Тој плаче, Гоце Делчев плаче

(На сон ми дојдоа татко ми Гога, дедо ми Сота, прадедо ми Димко, и сите до еден ме прашаа: Каква е оваа заедничка историја со Бугарија? Зарем навистина заедно со Бугарите и бај Борисов, ќе го чествувате нашиот светол Втори Август, нашиот симбол ден –  Илинден? Знае ли Заев во каква авантура влегува, а и сите нас од Македонија не втурнува? Па синко бре, за ниту еден Македонец во светот, Илинден не е само обичен датум во календарот. Тој е посебно место во срцето – СРЦЕТО МАКЕДОНСКО. Синко, немој никогаш да заборавиш две работи: Прво, се што за нас Македонците и за Македонија направи Гоце Делчев, што значи не заборавај ја неговата голема саможртва, и второ, немој никогаш, за било која цена да го посрамиш, и не дај боже издадеш, твојот ген од револуционерно Крушево. И…прво што ми текна е есејот за Гоце Делчев – ‘’Тој плаче’’).

Гоце Делчев загина одамна… (Поминаа 114 години од тој крвав и издајнички чин. Ние денешните Македонци, сме една од многуте генерации, која треба да го продолжи неговото дело. Ова особено се однесува на младите. Забелешката е на С.К.). Затоа на нив сакам да им кажам неколку збора за човекот, којшто од се најмногу ги сакаше и најмногу им веруваше на младите револуционери, затоа што само во нивната чиста душа тој гледаше дека се врежуваат длабоко и трајно чистите идеи на ослободителното револуционерно движење. Сакам да им кажам на македонските младинци… дека Гоце Делчев може да биде за нив светло знаме, така како што беше тој за нас – младите од онаа епоха, дека Гоце Делчев може да им биде патоводната ѕвезда на сите, коишто, особено денес, се воодушевуваат од неговите идеи и од неговиот пример.

…. Гоце Делчев пред очите ни падна убиен во селото Баница. Од паметта ни исчезнуваат веќе многу од спомените за битката, која ни го одзема најголемиот човек на Македонија…. Но од останатите живи од учесниците во таа битка, нема да ја заборавиме и до својата последна минута позата на Гоце, откако куршумите веќе му ги беа раскинале градите. Речиси цело деноноќие ние како покосени го набљудувавме својот водач, легнат чиниш жив со наведната кон земја глава. Тој божем плачеше над својата судбина, над судбината на сите паднати како него, над судбината на цела Македонија. И кога настапи часот и за нас да умираме или да излеземе од огнениот обрач, ние во мислите се простивме за момент со него и го оставивме… да плаче. За нас, коишто го оставивме, тој и сега е таму на исто место, во иста положба, тој и денес плаче над своето лобно место, каде што го оставивме.

И има за што да плаче…

Гоце плаче не за тоа дека умре толку рано, дека го лиши своето телесно постоење од учество во настапувачките главоломни настани, туку плаче за тоа дека и сега… Македонија продолжува уште да мечтае и да жедува за својот идеал, но не и да се радува на слободата, за која беше готвена и готова да загине цела. Гоце плаче за тоа што без примерниот илинденски хероизам на неговата Татковина заврши со разурнување. Плаче, затоа што таа свештена усилба на боречката Македонија беше испреварена од фаталната намеса на една државничка стихија, против која што тој сам водеше најупорна и најчесна борба, но која што макар на победна, успеа да ја наштрцка во организмот на ослободителното дело на разрушувањето.

Гоце плаче, затоа што во текот на 1908 година, истата таа државничка разурнувачка стихија го осуети моќниот стремеж на македонското население да се ослободи потполно и бесправно од секаков политички, економски и национален гнет. Наместо да го потпоможат овој стремеж, “родните“ покровители на македонските Бугари по еден “братски“ начин го прогласија од Софија Фердинанда за нивен цар, за цар и на Македонија…

И ја обрекоа на погибел.

Гоце плаче, затоа што во текот на 1912 година, оние кои што го продолжија разурнувачкото дело од 1908 година, пристапија фактички кон разурнување на историските копнежи на Македонија, кон уништувањето на идејата за одделно и независно нејзино постоење и преку осветувањето на одамна замислените грабежнички и дележнички аспирации, и ја овенчаа главата на нашата страдалничка Татковина со првата страшна катастрофа.

И ги закопаа парчињата од нејзиниот страдалнички труп.

