Партии што не се на власт, се во опозиција- не федерализираат

Навистина, каде ќе одат албанските политички партии ако во сегашната ситуација, диктирана со тензијата со договарањето за тиранската платформа, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ направат влада? Ова прашање што прексиноќа го постави Зоран Заев има одговор. Различен од оној при тој си го даде дека тие ќе одат кон федерализација, кон поделба, кон распарчување на Македонија.

Одговорот треба да тргне од тоа што со напуштањето на принципот на победнички коалиции меѓу македонски и албански партии во Македонија веќе се воспоставија други постизборни правила. Тоа ДУИ, на некои следни избори колку и да се труди да го врати како непишано правило, повикувајќи се на платформа, СЈО и слично, нема да може да го врати како пракса. За коалицирањата ќе решаваат само партиски интереси, бидејќи програмите и натаму нема да бидат толку важни. Ако се совпадне да коалицираат две победнички партии од двата етнички блока, ќе биде во ред, но во ред треба да биде и да не коалицираат тие, туку некои други партнери. Зошто? Затоа што тоа го бараат партиските интереси. Kако што сега партиските интереси на албанските политички партии бараат ултимативно поставување на тиранската платформа со која се бара дури и признавање на геноцидот врз Албанците од страна на Албанците, така постојат и други интереси. Оние на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ врзани за некоја македонска платформа.

Зошто таа да не биде можна, на пример, во некои следни избори, кога не чело на овие две партии ќе бидат некои нови генерации на македонски политичари, необременети со сегашната омраза што досегна понорски длабочини изминативе две и пол децении? А во тие партии да има и повеќе пратеници, членови, приврзаници-Албанци. Онака како што сега има Албанци определени за СДСМ. А ако таа „македонска“ коалиција најде политички интереси да коалицира и со албанска партија (а се надевам дека тие и во иднина нема да останат моноетнички) уште подобро. Ако не, некој ќе биде во владина коалиција, а некој во опозиција.

Зошто некој веднаш би правел федерализација ако не е вклучен во власта? Постои некое правило, закон, реакција, рефлекс дека ако албанските партии не се во власта, веднаш ќе тргнат во отцепување од државата? Зарем не можат да прифатат да бидат опозиција како секоја друга. Се разбира, под услови власта во која тие не се да постапува одговорно кон сите свои граѓани. Ако вака ултимативно се поставуваат прашања или албанските партии во власта или ќе следува федерализација, Заев треба да одговори и на следново: До каде ќе се стаса ако по секои избори албанските партии одново уценуваат со нови и нови платформи на чиј крај јасно се гледа федерализација? Освен ако тој поинаку не го чита барањето за „полна рамноправност“ од тиранската платформа. Оние партии што навистина немаат други планови со државата – ако не се во власта – одат во опозиција, никаде на друго место.