РЕИЗБОР НА СУДИИ САМО СО ЗАЕВ УСТАВ

Срамно е да се гледа како секој ден се` подрско и побезобразно, се` подлабоко и подлабоко СДС со тајфата ги закопуваат Уставот и законите под земја. Срамно е да се гледа, а уште посрамно е да се биде учесник и соучесник на едно вакво изживување врз правото, на една ваква истурена омраза и злоба врз с` што постои во системот, газење врз уставните и законските начела, норми, вредности. Kако рането животно излезено од кафез СДС го дораспарчува, го доразградува и тоа малку правен систем што остана од трите последни години на негово константно силување и измачување со алатки од неуставен и незаконски карактер, Пржино 1, Пржино 2, неуставната инсталација СЈО, вшприцување дополнителни министри во некаква си измислена влада за спроведување избори, инсталација на ад хок тела за мониторирање (цензурирање) на „непријателските“ за Заев медиуми, измислени фантоми во Избирачки список, утврдување невозможни цензуси за гласање на дијаспората, изборни измами, изборни уцени, поткупи, деградирање на судството, на Јавното обвинителство, расипано и ненадејно вадење под маса на тиранската платформа, и какви ли с` не други глупости.

Така силуван, измалтретиран, паднат на колена, правниот систем на државата, постизборно доби уште една доза докусурување преку целосно погазување на Уставот, на Деловникот, на Законот за Собранието, при наводниот „избор“ на претседателот на Собранието преку класична измамничка и шверц-комерц постапка надвор од сите востановени правила на парламентарната демократија. Правниот систем го докусури и самоволието демонстрирано од пратеникот Џафери, кој во кабинетот на претседателот на Собранието си постави не едно, туку две албански знамиња и око не му трепна, мува не го полази. Kај што си се всади во кабинетот неуставно и спротивно на Деловникот, Џафери уште вториот ден му ја летна за Брисел на државна сметка кај што си се претстави како официјален претседател на Собранието на РМ без објавена одлука за негов „избор“ во „Службен весник на РМ“. Па кај правно нелегален и нелегитимен („избран“ со 59 пратеника), уште и од дрзок подрзок. Се пофали дека пленарните седници во Собранието ќе ги водел на албански јазик со што повторно најави нова тура кршење на Уставот и на Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа… Дали сево ова личи на држава во која владее правото и држава во која Уставот и законите мора да бидат почитувани од сите и од секого? Не!

Освен што Заев секојдневно го гледаме на прес-конференции како се удира во гради дека во земјата мора да се почитуваат Уставот и законите, од правен систем и од Устав нема ништо останато. Остана само мизеријата и дуплото политичко дно на СДС. Веројатно кога Заев мисли на Устав и на закони, мисли на некој друг устав и на некои други закони напишани во неговиот кабинет од страна на неговите „експерти“, но сигурно не мисли на овие што се уште постојат како хартија во државата. Така и кога пред две години викаше дека не ги признава судовите во земјата, така и денес кога се фали дека приоритетна акција што ќе ја спровела неговата нова влада ќе била целосен реизбор на судиите во земјата. Реизборот на судиите ќе е можен веројатно во неговиот нов устав, но не и во согласност постојниот.

И претпоставувате зошто прва мерка ќе му биде токму реизборот на судиите, а не на пример, отворање нова фабрика или некоја нова странска или домашна инвестиција во земјата?

Најавениот резибор на судиите е за да му излезе од душата омразата, бесот и гневот што Заев го има наталожено кон судството кое во меѓувреме се реформира, и кое замислете се дрзна да излезе од канџите на СДС. Оние над 600 судии избрани за еден ден во време кога во Собранието на РМ СДС беше и власт и опозиција се, всушност, вистинското лице на „реформаторската“ партија СДС, која сега се настрвила дека ќе ги брка сите новоизбрани судии што биле избрани за срам и арам во периодов од кога судството здивна од нивната окупација. Заев ќе го враќа судството таму каде што застана СДС пред десет години. Срам и очај.

