Стратегија или тоалетна хартија?

Тоа што јавно е објавено како нацрт-стратегија за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017-2021 може да има капацитет на една голема стратешка тоалетна хартија, и ништо повеќе од тоа. Документ кој уште во првите неколку страни се побива себе со промашување на стратешката цел за сопствено донесување не може да се нарече стратешки, а уште помалку има право да го носи називот стратегија. Па макар зборувале и за стратегија на една зоолошка градина.

Документ што на самиот почеток реди пофални зборови за сите донесени закони од областа на правосудството, јасно и гласно констатира дека во тие закони се вградени сите европски и меѓународни стандарди, но дека проблем била „нивната недоследна реализација и имплементација“, не може да се нарече стратегија.

Документ во кој и самите подготвувачи се согласни дека има решенија што го враќаат правосудниот систем назад, повторно не може да има капацитет да биде стратегија. Искрено прв пат слушам за стратегија во која се предлага дека најдобро за системот е тој да се врател назад. По логиката, како што сė се врати назад.

Прв пат слушам дека како стратешка може дасе подведе констатацијата дека во Македонија сме имале добри закони работени според инструкциите и согласно стандардите на ЕУ, но дека примената на законите е засенета со „политизација на судството и нарушена независност на судството што резултира со низок степен на квалитет и недоверба на граѓаните во институциите на правосудниот систем“ (стр. 2).

Што има тука стратешко да ги прашаме „стратезиве“? Ако законите се во ред, како што признаваат, а имало лоша примена, тогаш заклучокот во стратегијата е целосно утнат. Тогаш стратегијата не треба да се занимава со прашањето дали има потреба од донесување нови закони, туку дали е пристапено кон вистинско и целосно ослободување на судството и на јавното обвинителство од партиските влијанија и притисоци на актуелната власт, и дали актуелната власт целосно ги почитува законите и правото.

Практично излегува дека нацрт-стратегијава во најголем дел е депласирана ако се земат предвид клучните причини поради кои се предлага да биде донесена. Во точка 1.2. каде истите се набројани, меѓудругото, се наведува „грубото мешање на извршната власт во позицијата на системската независност и самостојност на правосудните институции“ што е, пред сė, политичка, а не правна причина, причина која не бара никакви законски измени или дополнувања, ниту донесување на нови закони. Оваа причина, да ги едуцираме „стратезиве“ се надминува со изразенатаполитичка подготвеност и со манифестирање конкретна политичка волја кај актуелната извршна власт да не врши политички влијанија и притисоци врз правосудните органи со цел нивно ослободување од стегите на власта и од политичките притисоци.

Со ослободување на правосудниот систем од политичките влијанија и притисоци практично ќе се надмине констатираната состојба во нацрт-стратегијата на „разнишана позиција на правосудниот сектор, што, како што се вели натаму, „ја довело во прашање и целината на демократијата и заштитата на слободите и правата на граѓаните во РМ“ (стр.2).

Документ што изобилува со политички констатации и забелешки главно афирмирани и илјадници пати слушани на прес-конференциите на СДС и на граѓанските организации под капата на Сорос во годините кога оваа партија, и овие невладини организации беа во опозиција не може да биде стратешки, ниту да се нарекува стратегија.

Сега, кога оваа партија и овие невладини се на власт наместо да продолжуваат со истата реторика и пласирање исти тези во форма на стратегија треба да ги засукаат ракавите и да се фатат за конкретна работа. Работата ќе им ја направи стратегијата добра и квалитетна. Еве нека одговорат стратезите на власта кој сега ги спречува целосно да ги надминат и да ги стават под контрола, како што велат, „притисоците и влијанијата на извршната власт врз правосудната власт“?

Сега, кога се носители на извршната, и на севкупната власт во државата, можат без никаков проблем и пречка да ги решат проблемите со „политичките притисоци и влијанија“ преку нивно нечинење. Сега, од позиција на актуелна власт, имаат одговорност да не вршат притисоци врз судството и врз јавното обвинителство, но тоа не го прават. Стратегија не е документ во кој проблемите поврзани со начелата на независноста и самостојноста на судството (стр.7, 8, и 9) се извлечени од „одредени перцепции дека пропишаните стандарди селективно се почитуваат од страна на судството и обвинителството во повеќе области…“.

