среда, 25. април 2018. Вести денес: 56
home Колумни

Вазалски примитивизам на Зоран Заев

Вазалски примитивизам на Зоран Заев

Зоран Заев со согласноста за меѓународна истрага за случајот “Диво насеље”  грубо го повреди  Уставот и недопуштено се меша во  работата на судската власт.

Според амандман XXV од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Зоран Заев во својство на Претседател на Владата на Македонија, во Приштина на средбата со премиерот на Република Косово г. Рамуш Харадинај грубо го повреди Уставот на Македонија и темелните уставни и законски одредби за самостојноста и независноста на судската власт.

Зоран Заев го минира судскиот систем и го девалвира целиот правен систем

Зоран Заев за случајот “Дива населба” најавува меѓународна истрага!?. Изјавува дека во случајот „Се работи за ситуација во која граѓаните на двете земји заслужуваат да ја знаат целата вистина. Имаме заеднички став дека треба да има меѓународна истрага или поканети меѓународни претставници кои ќе ги соочат сите елементи и ќе ги дадат одговорите на сите прашања кои ги заслужуваат граѓаните и од Косово и од Македонија“.

Ова е просто невероватно и зачудувачки! Како може Претседател на Влада да бара и да се согласува со меѓународна истрага за случај за кој се спроведува кривична постапка поведена по барање на надлежниот јавен обвинител и за кој е донесена првостепена пресуда од страна на надлежниот Основнен суд Скопје 1, согласно Уставот и законите на Република Македонија.? Кој го овласти да се става во положба на истражител, обвинител и судија. Кој го овласти тешко да го навредува судството за кое нема никакво почитување? Тој се става во положба на врховна и единстевена власт во Република Македонија, како апсолутен господар, за кого не важи ниту Устав ниту закон.

Претседателот Владата како носител на извршната власт, нема никакви овластувања да се меша во работата на судството. Тој грубо ја злоупотребува положбата и го деградира целиот судскиот систем на Република Македонија. Има ли некој да му каже, од цела плејада советници што ги има, дека со вакви небулозни изјави тотално го девалвира не само судскиот, туку и целиот правен систем на државата.

Што е Република Македонија?

Што е Република Македонија? Протекторат или е под принудна управа, или уште нешто подолу од тоа? Ваков недоличен вазалски примитивизам е срам за целиот народ, срам за граѓаните на Република Македонија. Ова е невиден срам што му го нанесува Зоран Заев на судството и јавното обвинителство, на кои органи на кривичното гонење им изразува целосна недоверба. Тоа што бара меѓународна истрага, значи дека во Република Македонија нема ниту еден способен орган, нема ниту полиција, ниту јавното обвинителство, ниту судство, ниту форензичари кои се способни да спроведат истрага за едно тешко тероритичко дело, за настан во кој загинаа 8 припадници на полицијата и окулу 40 се повредени, од кои повеќе од половината со многу тешки доживотни последици.

Како сето ова ќе се одрази на судијата, кој една и пол година го судеше предметот и кој треба да ја напише пресудата, каква порака се праќа на повисокиот суд, кој треба да одлучува по жалби и кој според ова согласност за меѓународна истрага, не треба многу да размислува да ја укине пресудата, независно од фактите и доказите за стореното кривично дело? Како ова ќе се одрази на семејствата на погинатите полицајци, на нивните најблиски, на родителите, децата, на повредените полицајци кои го жртвуваа животот за одбрана на државата?

Она што може во најмала рака да го стори Зоран Заев  е без одлагање да се извини за ова срамна согласност за меѓународна истрага за случај за кој  се води легитимна постапка од надлежните органи во Република Македонија и за недопуштеното противуставно мешање во работата на судската власт.

Ќе има ли доблест тоа да го стори? Срамно, многу срамно и бедно.