Нема веќе народ за лажење – има народ кој ќе ја брани Македонија

Деновиве во мене се случува интелектуален бунт и експлозија на свеста за да го пробијам надзвучниот ѕид на историски блокираната вистина за Македонија. Со моите јавни настапи и пишани колумни се обидувам да ги осветлам историски темната инерција и заблудите за државноста на мојата татковина, нејзиното име – МАKЕДОНИЈА – идентитетот и културата, за граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и за граѓаните кои живеат во Македонија кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите.

 

Нив ги шират платформите, пишувачи на платформи, анахрони и архаични според времето и местото, но и спиритуалисти кои не замајуваат со духот на платформата, потурната како кукавичко јајце и со наводниот дух на рамковниот договор, обидувајќи се да го скрнават и уништат нашиот Устав, обезвреднувајќи ја неговата позитивна норма. Затоа, свесен за спецификите и комплексноста на актуелниот историски миг, кога на повеќе фронтови ја водиме пресудната битка за нашата опстојба, моите рефлексии длабат и проникнуваат во филозофијата на македонското постоење и во парадоксите на нашето живеење – државно, политичко, економско, културно, духовно, општествено. Ги изнесувам моите сентенции и размисли, но и мојот строгозбор кон опачините и грдотиите на антимакедонското стравотно дивеење на силите на злото, однадвор и однатре, сакајќи да покажам стаменитост на војувач со пишана реч, во име на единствената македонска вистина. Правам обиди речта да ми е одлучна, енергична и експлозивна и во никој случај и по никоја цена компромисна, кога се работи за одбрана на Македонија и македонството, видено, разбрано и сфатено како позиција на разум за државност, на цивилизаторска суштина на живеење на секој државјанин на Македонија и на културна комуникација на сите граѓани во Македонија и околните држави.

Но, како да не си верувам на тоа што го гледам и слушам: Ете, дојде и тој ден да бидеме сведоци на антиуставните дејствија на политичките субјекти „платформисти“, ДУИ, Беса и „Алијанса за Албанците“, кои на Уставот на Република Македонија му ја спротивставуваат платформата на албанските партии и на нивните поддржувачи Зоран Заев и раководството на СДСМ, кои со коленичење и лигавење како полжави пред Али Ахмети го изразија својот „суштински суштествен став“ за платформата на Еди Рама. Сведоци сме на еден вџашувачки и убиствен (за Македонија), но и самоубиствен (за нив самите) композит и комплот од губитнички и исфрустрирани политички субјекти и субјекти гладни и болни за власт по секоја цена. Субјекти што личните интереси, фрустрации и его ги ставаат пред интересите на државата. Ама ете, конечно паднаа сите маски, на виделина се појави лошото актерство и вистинските грди лица. Но, сведоци сме и на изигрување на мнозинската волја на македонските избирачи, кои се ставени во позиција да ја трпат тиранијата на малцинството. Истите тие актери, кои со платформи и „суштински суштествен став“ го сквернават Уставот, во името на тој устав сега ќе бараат мандат да составуваат влада и како поразени да владеат со Македонија. Јас не знам како тие замислуваат како претставници на 15, 17, па еве нека се и 20 отсто (ама да се преброиме на попис), да управуваат со останатите 80 или 85 отсто население на Македонија, а нивните претставници кои се победници на изборите да не учествуваат во тоа управување. Тоа не е дозволено. За да уживаш права од Уставот на Република Македонија, најпрвин треба да го почитуваш. Обврзувачки е да не се однесуваш спротивно на неговите одредби. Тој, Уставот е Lex superior, закон над законите, во кој е вграден основниот државнички принцип – во основата на државата, во случајот Република Македонија, се вградени темелните уставни вредности на уставниот поредок. Во овој контекст платформата на албанските партии е акт на нелојалност кон Р. Македонија и акт на разорување на унитарноста на нашата држава. Зошто? Затоа што е сурова политичка уцена и безобѕирен и безобразен пазар, помеѓу нејзините потписници, од една страна и Зоран Заев и раководството на СДСМ, од друга страна. Тоа е пазар со темелните вредности на кои почива Македонија – унитарноста, националниот идентитет, уставниот карактер на суверенитетот на граѓаните, на службениот јазик, знамето, химната и грбот. Боли оваа балканска состојба, без потреба, повторно и повторно враќање на почетокот. Држава создадовме во 1991 година, и сега после 26 години, некој ќе ја кити со нови симболи. Разумен човек, уште ако е и човечен, од постојани барања за се повеќе човекови права, базирани на невистинита и претпоставена нерамноправност, ќе почне и туѓата параноја (за онеправданост) да ја чувствува како своја дијагноза. Бог да те чува и да те брани. Ама и да те одбрани.

