Стрелачки вод!

Знаете ли што е најлошото во аферата Анѓушев? Најлошото е тоа што тој абер нема дека тоа што го прави е недозволиво. Се откажал од управувањето во фирмата, но сопственик е тој, брат му и уште два содружници. За управување во фирма се добива плата и во зависност од резултатите од работењето, се добива и бонус. За сопственост во фирма се добива дивиденда. Потпретседателот на Владата Анѓушев јавно кажа дека плата не зема од владата но сепак, човекот мора од нешто да живее. Тој значи живее од дивиденда. А, неговата фирма од зделката вредна 6 милиони евра со ЕЛЕМ ќе оствари профит и аналогно на тоа, поделба на дивиденда на четирите содружници.

Ова уште повеќе го усложнува неговиот обид да се повикува на законските норми, кои се однесуваат само на управувањето, но не и на сопственоста. Законодавецот ова не го предвидел затоа што веројатно претпоставувал дека некој како основач на фирма, нема да се дрзне да седи во министерска фотелја и да прави бизнис зделки со акционерските друштва во владина сопственост, со фондовите, јавните институции, министерствата, и се она што е во состав на владата согласно Законот за организација на Влада.

Очигледно потпретседателот на Владата Анѓушев сака ем да везе, ем да преде, ем бостан да чува. Е така, потпретседателе, не може!

Замислете секој министер да си формира фирма со дејноста која што тој ја обавува. На пример, министерот за култура да си има продукциска куќа на која што неговото министерство ќе му финансира филм од 2-3 милиони евра. Или пак на пример, министерот за екологија да има сопствена консултантска куќа која ќе прави еколошка стратегија за Р.Македонија согласно просторниот план на државата. Или пак, директорот на АД во државна сопственост ПУИК да си формира градежна фирма или пак фирма за одржување на објектите кои што се во негова сопственост, и тоа да го прави неговата фирма. Директорот на фонд за здравство да си има сопствена веледрогерија и од нејзе да купува лекови за Министерството за здравство. Што би рекла јавноста, кога 83 градоначалници би си формирале градежни фирми и секој да си конкурира во општината и да си добива тендери. И тоа, согласно законот.

Секој од наведените раководители на овие институции би рекол, ако може потпретседателот на владата, можам и јас.

Аргументите што ги дава Анѓушев, воопшто не држат и не е добро повеќе да се резили и тој и новата Влада. Замислете, за оваа влада речиси и да нема аналитичар, или објективен критичар кој ќе даде преодна оценка за работата во првите 100 дена. Наместо да се борат за решавање на проблемите на граѓаните, тие прво поитаа да не им пропаднат, или да не трпат нивните сопствени бизниси.

Така Вицето си купи 22% од акциите на „Герас Цунев“, или како тоа стручно се нарекува – се докапитализира. Се слуша и дека е купена Стоковната куќа во Струмица од истиот клан.

Точно е дека имаше луѓе кои патолошки имаат омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Но, има и луѓе кои си ја сакаат државата и сакаат да владее ред и поредок и излегоа да гласаат со цел да казнат некои недоследности во владеењето на претходната гарнитура. Што мислите, како се чувствуваат сега овие граѓани кои немаат розови партиски очила, туку објективно гледаат на сите позитивни и негативни појави во државата? Очекуваме дека тоа ќе го поздрават?

Не може устата да ти биде полна за борба со криминалот и корупцијата, транспарентност и чесност, а да не можеш да се воздржиш од алчноста ниту во првите 100 дена од владеењето на твојата Влада.

Нема што да не чуди, сѐ што ни требаше видовме на видео снимка и тоа уште далеку пред изборите на 11-ти декември. Инфлагранте, и покрај таков резил добро е да се имаше усул. Но се има чувство дека постојат луѓе во новата власт на кои што доколку им кажете дека надвор се спрема стрелачки вод да ги стрела, доколку го направат тоа што намислиле. Нема да можат да издржат! Ќе ја задоволат својата алчност, па макар и три минути после тоа биле стрелани.

Кога на сето ова ќе го надоврземе непотизмот, вработувањата на браќата, сестрите, снаите, како и нивно ставање во управни одбори (дури на некои им било малку во еден, па се членови во два управни одбори). И, ако денот се познава по утрото, лоши денови ги чекаат граѓаните на Р.Македонија.

Ветуваа дебата, ветуваа транспарентност. За овие 100 дена што се направи транспарентно, и за што дебатиравме, ги спротивставуваме аргументите, па дури и се тепавме? За ништо! Имаше ли дебата за договорот со Бугарија? Во која европска директива е цитирано законот за јазиците да оди со „европско знаменце“? Зошто ја кратиме дебатата? Зошто го замолчевме МАНУ и борците?

Се прашува јавноста, каде се сега оние невладини организации кои ги водат многу познати личности, и кои што земале дури 40.000 евра за една година, за да анализираат и жигосуваат аномалии токму во тендерските постапки? Многу ме интересира дали истите ќе се јават по основ на оваа тендерска постапка, склучена помеѓу „Фероинвест“ на потпретседателот на Владата Анѓушев и АД ЕЛЕМ. Ако не се јават, ние сме должни да ги прозиваме. Па нареден пат кога од тие што ги финансираат ќе им побараат нови 40.000 евра, барем да им биде незгодно или можеби ќе се најде некој од мајка роден, да ги потсети токму на оваа тендерска постапка на новата ни Влада, која што ни ветуваше живот.

Ама нормално, прво тие треба да преживеат потоа сите останати.

Тие истите ветуваа дека ќе ја вратат средната класа. Очигледно имаат промена во планот. Прво високата класа ќе ја направат уште повисока, па потоа ќе ни ја вратат средната класа.