СЈО се смета дека е закон за себе и по себе

-СЈО продолжува со својата надмена и недопирлива позиција во правниот систем на земјата. СЈО продолжува со сопствената ексклузивна и единствена позиција во државата олицетворена во тоа дека може да прави што сака и како сака без за тоа да сноси никаква одговорност и соодветни санкции. СЈО како започна, така и натаму продолжува. Никој не им застанува на патот, никој не ги попречува во ова правно дивеење и демонстрирано самовластиекое го оправдуваат со некакви своиексклузивни толкувања на законските норми иако за тоа ниту имаат надлежност, ниту имаат право. Се уште не се нашол државен орган во РМ  што ќе му се спротивстави на ова „диво месо“ во правниот систем, иако за нивното незаконско работење постојат куп докази и  има сериозна правна основа.

Прво, овој органе противуставен орган и како таков тој не смее да работи во правниот систем на земјата. Зошто Уставниот суд затаи и не се изјаснува за противуставната позиција на СЈОодговорот треба да се бара кај уставните судии, сите до еден. Второ, СЈО продолжува со својата надменост и привилегираност во државата. Тој ексклузивно и самоиницијативно ги одредува границите на својата уставност и законитост и си доделува екстра надлежности кои никаде не се напишани и дадени. Овој орган сам себе се промовира заорган што функционира над Уставот и над сите закони во земјата. Како своевремено Катица Јанева што се самонадреди над сите со својот божемен легитимитет, дека ниту една институција немала легитимитет освен нејзиниот полн легитимитет, така и сега СЈО се претставува како надправен орган. И додека сите се чудеа и се смееја на оваа нејзина изјава, неа мува не ја полази и натаму дрско се смета за една, единствена и незаменлива. И кога сите зборувавме дека наместо смеење на Катица требаше да и се предочи дека делува во рамките на правниот систем на државата, никој ништо не направи. И се дозволи да се однесува над сите, па сега нека не не чудат последиците од ваквиот нејзин неодговорен однос.

До тоа дереџе стигна СЈО во својот занес дека се неприкосновени и над сите во државата што дури и нивниот закон повеќе не го есапат. Тие решија да постапуваат надвор од сите закони веројатно затоа што се замислиле дека се закон сами по себе и за себе. Ете одлучиле и својот закон да гопомножат со нула. За овие обвинители не важат никакви норми, никакви законски рокови, не важат општо воспоставени начела на кривичната постапка, не важи Кривичен законик, не важат одредбите од Законот за кривичната постапка. За овој орган важи само потребата од самовластие, арбитрерност, важи само усната поддршка од странскиот фактор дадена без никаква согласност со законите и Уставот на земјата.Како поинаку да се толкува безобразлукот на СЈО, а поврзан со безкрупулозното кршење на Законот за специјалното обвинителство и останатите закони кога со своето самовластие внесуваат вистинска правно-политичка анархијаво земјата спроведена од група „избрани“ обвинители. Очигледно овие обвинители нема да беа толку дрски и безобразни во кршењето на законите во земјата ако не беаохрабрени од една амбасада и од дел од странскиот фактор. Анархијата што СЈО ја прави во македонскиот правен систем нема да заврши само со одврзаните раце што СЈО ги има во ловот по некаков наводен криминал ставен на терет само и единствено на ВМРО-ДПМНЕ. Овие невидени преседани што СЈО ги внесува во правниот систем ќе остават трајни кратери во начелата на законитост и уставност во Република Македонија. Овој еднопартиски лов на вештерки што го спроведува СЈО со единствена цел да се докаже дека другите партии во земјата се цвеќиња за мирисање и чисти како детска солза, а овие од ВМРО-ДПМНЕ се големи криминалци што мора под најитна постапка да бидат сотрени од политичката сцена ќе нанесат неповратна и ненадоместлива штета на демократијата и на заштитата на човековите слободи и права во земјата. Овој отворен и институционален линч што се спроведува исклучиво врз членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ на долг рок ќе се одрази врз квалитетот на правната држава во земјата. Ние мора да констатираме дека со селективниот пристап во работата на СЈО се збогувавме како држава со владеењето на правото и со правната држава бидејќи владеењето на правото не трпи селективност и незаконитост.