Стратегија не може да се гради врз основа на некакви лични перцепции, исто како што и „губењето на довербата на граѓаните во институциите на правосудниот систем“ не може да се констатира без докази. Во нацрт-стратегијата нема ниту една референтна правна анализа заснована на конкретни докази и факти, или каква било друга анализа/испитување на јавното мислење врз основа на кои се извлечени „таквите перцепции на граѓаните“, а уште помалку се наведуваат конкретни примери каде постоела конкретна индивидуална повреда на начелата на независност и самостојност на судството или на јавното обвинителство.

На страна 8 е наведено дека главен проблем во судството е тоа што „критериумите за избор на судии се недоволно објективни, а постапката недоволно транспарентна“. Констатирано е и дека одлуките на Судскиот совет на РМ не се соодветно образложени што повторно влегува во доменот на паушални констатации со оглед на фактот дека нема наведено ниту една одлука врз основа на која се извлечени овие заклучоци. Со стратегија не смее да се генерализира, а уште помалку да се девалвира целокупното работење на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во насока на дискредитирање на професионалните квалитети и способности на сите досегашни, но и сегашни членови. Паушалните констатации за наводно неодговорно, нестручно и непрофесионално работење на судиите мора да бидат поткрепени со докази и цврсти аргументи ако овој документ навистина има за цел да биде третиран како државен.

На пример, на стр. 8 откако се напишани неколку паушални реченици за „назадување во работата на ССРМ, за зависност на судството од надворешни влијанија и за притисоци од различен вид“, подготвувачите констатирале дека „критериумите за избор на судии се недоволно објективни поради што мора да бидат променети. Оваа констатација не ја имаат поткрепено со конкретни решенија за објективизирање на критериумите за избор на судии. Нема предлози, ниту искуства од други земји како да се дојде до пообјективни критериуми за избор на судии и на јавни обвинители. Виси во воздухот и прашањето за „нетранспарентните постапки во Судскиот совет“, како подготвувачите на стратегијата предлагаат да ги направат потранспарентни, како планираат да ја зголемат транспарентноста во работењето на Судскиот совет на РМ?

Најинтересна стратешка насока во нацрт-стратегијата е потребата од „воспоставување законска рамка за општествена и политичка рехабилитација на лустрираните лица“ во контекст на подобрување на независноста и непристрасноста на правосудството.

Личната потреба на еден од членовите на Советот за реформи во правосудството да добие општествена и политичка рехабилитација, очигледно ја има издигнато оваа точка во „стратешка насока“ на стратегијата. Наместо подготвувачите на стратегијата да предложеја друг модел преку кој граѓаните на РМ ќе можат да стигнат до целосната вистина за општественото и политичкото минато во државата, за улогата на одредени поединци тогашни носители на функции во креирањето на тоа минато, „стратезиве“ побрзаа да го стават во скут и под заштита нивниот член.

Граѓаните на РМ повторно ќе останат покуси и измамени во очекувањата да ја добијат вистината од социјалистичкото минато. Граѓаните повторно нема да дознаат што навистина се случувало, кој и зошто кодошел, кој и зошто соработувал со тајните служби против интересите на Македонија, кој и зошто не бил казнет поради ширењето антимакедонски политики?

Оттука, логично е прашањето: кој е поголема жртва во случајов, оној за кого се најдени цврсти докази дека работел против Македонија со цел сопствено богатење и благодет, или жртва е Македонија и нејзините граѓани затоа што нема(ло) кој да ги казни ваквите прекршители? Наместо „стратезиве“ да предложеа формирање комисија за вистина во РМ со цел откривање на сите неправди и злодела од минатото и да предложеја мерки во насока на помирување меѓу граѓаните, или добивање соодветна репарација на граѓаните кои имаат претрпено сериозна штета, тие одлучија да застанат во одбрана на странитеза кои има цврсти докази дека биле кодоши и дека биле во служба на странски држави.

Ова како за почеток. Има уште многу срам во стратегијата!