ВЛАДА ВО НАЈАВА СО ПОТРОШЕН ЛЕГИТИМИТЕТ

Не може одржливо да се владее без политички легитимитет. Ниту во Македонија ниту во другите земји. Едноставно, легитимитетот не се наметнува со сила. Со сила убавина не бива.

Доволно е да се видат неколку примери последниве 15 години во Македонија и лесно се доаѓа до тој заклучок. Значи, оваа нелегитимна влада во најава на Зоран Заев однапред е осудена на неуспех, нестабилност и силен отпор од граѓаните.

Да, прв пат во Македонија се случува да имаме Влада во најава, а истата уште пред да биде составена се соочува со полни улици и плоштади како јавен и силен протест кон нејзината програма, намери и агенда.

Владата во најава на СДСМ кадровски с` уште не е соопштена, но кажан е темелот на нејзиното дејствување преку триранската платформа. И, тука почнува еден голем, крупен, фундаментален проблем во македонското општество. Не меѓу партиите или во парламентот, туку еден голем проблем во општеството затоа што народот едноставно не се согласува со сето тоа.

Доволно е да се погледнат два примера во делот на легитимитетот и поддршката во јавноста. Едниот е од 2002 година, а вториот е од 2006 година. Одиме по ред.

СДСМ ги доби изборите на 15 септември 2002 година, после предизвикана војна во 2001 година и после ветувањето за едно вработување во секое семејство. Патем, тоа се единствените парламентарни избори последниве 72 години што СДСМ ги добил преку избори и гласање.

Kоалицијата на СДСМ тој 15 септември 2002 година доби 60 пратеници, а коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 33 пратеници. СДСМ предводен од Бранко Црвенковски ја состави владата. По загинувањето на Борис Трајковски, Црвенковски си замина од премиерската функција, а го наследија Хари Kостов и Владо Бучковски.

И, не беше лесно да се победи СДСМ во периодот од 2002 до 2006 година. Иако направи коалиција со ДУИ во постконфликтната 2002 година, тогашниот СДСМ ја задржа предноста во рејтингот пред ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ и Бранко Црвенковски имаа предност во првиот круг на претседателските избори во 2004 година пред ВМРО- ДПМНЕ и Сашко Kедев. Вториот круг беше целосен фалсификат, насилство и полнење на кутиите, кое го верификува ДИK на Стево Пендаровски.

Следуваше катастрофалната територијална поделба со големи последици врз Скопје, Струга и Kичево, плус се укинаа еден куп општини. На референдумот во ноември 2004 година излегоа околу 454.000 гласачи. Тоа беше критичната маса што се формира како опозиција што навестуваше проблеми за СДСМ.

Следуваа локалните избори во 2005 година. ВМРО-ДПМНЕ ги чувствуваше последиците од внатрешната поделба, но освои голем број важни општини, а СДСМ сепак имаше повеќе гласови и поголем број општини. СДСМ беше ослабен, но с` уште силен. Следуваше договорот со ЕУ и продажбата на ЕСМ. СДСМ паѓаше, но бавно.

Рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се изедначија дури некаде во декември 2005 година или во јануари 2006 година. Беа потребни повеќе од 3 долги години во јавноста да се делегитимитира власта на тогашниот СДСМ.

После тоа рејтингот на СДСМ продолжи да паѓа, дојде отцепувањето на Тито Петковски и дојдоа резултатите на 5 јули 2006 година. ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата освои 45 пратеници, а СДСМ 33.

А сега? Сега СДСМ с` уште не ја составил нелегитимната влада, а веќе има бунт, револт и мирно востание на улиците. Владата уште не е изгласана, а веќе е падната. Од тоа не може ништо добро да излезе, ако пучистите од СДСМ решат да продолжат да одат тврдоглаво и на сила.

Уште еден пример. ВМРО-ДПМНЕ ја состави владата во август 2006 година. Беа потребни долги 10 години додека рејтингот на СДСМ да почне да расте и да се наближува кон ВМРО-ДПМНЕ, иако е јасна предноста во полза на ВМРО.

Сепак, со постојаните протести, кризи, перипетии и политички тензии, беше многу тешко Владата да работи и дејствува во таа кризна 2016 година, особено во делот на економијата и инвестициите.

Но, заклучокот е јасен: на СДСМ му беа потребни дури 10 години посилно и посериозно да ја загрози владата на ВМРО-ДПМНЕ, со целата поддршка и логистика што ја добија од разни адреси.

И, истиот заклучок како и погоре. Овој режим во најава на СДСМ и Зоран Заев со нивната најавена влада едноставно нема да може да функционира од првиот ден, затоа што отпорот и анимозитетот на јавноста е голем и се засилува.

Нивната влада с` уште не е избрана, а веќе е делегитимирана. На СДСМ со Црвенковски му беа потребни 3 години да го потроши политичкиот рејтинг и легитимитет од 2002 до крајот на 2005 година.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ помина 10 години од 2006 година, додека СДСМ да се приближи до рејтингот на ВМРО- ДПМНЕ преку интервенцијата во изборниот инженеринг и целата операција на изборите во декември 2016 година. Но, и покрај целата помош, целата поддршка и целата операција, Заев и СДСМ беа поразени од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Истиот тој рејтинг и политички (не)легитимитет, Заев и СДСМ го потрошија за 3 недели. Фатени во инфлацијата на еден куп лажни ветувања, заедно со тиранската платформа и еден куп други аранжмани, го загубија народот од својот виедеокруг.

Ги помножија со нула и народот, и државноста на Македонија, и уставниот поредок. Влегоа во аранжмани на создавање парламентарно мнозинство по секоја цена, без за тоа да добијат гласови, поддршка и легитимитет

Затоа сега доаѓа одговорот. Затоа улиците се полни. Затоа реакцијата е силна. Таквата влада може да го има легалитетот на бројките во Собранието, но никако не може да го има народниот легитимитет, затоа што народот едноставно не гласал за оваа лакрдија и оваа изборна измама.

На тој начин едноставно не може да се владее, ниту може да се надмине кризата. Напротив, така отпорот на огромното мнозинство на македонски граѓани кон нелегитимната влада само ќе се засилува.

За крај, честит Велигден и за многу години. Поминале многу облаци, ќе поминат и овие. Христос воскресна, навистина воскресна!

Влатко ЃОРЧЕВ