Гоце плаче, затоа што од пет години па наваму, покрај грозотијата и тежината на извршените кон неговата татковина огромни престапи и одговорности, управувачките партии и класи во свое законито наследство, готови секогаш да го заложуваат и да го разменуваат, следејќи ги оние патишта, кои ја обрекоа и ја доведоа до распукнување и погибел, а пак за вратка од исполнувањето на таа своја политика, сакаат преку заблуда, измамништво и насскување кон братоубиства и бесрамни клевети, да ја имаат поддршката што со тоа да ископаа длабока пропаст меѓу неа и бугарскиот народ.

Плаче Гоце и има зошто да плаче.

Тој оплакува една долга и исткаена од ужаси и трагедии за Македонија дваесет годишна крвава епоха по својата смрт.

Плаче и реди тој, легнат на своето лобно место во Баница, туку не заради тоа да плачеме и редиме ние, кои што уште сме живи, не за да плачат и редат синовите на неговата Татковина, не за да плачат и редат новите борци за неа, а да видиме откако ги слушнеме, во оплакувањата на Гоце, едно знаме, на кое е напишано со неговите свештени солзи: борба, борба и борба против сите нови македонски султани и сатрапи, но и борба против онаа разурнувачка стихија, која што ја исполни историјата на нашата татковина со толку ужаси и разорувања во текот на двете десетлетија по Величествената Илинденска епопеја, но која не се откажува и нема да се откаже од разурнувачкото дело.

Ете за ова имено плаче Гоце. Тој плаче имено за таква борба и на неговиот плач веќе му се одзиваат љубените негови македонски младинци, во кои е и нашата надеж. Влијанието и дејството на отровот прскан среде младината веќе опаѓа и исчезнува. Ние со радост го одбележуваме настапувањето на една сепобедна и жизнерадосна пролет во делото, во борбите кај борците.

Плачот на Гоце нека ја разотвори потполно таа долго очекувана пролет и нека во најблиско време одново да си подадеме сите братска рака, како синови на Македонија, така како што некогаш околу Гоцета се чувствувавме како една челад и социјалисти и анархисти и националисти, затоа што мислевме и дејствувавме само како Македонци, сите до еден и сите како еден.

Тоа братство, таа еднодушност и тоа еднодејство се особено неопходни денес и многу понеопходни денес, отколку кога и да било. Само така братски сплотени за единствена борба во името на Гоцевиот идеал и проникнати од Гоцевите крикови, ние македонските емигранти и дејатели од сите возрасти и гледања ќе го повратиме назад и ќе го извадиме врз тврдо тло пропаднатото во калта тркало на нашето дело, заедно со кое ќе го вратиме кон него и кон нас силно оштетената приврзаност на поголемиот дел од бугарскиот народ.

Го повикувам духот на Гоце, за да ни послужи тој како моќна повелба за потполно мирување на разијдените браќа и за потполно и сестрано откинување од ноктите и мрежата на онаа политика, чии “родни“ носители придонесоа најмногу за раскинувањето и разорувањето на Македонија, и кои денес продолжуваат со преднамера да поттурнуваат крвави ненависти и страсти помеѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја заштитиме од нови заговори и предателства.

Браќа, другари, сестри и особено млади!

Сите по патот и примерот на Гоце! Сите под едно знаме! Сите во служба на татковината! За неа да се бориме! За неа и да умреме.

За тоа плаче тој…

Илинденец,  1924 година 

 

П.С. 

И сега, од кога тоа Бугарија и Грција го имале клучот од европската порта за влез на Македонија во ЕУ? Ципрас му вели на Заев да го заборави минатото, Борисов му соопштува дека тоа за Македонија, пред 1991 година и не постои, а тој среќен, пресреќен, пронашол искрени партнери кои ќе не внесат во унијата. Има ли некој да му каже дека одамна би огреало во Македонија, како и насекаде каде што има потреба,  сонцето на слободата, ако дипломатијата ја движеше човекољубието(Димо Хаџи Димов). И да не заборавиме: Илинден 1903 е наш духовен вруток и двигател! Илинден 1944 е неговото дирекно отелотворување! Илинден 1903, е наш историски мит! Илинден 1944, е наша историска победа! Ако не верува или заборавил, нека го праша Бранко Црвенковски. Тој ги изговори овие зборови, кога славевме 60 години АСНОМ (претходно и 100 години Илинден), без Бугарите и без дошепнувања за откажување од минатото од Грција. И за крај: И денес, како и од дамнина, во Македонија живеат Македонци, кои зборуваат македонски јазик. И сите се свои на своето! Македонија е нашата единствена татковина. Таа е и наш избор и наша судбина. И наше минато и наша иднина. Како може да си го заборавиме минатото, а да сме одговорни за иднината?

Сотир Костов