УШТЕ КОЛКУ ВЕЛЕПРЕДАВНИЧКИ ЛАГИ ЌЕ СЛУШНЕМЕ ОД ЗАЕВ?

По дваесетина дена тајни преговори во Мала Речица, Заев вчера од Сараево на комичен српски јазик не просветли дека во Република Македонија, согласно Уставот, сме имале два службени јазика. Првиот бил македонскиот, а вториот албанскиот јазик. И да не беше ова кажано од црпнатиот лидер на СДСМ сите ќе мислевме дека станува збор за шега што доаѓа од устата на некој полуписмен човек кој чул ама не дочул, кој нешто прочитал ама не допрочитал целосно. Но, трагедијата на Македонците е во тоа што оваа изјавадоаѓа ни помалку ни повеќе, туку од лидер на најголемата опозициска партија во земјава која спотната со сите расположливи сили, со цела држава натоварена на коњот за продажба, евесе токми да ни биде власт, или според зборовите на Заев,„за десет до петнаесет дена ќе бидам премиер на државата“. Исусе боже што ли се чува и трпи оваа наша напатена држава.

Овој човек како да не слушнал дека лидерската позиција на која е натопорен му носи десетократно поголема политичка и севкупна одговорност за секој кажан збор во јавноста. Овој човек навистина не може да се контролира во сопствената  еуфорија па не знам дали го приметивте човекот што стоеше до него вчера на говорницата како со неверување и чудење го гледаше нашиов Заев кога ја објаснуваше небулозата за двата јазика како службени во РМ. Му дојде да прсне од смеење, ама пустото од култура и од позицијата што ја има се воздржа. Но, промената во ликот не можеше да го сокрие.

Вчерашниот заклучок на Заев промовиран во Сараево е дека ете ние во земјава, повторно да сме ти биле во заблуда и сме ти биле неиформирани дека согласно Уставот во РМ имало два службени јазика. Не знам како не се најде некој писмен новинар на прес-конференцијата па да го прашаше црни Зајко зошто тогаш преговараше со Али енд д компани во Мала Речица со толкава мистериозност и тајност повеќе од дваесет дена ако Уставот е јасен и ако Уставот предвидува дека во РМ имаме два службени јазика на територијата на целата држава? Зошто тогаш СДСМ и ДУИ ги организираа сите тие состаноци на „експертски“ групи, разно-разни консултации и слични активности ако работата е веќе утврдена во Уставот како што Заев несмасно вчера се обиде да ги излаже сите? Па кај се обидува да не излаже нас Македонците, па уште и босанците ги дезинформира и стави во заблуда. Да имаше можност Заев вчера ќе се самопрогласеше и за најградоначалник на Сараево, око немаше да му трепне. Ама ќе беше многу, плус за атер на домаќинот кој за да го спаси од уште едно судско рочиште ете му стокми и награда, иако не се познати критериумите според кои се добива наградата. Сепак, очигледно и тие „критериуми“му биле по мерка на нашиов опозициски лидер.

Да се вратам на заклучокот на Заев за двата службени јазика во Уставот на РМ. Ваквиот заклучок може да пројде само кај оние кои му веруваат на Заев (ако после се што направи овој човек се уште има такви), и истиот го сметам за грчевит обид на овој политичар да го прикриевелепредавството што и го наумил на државата и на сите македонски граѓани. Вистината е следнава.

Согласно АМАНДМАН V од Уставот на РМ има само еден службен јазик на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, а тоа е македонскиот јазик, и само едно службено писмо, а тоа е крилиското писмо.Ако Заев ја зборува вистината дека во РМ постојат два службени јазика на територијата на цела држава тогаш воопшто немаше потреба да преговара со ДУИ.  И второ, вистината околу службениот карактер на албанскиот јазик е сосема поинаква од она што Заев ни го сервира и сака да ни го продаде. Во вториот став од Амандман 5 од Уставот стои дека „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“. Никаде во вториот став не стои дека тоа е албанскиот јазик, туку пишува „друг јазик“, при штомногу прецизно е дефиниран и опсегот на примената на тој „друг јазик“ во секојдневниот живот. А опсегот е следен: личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се издаваат на македонски јазик, и неговото писмо, како и на тојдруг јазик и неговото писмо во согласност со закон. Понатаму, кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во којанајмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот.

Исто така, во амандманот 5 натаму стои дека секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. Во органите на државната власт во РМ службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.

Каде настанува најголемиот проблем кога се чита текстот на уставната норма? Албанските партии и нивните експерти кога ја анализираат содржината на амандманот 5 од Уставот не ја читаат таа содржина интегрално, од првиот до последниот став, туку парцијално, став по став онака како што повеќе им одговара, и влечат погрешни заклучоци, бидејќи читањето им е парцијално. Забораваат дека во секоја уставна, како и законска норма најважното се дефинира во првиот став, а потоа во наредните ставови се доразработуваат другите прашања кои секогаш мора да бидат во согласност со првиот став.

Ако во првиот став на Амандман 5 прецизно стои дека на целата територија во РМ и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, тогаш тоа е така, и никако поинаку. Вториот став е дека друг јазик различен од македонскиот, а што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, КАКО ШТО Е ОПРЕДЕЛЕНО СО ОВОЈ ЧЛЕН. Тоа што е определено со овој член не е дека албанскиот јазик е службен јазик на цела територија на РМ. Вториот став мора да се чита заедно со првиот и со сите останати ставови во амандманот, а не надвор од нив.

Службената употреба на друг јазик различен од македонскиот јазик е димензионирана во амандманот 5 во содржината на ставовите 1, 3, 4, 5 и 6 и ништо повеќе од тоа. Ова значи дека изедначувањето на двата јазика како службени на целата територија на државата не е можно, и секој таков обид е спротивен на Уставот.

Исто така, она што албанските партии сакаат да го стават на страна е разликата што постои во теоријата и во праксата меѓу индивидуалните права на граѓаните, и колективните права на малцинствата. Во нашиот Устав се зборува за остварување на индивидуални права на граѓаните да комуницираат на својот мајчин јазик таму каде што согласно Уставот им е дозволено и овозможено. Овозможувањето да се оствари некое индивидуално право на граѓанинот од страна на државата, односно конкретно право да употреби различен јазик од службениот во комуникацијата со државните органи не смее да се чита какоправо на националните малцинства по автоматизам да го наметнуваат правото на употреба на нивниот јазик како службен јазик на цела територија на државата како нивно колективно право. Ваквото читање на Уставот е спротивно не само на тоа што во него е напишано, тукуи на сите меѓународни и европски документи кои ги штитат правата на малцинските јазици. Оттука, секое натамошно релативизирање и заобиколување на Уставот од страна на Заев е намерно туркање на уставно-правниот систем на државата во бездна. Тоа секако Македонците нема да го дозволат. И Заев мора да го знае ова!

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска