ПРАВНИЦИ ОД СДС, ДОСТА БЕШЕ- СКИНЕТЕ СИ ГИ ДИПЛОМИТЕ!

По потпишувањето на Договорот за побугарчување на Македонците и насилно претопување на македонскиот во бугарскиот идентитет, Заев и неговите правни советници продолжуваат со несмален интензитет да газат по Уставот на РМ и да се однесуваат како државата и се што е во неа да е нивна сопственост. Државата, тоа сум јас, секојдневно извикува Заев без тронка морал и почит кон нашите претци и кон сите нас. Следна работа што по брза лента Заев има обврска да ја реализира е примената на Тиранската платформа која фанфарно влегува во уставно-правниот систем на Република Македонија најавувајќи го на голема врата финалето на процесот на докрајчување на Уставот на земјата.

Со најавениот предлог-закон за јазиците, Уставот дефинитивно ја губи смислата на највисок правен акт во земјата согласно кој се носат сите закони и подзаконски акти во земјата. Предлог-законот нема издржан уставен основ врз кој е подготвен. Ова значи дека предлог-законот не може да влезе во законодавна постапка. И студентите од прва година правни судии знаат дека за да може да се донесе некој закон тој мора да биде заснован на Уставот, односно даима уставен основ. Предложениот закон за јазици е дефектен во овој најважен дел од законодавната постапка, бидејќине е доволно предлагачот на законот само технички да го наведе членот од Уставот на кој се повикува за да може да предложи одреден закон, туку е потребно предлог-законот навистина да одговара на содржината на членот/членовите од Уставот што ги наведува.

Амандманот 5 од Уставот на кој се повикува предлагачот, прашањето за употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од населението на сосема прецизен и јасен начин ја уредува употребата на друг јазик различен од македонскиот, на начин што е далеку поразличен и потесен од оној утврден во предлог-законот. Законот излегува од рамката на амандманот 5 од Уставот, и на многу поопширен начин ја уредува примената на албанскиот јазик на цела територија на државата спротивно на Уставот.

Втора работа што ја ценам како злоупотреба од страна на законодавецот, конкретно од пратеникот Џафери, е што тој на многу манипулантски начин го изигрува Деловникот на Собранието на РМпреку ставање европско знаменце на предлог-закон што воопшто нема допирна точка со правото на ЕУ, со ниту една директива од ЕУ. Со овој закон ниту се усогласува/хармонизира одредена област со правото на ЕУ, ниту пак истиот е дел од обврските што РМ ги има преземено кон ЕУ. Иако албанските партии ја правдаат потребата од негово носење со наводно целоснозаокружување на Охридскиот рамковен договор, такво нешто во законот нема, затоа што го нема ни во Рамковниот договор. Обврските од Рамковниот договор се целосно дефинирани во Амандман 5, а предложениот закон е далеку поопширен од Амандман 5 што значи дека истиот излегува не само од Уставот, туку и од Рамковниот договор. Република Македонија е мултикултурно општество. Во неа освен Албанци живеат и други заедници кои со предлог-законотсе дискриминирани. Дискриминацијата е очигледна уште во член 1, став 2 каде стои „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик),исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“. Уште на самиот почеток, законот има за цел да го издигне албанскиот јазик на ниво на македонскиот јазик со фактот што го издвојува како посебен од сите останати јазици што ги зборуваат најмалку 20% од граѓаните што припаѓаат на другите заедници во РМ (турската, ромската и сите останати). Намерата на предлагачот е многу очигледна. Она што не е напишано во Уставот да биде протнато преку закон. Или поедноставно речено, законот да го надополни она што Уставот не го содржи. А не го содржи затоа што Рамковниот договор не го предвидел. Ова значи дека предлагачот на законот, конкретно Министерството за правда, има намера да ја прошири содржината на Рамковниот договор преку која ќе треба да се оправда овој закон, спротивно на Уставот.