Сега „реформаторите“ од владата можат што сакаат да зборуваат во однос на потребата од воведување на вакви или онакви европски вредности во судско-обвинителскиот систем, но ќе им остане големата дамка која со ништо нема да можат да ја исперат од анархијата што СЈО ја направи во системот со амин и дозвола, со толерирање токму од страна на менторот на новата власт и од новата власт.

Не треба да си правник за да можеш да констатираш дека за специјалните обвинители не важи ништо во правото, не важи ниту рокот од 18 месеци утврден во законот за СЈО каде јасно стои дека по неговото изминување (а измина на 30 јуни, 2017 година), СЈО нема право дапокренува нови обвиненија, или да нареди запирање на истражна постапка. Што точно значи оваа законска одредба е јасно како бел ден. Ако СЈО нема право да покренува обвиненија, тоа значи дека нема право да се впушта во прибирање нови докази, да води истраги, нема право неовластено да влегува во фирми, да зема документација од фирми и слично. Што ќе им се новите истраги на СЈО ако тие согласно закон немаат право да покренуваат нови обвиненија? Зошто СЈО и натаму тормози конкретни таргетирани субјекти ако нема можност да отвора нови случаи, да покренува обвинителни акти, и ако во оваа фаза од веќе процесуираните предмети не може да доставува нови докази? Зошто никој од надлежните органи не ги спречи овластените лица од СЈО во ова незаконско харање по таргетираните фирми во РМ, и никој не ги спречи во дрското кршење на човековите права и слободи на граѓаните што се мета на ова планско потксусрување. Каде се сега овластените државни органи да се спротивстават на ова незаконско делување и постапување на СЈО? Зошто сите молчат на ова противправно делување? Зарем сите во државата што се надлежни да мислат и да го штитат Уставот и законите сметаат дека   СЈО е во право? Зарем сите сметаат дека замислениве семоќни специјалки работат согласноУставот и законите? Кој го дозволува овој правен циркуз во земјата и која е цената што Македонија ќе ја плати од ваквото дрско кршење на правните акти?

Против ваквите незаконски активности на СЈО конечно ќе мора да реагира редовното јавно обвинителство, а во име на заштита на правниот систем од промовираното незаконие. Колегите на Катица ќе мора да засукаат ракави во одбрана на правната држава. Тие ќе мора да одговорат на предизвикот наречен заштита на правниот систем на земјата. Дали  заедно соподнесените кривични пријави против обвинителите во СЈО за докажано изнудување и вршење притисок врз странки да дадат изјави какви што им одговараат,дали посебно од нив, преку покренување нови кривични пријави редовните јавни обвинители ќе мора да се спротивстават на незаконието со заштита на двата члена од КЗ злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од КЗ, и несовесно вршење во службата од член 353-а од Кривичниот законик. Обвинителите во СЈО ќе мора конечно да се соочат со законите во РМ и со правдата. Согласно Уставот сите граѓани во РМ се еднакви пред Уставот и пред законите, никој не е над Уставот и над законите, и без разлика каква функција се извршува во системот, поведението, однесувањето и дејствувањето на сите мора да бидат во согласност со Уставот и со законите. Штом група граѓани се поставени во системот над Уставот и над законите тоа значи дека во РМ имаме сериозен проблем со владеењето на правото за сите и за секого, и се создава основа за постоење повластени граѓани на кои ниту еден орган не им може ништо, никој не им може ништо, тие се самопрогласуваат за богови што никој не може да ги повика на одговорност и контрола. На овој начин наместо да го унапредуваме правниот систем со европски норми и вредности, ние придонесуваме да го уназадиме и да го вратиме  во времето на кралскиот апсолутизам кога кралот имаше од Бога дадени права да работи што сака во заедницата, а граѓаните остануваа неми, послушни и исплашени од таквата божем божја заповед. Зарем после 27 години независност и самостојност македонските граѓани заслужуваат вакво невладеење на правото и ваква селективна неправда на Јанева?

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска