ПОВЛЕКУВАЊЕ НА „ПЛАТФОРМАТА“

Историска нужност беше тоталната криза на системот и државата да заврши на 11 Декември минатата година. Дури и со такви апсурдни изборни резултати, кои беа последица на нелегитимниот изборен процес генериран од пржинскиот договор и се покредибилните информации за нелегални активности во повеќе изборни единици-региони (кои се предмет на истрага од релевантни државни институции), сепак сета политичка рационалност наложуваше признавање на апсолутниот факт за изборниот победник, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Наместо конечно да го добиеме толку неопходниот спокој по повеќе од две исцрпувачки и мачни години, неодговорноста на некои политички партии, за кои објективно ќе мора да го поднесат онтолошкот грев и историскиот срам пред идните генерации Македонци, доведоа до толку парадоксална политичка ситуација, која не можеше да се замисли ниту во напесимистичките можни сценарија за конечниот крај на лудиот период во развојот на државата Македонија.

Процесот на подготовка, конкретниот начин на пишување, субјектите вклучени во тој процес, и самата содржина на т.н. платформа денес е последната ненадминлива пречка пред стабилизирањето на државата, па дури и пред самото наше колективно егзистирање на ова парче земја и небо, со организирана држава и општество. Драматична со своите негативни консеквенци доколку воопшто и се направи обид за нејзина реализација и вештачко инсталирање во системот, исклучително неподнослива поради самата тежина на сериозниот бекграунд кои стои зад потписниците, новите геополитички состојби кои почнуваат да се оцртуваат на хоризонтот на Балканот и светот, анахроната големонационалистичка идеологија која ја проникнува платформата, сето тоа денес императивно наложува сеопфатна анализа на можните случувања поврзани со бескрупулозната нејзина појава во политичката реалност на Македонија.

Наједноставен начин за делегитимација, практично обесмислување на платформата и нејзино поместување во долготраен институционален процес на аргументирани разговори за некои сегменти беше нејзино решително отфрлување, со консензус помеѓу сите други политички партии, посебно ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Се разбира, не е доцна за тоа бидејќи, барем до овој момент таа не е официјално прифатена од партиските структури на СДСМ, и да се надеваме дека тоа нема да се случи, за доброто на сите нас, Македонци, граѓани на оваа држава. Секако, не се исклучени понатамошни дебати помеѓу политичките партии за одредени точки од „платформата“, широк општествен, инклузивен дијалог за конкретни можности за подобрување на некои димензии во системот кој се идентификувани во „платформата“ како проблематични во секојдневниот живот, и слично. Меѓутоа, тој процес мора да биде ослободен од драматичноста на политичкиот и општествен миг денес, да не биде поставен во некакви форми и временски рокови кои наликуваат на ултиматум, затоа што, едноставно кажано, според една длабокоумна поговорка, „со сила убавина не бива“. Државата Македонија и Македонскот народ во изминативе 26 години направија толку многу отстапки од меѓународното право, конвенции, политички практики, уставни правила итн. во име на општото добро, мирот, повисоките државни интереси концентрирани кон стабилноста на сите димензии на државниот систем, што просто не го заслужуваме ова. Не е праведно на ваков начин да ни се наметнува платформата, во специфичен политички контекст, без функционални институции, дури и како класична уцена. Не треба никако да се пренебрегне хоризонтот на иднината на оваа држава, да се имаат постојано предвид сите факти за тоа дека државата и народот (граѓаните) поднесоа многу жртви, многу тешки времиња и настани, во име на подобрата иднина и мирољубив начин на разрешување на проблемите кои природно, со текот на развојот на општеството, се наметнуваат како последица од интензивниот развој на некои потсистеми и природни политички, општествени процеси. И затоа е крајно некоректно „платформата“ да се наметнува речиси на сила, во политичка смисла, да се поставува пред државата и нас како ултиматум од типот „земи или остави“, посебно во ситуација која заради многу причини денес има анимозитет меѓу најголемите политички партии главно создаден од неодговорни и погрешни одлуки и постапки на актуелното раководство на СДСМ.

Тие што ја потпишале „платформата“ мора да се издигнат над обичниот политички прагматизам и опортунистички модел на партиско или, уште повеќе, големонационалистичко мислење, и да ја преиспитаат објективната состојба денес. Ниту еден битен документ, договор, платформа, устав, важен закон итн., не може да биде оддржлив и да донесе стабилизирање на состојбите ако не е донесен во мирна демократска атмосфера, преку долг институционален и партиско-политички процес на разговори и дебати. Секој круцијален документ од државно значење мора да биде резултат, а не даденост без институционална историја – таквите октроирани договори нема да го поминат тестот на времето, посебно не на Балканот, и покрај традиционално добрите односи помеѓу сите луѓе кои живеат во оваа држава, особено кога не се политизирани и се оставени на нивниот природен развиток.

Оттаму, најдобро решение за сите и претпоставувам единственото кое нема да доведе до мултиплициран и брз развој на редица проблеми во државата, е потписниците да ја повлечат „платформата“, и да се искористат добрите аспекти на некои обичајни практики во Македонската политика, а тоа е коалицирање со победникот на овие избори од страна на онаа партија која има најголем број на гласови од нашите сограѓани со етничко Албанско потекло во Македонија. Доколку не се случи тоа (или нови, овојпат да се надеваме, демократски избори) една од бројните опасности е брз, несопирлив развиток на идеите, кои во определена смисла можат да се разберат и како самоодбранбени, кај Македонскиот народ, односно спонтано создавање на Македонска „платформа“. И во неа, доколку се набљудува од таа перспектива која ги има предвид правдата, стриктно националните интереси, сатисфакција за траумите на националната самосвест, обид да се поправат сите компромиси и отстапки во име на оддржување на мирна, стабилна политичка ситуација, се наоѓаат судењето за тн. хашки случаи, делегализација на рамковниот договор, враќање на старата територијална поделба на општините, итн. Како што историски одговорно предупреди и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со „платформата“ се отвара Пандорината кутија, од која, знаете, последна излегува надежта, ако дотогаш воопшто и ќе има држава и демократски систем во која ќе може да постои, со оглед на непобитниот деструктивен капацитет кој го има таа „платформа“ за фундаментите на Македонија.