Изедначувањето на македонскиот со албанскиот јазик се случува уште во член 1 од предлог-законот каде покрај македонскиот јазик се наведува и албанскиот јазик како втор службен јазик на територија на цела државва. Членот 1, став 3 го проширува и опсегот на примена на овој закон, што значи покрај правото на употреба на јазик различен од македонскиот, граѓаните добиваат и должност, обврска да го применуваат албанскиот јазик во органите на државната власт, но и во централните институции, јавните претпријатија, агенциите, установите и организациите, комисиите и сите правни лица со јавни овластувања.

Амандамот 5 никаде не зборува за обврски, за должности во однос на примената на албанскиот јазик, но затоа законот прецизно утврдува службена должност за негова примена. Ова преведено на обичен јазик значи дека буквално насекаде, во сите органи наведени во законот се воведува обврска за примена на албанскиот јазик како службен јазик. Еве да одиме со конкретни примери.

Ако, на пример, во групата студенти запишани на Правен факултет каде предавам еден студент има потреба од превод на моите предавања на албански јазик, деканот на Факултетот и јас како професор ќе имаме обврска да му обезбедиме превод на предавањата, но и превод за мене кога студентот ќе полага испит, бидејќи со законот му овозможува студентот да има прааво да го полага испитот на албански јазик. И покрај постојните факултети каде албанските студенти учат на албански јазик со законот се воведува обврска за сите факултети што се на територијата на град Скопје, но и во други општини да имаат обезбедено услови за превод на предавањата и испитите на студентите согласно законот. Ако деканот и одговорното лице (во случајов професорот) не им го обезбедат ова право на студентот, факултетот, но и професорот ќе треба да плататказна во вредност од 4.000 до 5.000 евра. Казната ќе зависи од проценката на новиот Инспекторат утврден во законот да ги казнува сите правни лица кои нема да го применуваат законот. Истата оваа обврска ќе важи и за сите други образовни установи, средни и основни училишта, научни институти, здравствени установи, клиники, секаде во градот Скопје, но и во другите општини.

Во членот 2 како и во членот 3 од законот се утврдува децидна обврска за сите органи и организации, но и за сите избрани или именувани функционери да ја овозможат и непречено да ја практикуваат употребата на албанскиот јазик спротивно на Уставот. Сите седници на Собранието, Владата и другите органи ќе се водат двојазично, сите материјали, стенограми ќе бидат двојазични, сета работа на сите органи, установи, комисии и сите правни лица со јавни овластувања ќе биде двојазична и тоа замислете како службена обврска произлезена од закон. Сите легитимации што се издаваат од страна на овие органи ќе бидат двојазични, сите веб-страни на наведените органи и тела ќе бидат двојазични, сите називи на органите, печатите, поштенските марки, бандеролите, уплатниците, се што може да се сетите се ќе биде двојазично. Во сите судски постапки, предистражни, истражни постапки пред јавните обвинителства ако само еден човек зборува албански јазик се ќе мора да биде двојазично. Сите судски и јавнообвинителски постапки во Скопје, и сите акти што произлегуваат од нив освен на македонски јазик ќе мора да се водат и да бидат напишани и на албански јазик. Сите трошоци за оваа намена ќе паднат на товар на институциите и органите што значи на нас како даночни обврзници. Ние, граѓаните ќе мора да ги алиментираме обврските што Заев и неговите „силни правници“ ги преземаат без да не прашаат дали сме согласни со сето ова или не. Или според зборовите на неговиот советник и ментор Фрчковски „демократијата е скапа работа, ќе мора да платиме за да ја практикуваме“. Точно, но за да имате демократија по теркот на Фрчковски треба да имате и раст на економијата по теркот на Груевски, а не по теркот на Заев кој секојдневно ја задолжува земјата со милиони евра. Веројатно откако Заев ќе го воспостави и најавениот систем на финансиски истраги и конфискација на имот по теркот на комунистичката национализација, од нашите пари што ќе бидат конфискувани од џелатите на Заев ќе се подмируваат обврските што Заев ги презел за да биде премиер на РМ. Од советите на правниците во тимот на Заев треба да се срамат сите професори што им дале дипломи. Наша граѓанска должност е јавно да ги повикаме да си ги скинат дипломите, бидејќи преку глава ни е да ги плаќаме и да ги трпиме нивните хирови, дилови за добивање повисоки политички позиции, и најважно од се основно непознавање на правото!

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска