СЛУГАТА ЗАЕВ И „ПРАВОТО“ НА НЕГОВИТЕ КОМАНДАНТИ

Политичката криза во земјата добива сериозен расплет. Сите елементи од странското сценарио за кои веќе трета година зборувавме по медиумите се распослаа пред сите нас. Не постои разумен човек што не ги поврза сите елементи, делчиња, делови, епизоди и факти од странското сценарио со крајна цел – конечно и дефинитивно расчистување со Република Македонија и со Македонците.

Ако пред една година и некако можевме да најдеме оправдување за некои од Македонците дека не знаеле, ниту можеле да бидат свесни за тоа во што е вплеткана државата, дека биле измамени и дека биле доведени во заблуда кога гласале во полза на Заев, сега или на некои наредни избори веќе не може да има никакво оправдување за таквата одлука. Секое натамошно поддржување на слугата Заев и „правото“ на неговите надворешни команданти да ни роварат во нашата држава, секое натамошно оправдување на Заевите чекори и изјави со кои тој прави директна штета врз независноста и сувереноста на Република Македонија, нема да може да се гледа поинаку, освен како свесно соучесништво во политиката за конечно погубување на нашата татковина.

Беспоговорната послушност на Заев и малата група ханатични и хистерични суштества собрани околу него кон странскиот сценарист и генерално кон странските политичари ќе мора јавно да биде осудена, да биде масовно граѓански изолирана и процесирана пред правосудните органи со квалификација велепредавство. Претходните дејства и елементи на однесувањето и дејствувањето на Заев и групата, со кои тие директно го загрозија и нарушија уставниот поредок на државата, сувереноста, унитарноста и независноста на државата, заедно со новите елементи поврзани со реализацијата на албанската платформа без волјата на граѓаните, јасно го утврдува и заокружува предметот што јавното обвинителство за организиран криминал мора да го процесира пред надлежниот Kривичен суд во Скопје. Повеќе нема ниту една дилема, ниту една кочница, ниту една правна причина Заев и другите околу него да не бидат судени за велепредавство.

Непобитните докази содржани во предметот „Пуч“, каде што се виде комплетната инволвираност на Заев, Верушевски и останатите во реализирањето на странското сценарио за конечна пресметка со Република Македонија, како и со властите што ги бранат уставното име и македонскиот идентитет, сите преземени активности на Заев во насока на соборување на легитимно избраните претставници на власта и демонстрираното насилство на Заев врз институциите на системот со крајна цел нивно комплетно деградирање и делегитимирање, во корелација со неуставната албанска платформа, се повеќе од доволни правни аргументи и докази на јавното обвинителство да отвори предмет против Заев и неговото злосторничко здружение СДСМ по службена должност. Kвалификацијата на делото е повеќе од очигледна.

Станува збор за кривично дело велепредавство како главно дело, но заедно со главното може да се лоцираат елементи на уште неколку кривични дела против државата утврдени во Kривичниот законик на РМ. Веќе нема никаков правен резон, нема никакво правно оправдување, а уште помалку може да има политичко тактизирање за одлуката да се активира целокупниот правосуден систем во земјата за работи кои се правно јасни како бел ден. Заев ниту смее, ниту може да биде претседател на новата македонска влада. Заев не е, ниту смее кога било, во некој иден период да стане официјален мандатор, а камоли официјален претседател на македонската влада ако не ја отфрли платформата и ако не ја докаже сопствената невиност пред судот, без да се крие зад Kатица Јанева и партиската алатка – СЈО. Судење за Заев мора да има, сега или подоцна. Впрочем, нели и самиот Заев инсистира на целосна имплементација на препораките од Прибе, инсистира секој да има право да ја докаже својата невиност пред судот, а токму тој бега од судот на првата кривина. Судот е единственото место каде што во контрадикторна постапка странките имаат можност да ги изнесат и побијат аргументите и доказите што им се ставаат на товар или кои им одат во прилог.

СЈО не е суд. СЈО не смее да се става во еднострана одбрана на Заев и спротивно на закон да се откажува од негово кривично гонење. СЈО не смее да се поставува над македонските судови и да дели правда на своја рака и по кратка постапка согласно со политичките желби и наредби на Јанева и на нејзиниот сценарист. Ако Заев навистина мисли дека е невин, бујрум, нека тоа го докаже пред надлежен судски орган. Во спротивно, Заев сам ќе се етикетира како човек кому му е полесно да бега отколку да се соочи со правдата и законите. Со бегањето тој само ја девалвира правната држава и го повредува владеењето на правото. Она начело што постојано му е во устата.

Заев мора да докаже на суд дека направените класични злодела врз државата и врз граѓаните на РМ, држењето во заложништво цела држава три години, нефермањето на Уставот и законите во државата, играњето „бајрам со умот“ преку многу постапки и дадени изјави, непочитувањето на судскиот и на јавнообвинителскиот систем, непочитувањето на изборната волја на граѓаните, газењето по македонското достоинство, множењето со нула на суверените граѓани, играњето по ноти на странскиот сценарист без да води сметка за националните и државните интереси, дека сето тоа не е така и дека тој е невин. Заев треба да н` демантира пред судот. Ако Заев не го стори тоа, македонските граѓани не смеат да му дозволат да стане премиер.

Перфидноста на странското сценарио со Зоран Заев и Радмила Шекеринска во главната улога е толку голема што може да конкурира за најбрутално политичко сценарио смислено во поновата политичка историја. Безобразието на сценариото е што преку директната злоупотреба на инструментите на изборната демократија се прави напор да биде инсталирана власт која не е нејзин производ. Изборната демократија почитува слобода во изразувањето и остварувањето на избирачкото право, почитува граѓани што без да бидат ставени во заблуда и без користење поткуп или други средства го прават својот избор, слободно и суверено, без притисок или на друг недозволен начин.

Европското изборно богатство бара почитување на слободно изразената изборна волја на граѓаните за партиските програми и проекти понудени од страна на партиите во текот на изборната кампања. Му препорачувам на Заев и неговиот странски командант брза обука за тоа кои се изборните стандарди во Европа и во светот, како и брза едукација за тоа што значи независна и суверена држава, која Заев претендира да ја води. Самовластието во кое Заев се вози три години е кривично дело. Договорот за извршување кривично дело кое Заев и останатите политички глумци го имаат направено е исто така кривично дело. Злосторничкото здружување на Заев и неговите послушници, преку кое се спроведува странското сценарио во земјата, е уште едно кривично дело.

Зарем сите овие елементи и докази не се доволни да ги тргнеме Заев и неговата банда од политичката сцена еднаш засекогаш? Не тој нам да ни кажува што и како ќе биде со државата сега и во иднина, туку ние, граѓаните, потпомогнати од органите на правосудната власт да му го покажеме местото на овој човек и неговото злосторничко здружение. Не ние да стравуваме дали ќе н` закрват со делбите или не, дали насилно ќе н` прекрстуваат или не, дали ќе ја прават Република Македонија потчинета на Албанија или кантон-калифат на која било друга држава, дали ќе н` биде или не, туку тој Зоран Заев лично и персонално, заедно со неговите приврзаници, да се плаши од граѓанскиот суд, граѓаните да им бидат ноќна мора која ќе им излегува пред очи и на сон и на јаве. Ние, граѓаните на Република Македонија, не гласавме за губење на татковината, не гласавме да виткаме кичма за нашето свето име, ние, граѓаните на Република Македонија, од различно етничко потекло, не гласавме за држава која не функционира, за заглавена држава во политичките лавиринти и заложништва на Заев, не гласавме за власт на која секој однадвор може да ~ попува согласно со личните или други интереси.

Ние, граѓаните на Република Македонија, имаме достоинство, имаме чест, имаме интегритет, имаме сила и волја да ја одбраниме и зачуваме Република Македонија со сите сили, со сета моќ што ни стои на располагање. Ние, Македонците, и сите останати веќе никому нема да му дозволиме да си игра мајтап со државата и со нас. Остануваме на улиците с` додека е потребно да ги одбраниме честа и достоинството на нашата мајка – Република Македонија.

Тања Kаракамишева-Јовановска за ДНЕВНИК