобие гласачот да гласа или да не гласа за одредена партија, секоја повреда на тајноста на избирачкото право на граѓанинот, секое уништување, прикривање или оштетување на изборен материјал, и секоја злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања се кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од една до најмалку пет години.

Кривичните дела против изборите не можат да бидат предмет на амнестија, ниту на помилување. Секој сторител на вакви кривични дела ќе мора да одлежи казна затвор без да се надева дека ќе биде помилуван или амнестиран од страна на власта. А власта е менлива и минлива категорија. Денес си власт, утре не си. Сите евентуални сторители на кривични дела од изборите и гласањето ќе бидат казнети.

Токму затоа, граѓани на РМ, бидете будни, бидете подготвени, следете ги сите активности и дејствија во текот на изборната кампања, на денот на изборите, но и по денот на изборите, и пријавете ги сите незаконитости, сите кривични дела сторени против вас, или против вашите најблиски.

Изборната демократија, како и демократијата воопшто е наше најголемо право, но и наша најголема одговорност!

Колку сме поподготвени да се бориме со изборниот криминал, толку криминалците ќе останат без простор за делување!

Македонија заслужува вистинска демократија!

Демократија заснована на работа, на повисок стандард, на нови работни места, на нови инвестиции, на одговорност, на отчетност, на професионалност! Во демократијата место во власта, локална или централна сеедно, не смее да има за криминални банди, за луѓе од подземјето, за убијци, за трговци со луѓе, дрога, оружје, пари, за фалсификатори, за предавници!