Сето ова е дрзок и безобразен меѓународен скандал бидејќи како акт, платформата е инспирирана и напишана во Тирана, а според содржината и барањата што ги содржи е целосно спротивна на Рамковниот договор од 2001 и Уставот на Република Македонија. Нуди редефинирање на Македонија и тоа уставно редефинирање. Таа е грозоморен заговор против разумот (на чесно, искрено и политичко дејствување), против логиката (на демократијата од 21 век) и вистината (за Македонија како унитарна, независна и самостојна држава). Следствено, таа, платформата, е и антидржавна. Сите овие непобитни факти се Ахиловите петици на платформата.

Да не заборавиме дека Македонија е состојба на умот. На секој Македонец поединечно, и на сите Македонци заедно. Македонија е свест за нашето историско, географско, национално, државно и културно постоење, егзистирање и опстојување. Тоа значи, од една страна, свест за суверена, самостојна, демократска и социјална држава Македонија, свест за нејзината унитарност, за граѓанскиот суверенитет, за неделивоста и неотуѓивоста на државната територија, за мултикултурноста, мултиетничноста и мултиконфесиналноста на општествената заедница. А од друга страна, свест за опасноста, од двојазичност и бинационалност, од федерализација и кантонизација.

Сите недобронамерни пиаровци и злонамерни спин-доктори треба да знаат дека народот и јавноста не е едно те исто. Kако прво, ниту јавноста е племна во која с` се фрла, а како второ, ниту народот не е бесконечно трпелив, па да дозволува било кој, кога и ќе посака, на глава да му се качува, и оттаму во двор да му уринира. Зошто има уште луѓе што мислат дека народот е неформална маса без свест и паметење? Мора ли овие туѓи платформисти и домашни спиритуалисти, се одново и одново, без потреба и никаков повод и понатаму да го малтретираат и трошат? И мора ли и понатаму да играат мајтап со него? Никој не е помногуброен од народот. Kако што вели Радован Павловски, мајка му мајчина, точно е дека народот е непотрошлив, ама не предизвикувајте го без потреба неговиот гнев. И да не заборавиме: народот е константна, поединечна и колективна мера. За с`. Никој на светот не памети толку ситници и детали како што памети народот. Затоа, во одбрана на с` што е македонско, во одбрана на македонизмот, време е жинзифовски да порачаме: без разлика дали сте другоземци, друговерци, тиранци или приштинци, не гибајте во нашата нарав, со вашите клети и луди моди. Kаква е таа демократија и каков е тој излез од криза, со најниско морално паѓање на човекот? Не можеме повеќе да трпиме, немаме повеќе право да молчиме, мораме да го кренеме гласот, мораме да ја браниме Македонија. Kаде се идеалите? Па за Македонија се работи, за името, за опстојот на јазикот и културата наша. Тие се нашиот идентитет. Имаме ли совест? Чувствуваме ли барем малку одговорност? Свесни за фактот дека историјата на Македонија постојано била предмет на агресија, на присвојување, на прекројување, на асимилација, мудроста обврзува да се стави крај, додека има време. Затворањето очи пред оваа политичка, правна, духовна и културна агресија, е многу погрешен потег. Kриењето, пак, на главата в песок, не е никаков излез. Мудроста да се спротивставиме на овие атаци и храброста и одлучноста да браниме с` што ни е нападнато е вистинската стратегија. Најпрвин, да ги збиеме редовите, да обединеме с` што е македонско – загрозено од туѓи платформисти и домашни спиритуалисти.