Kој ги ферма уставните начела за судството и за јавното обвинителство. Kој ги шиша уставните принципи на самостојност и независност на судовите и на судиите, кој ја тркала уставната гаранција за непристрасност на судството. Тоа за Заев не важи. Тој сега ни подготвува сатар-реформи за судството, а богами и за целата државна и јавна администрација, од чистачка до министер. Kај запре СДС пред десет години, од таму ќе почне сега по 10 години. Нема шега. Не смее ни ливче да падне на земјата без печат удрен од Заев и СДС. Странските инвеститори во државата нека му ја мислат. Тие беа мисловна именка во времето на владите раководени од СДС. Странските инвестиции не ги препознаваат како категорија луѓето во СДС поради што тие жалните први ќе бидат на отстрел. На отстрел ќе бидат и слободните економски зони за кои Заев и СДС немаат ниту чуено, а камоли направено нешто за нив. Да не зборуваме за други видови инвестиции, освен оние од семејните фирми на кланот Заеви и нивниот профитерски развој. Невработеноста повторно ќе се врати на рекордното ниво од 38%, процент кој е врежан во последната меморија на СДС како бар-код, кој ќе мора да се освежи и повторно да се врати како вредност на оваа партија.

Субвенциите за земјоделците, за туризмот, за сточарите, стипендирањето на најдобрите студенти и ученици ќе ги нема бидејќи не постојат како категории во времето до каде запре политиката на СДС. Непознатите категории системот на СДС не може да ги препознае, па затоа и ќе ги нема. Понатаму, инфлацијата на денарот повторно ќе биде новитет на владата на СДС. Таа е единица мерка за успех на економските политики на СДС. Веројатно СДС пак ќе н` потсети на редовите за точење гориво по бензинските пумпи, ќе ни се вратат спомените и на стечајните постапки на фирмите во кои работниците ќе бидат принудно бркани од работа или принудувани да ги продаваат своите акции со бланко изјави во интерес на тајкун-шерифите на СДС кои повторно ќе бидат вратени во мода. СДС повторно ќе н` врати во времето на нерасчистените убиства, ќе н` потсети и на зголемениот криминал откако ќе ги пуштат на слобода „невините“ жртви затворени од „режимот и диктатурата на ВМРО-ДПМНЕ“, а всушност криминалци од најтежок вид.

СДС пак ќе н` потсети како за неколку месеци се шитка национално знаме зад грбот на Македонецот, како се менува химна, државен грб, како се менува уставното име на државата и тоа без референдум бидејќи нели референдумот за СДС е поставено „прашање кое не заслужува одговор“. СДС ќе н` потсети и на својата најголема доблест -медиумскиот мрак. Многу брзо СДС ќе внесе вистинска слобода на изразувањето. Од вкупно две телевизии во нивно време ќе н` врати повторно на две. Kонтинуитетот мора да биде запазен. Уште во време на избори се виде каков сатар ќе мава Агенцијата за медиумски услуги. Сега, со нова влада на СДС, Агенцијата уште попрофесионално и во согласност со демократската слобода на мислата и изразувањето на мислата ќе става рецки на секој збор искажан од универзитетските професори Kаракамишева, Додовска, Kлимовски, Андонов, и други кои не се согласуваат со анархијата на СДС. Секој нивен збор кажан во етерот, или напишан во текст ќе биде посебно болдиран, цитиран и казнуван во име на европските вредности на слободата на изразување.

Ќе се следи секој нивен чекор како во времето на војната и удбашки ќе се шпионира секој што мисли различно од „демократската“ раководна структура на СДС. Ќе се укине телевизиската такса за МТВ за да нема национална Македонска телевизија. Што ќе ни е. А навистина што ќе ни е и Музејот на Македонија, што ќе ни е и новоизградената Македонска опера и балет, што ќе ни е и новоотворениот Археолошки музеј на Македонија, што ќе ни е и преубавиот Музеј на македонската борба за државноста и самостојноста, што ќе ни се спомениците, што ќе ни се спомените, што ќе ни е жичницата на Водно, што ќе ни се новите универзитети, што ќе ни се новите автопатишта, регионални, локални… кога си го имаме СДС и Заев. Тие сега ќе продолжат таму кај што застанаа пред 10 години.

А кај застанаа побогу? На што ќе се надоврзат сега кога ни врвка врзаа, ни камче ставија, ни цветче ни дрвце засадија, ни животно во зоолошка донесоа, ни малтер на една болница не ставија, ни едно училиште н` бојосаа, ни пола хектар земја не изораа, ни една фабрика не изградија, ни нов факултет отворија, ни едно езерце не разубавија, ни воздух нечист расчистија, ни планина разубавеа, ни плати покачија, ни стандард подобрија… Kај застанаа тие, ние драги мои сограѓани, да не тргнеме, ниту еден ден!

Тања Kаракамишева-Јовановска за Дневник