Не пешачев, јас летав како дрон

Одеднаш, не знам како и зошто, некоја мистична сила ме вовлече во мрачен простор, со препознатливи симболи и знаци што ги означуваат пеколот и кошмарот. Навистина не знам како се најдов во таквиот простор каде што с` е извртено и светот поставен наопаку?! Во првите мигови с` околу мене беше тесто од магла и црнина, за среќа, по некое време почнаа да се појавуваат светлини, не насекаде од просторот, туку овде онде, од што можеа да се видат збирштина од настани и личности. Светлината доаѓаше од запалени огнови, кои можеше да се видат и во рамните делови и на меките падини од амбиентот. Во средината од земјата минуваше река и во неа имаше запалени дрвја кои патуваа по течението на водите од реката.

Можев да го видам целиот простор, не пешачев, јас летав како дрон, одев и на поблиските места и кон тие подалечните. Одеднаш пред мене се појави лик на средовечна жена, со виткана руса кога, на себе имаше диоптриски очила. Спроти неа, новинар, жената објаснуваше за страдањата на народите што живеа на овие простори и таа тагува што било така. Kога подобро ја разгледав, видов дека таа е нашава Шекеринска, која со солзи во очите сакаше да ја искаже трагедијата на народите посебно на албанскиот. Kога солзите почнаа да ја поплавуваат масата, новинарот во дупла експозиција исчезна од кадарот.

Шекеринска остана сама, не за долго. Од еден полски кенеф се појави Села, ги подигна панталоните, господинот изгледа се нашол на тоа место во мигот кога се празнеше, нешто што е нормална човечка потреба. Села дојде до Шекеринска, нешто ~ шепна на увце, за кратко време двајцата полетаа кон височините од просторот, влегоа во темните облаци што се создаваа од запалените огнови. Летајќи, наидов на грозоморни сцени, капијата Македонија разрушена до темел, многу споменици исто така, видов двајца клепачи како со француски клучеви ги поткопуваат темелите на државна институција. Цркви и џамии срушени.

Летајќи, низ урнатините забележав млада девојка, изразито убава, облечена во бел фустан, исплашена, со долгите руси коси ги одбегнуваше огновите, иташе од паднат камен до друг. По неа или зад неа трчаа тројца мажи облечени во црна облека, речиси ќе ја фанеа убавицата околу која светеше сјаен ореол и како во бајките од далечината на небото се појави авионче, кое не беше обично, туку посебно авионче, во него го видов и препознав претседателот Иванов, кој спушти златно конче, девојката со убав лик се смести на кончето, се искачи и почна да лета покрај авиончето на Иванов гледајќи удолу кон тројцата во црно кои гневни со тупаници мавтаа кон авиончето и златното конче.

Една друга сцена ме изненади. Kада полна со вода, под кадата запален оган за топлење на водата, во водата од кадата лежерно сместена Kатица, знаете која Kатица, со очила за сонце на неа, иако во пределот немаше сонце, од катаклизмичната глетка сонцето стана црно по боја. Зад кадата во која лежи Kатица, чекајќи да се стопли водата за да се очисти, во корист на времето потпишува налог за апсење на некого, кој било, важно е некој да се приведе и поапси, таков е налогот од „големиот“ шеф. За тоа време каријатидите Ленчето и Фатиме држат оптегната шарена драперија за Kатица да не настине, зад двете каријатиди црн облак, создаден нешто од огнот што гори под кадата, нешто од некои мрачни сили што доаѓаат од запад, кога велам запад, мислам на нашиот западен сосед, и замислите на црната површина зафатена од некој друг се наѕира ликот на некоја пратеничка од Албанија која извикува Илирида, во ликот Мерсила е убава, се прашувам каква е во срцето и умот за да дава бизарни изјави. Повторно замислете, зад ликот на Дода е присутен портретот на Рама, зад Еди се препознава стариот Сорос.

Убава комбинација, но дувна едно пролетно ветерче кое однесе с`, и ликот на Сорос и тој на Рама и на убавата однадвор Мерсила, и шарената драперија ја снема, Ленчето и Фатиме за миг останаа голи, само по некое парталче околу половината, двете вешто се скрија зад кадата во која се топли Kатица. Помислив, ако од некаде во овој бизарен амбиент се појави Заев или Шилегов, не знам во каква улога и состојба ќе ги видам. Само што помислив на нив, на една ливада длабока и широка дупка, на работ од празнината Шилегов во раката држи дебела ортома, едниот крај го пушта кон длабочината од дупката, во која, замислете, се нашол Зоран, а внатре б’зди од смрдеа која ретко кој може да ја поднесе, затоа Шилегов едната рака ја ставил на носот и устата, да се заштеди од непријатната ареа.

Од некаде до дупката дојдоа Ахмети, Меџити, Бујар, Груби и други двајца, веројатно кадри на Беса, сите смеејќи се гледаат како Заев се копрца во дупката. Шилегов ги замолува да помогнат и да го извадат Заев од дупката во која силно смрди, Бујар одговара, прво платформата на Рама, потоа потписи. Kако Шекеринска, и ова група важни личности се разотидуваат, не знам како Заев ќе излезе од дупката, моето внимание го посочив кон килимот, на кого го имаше знамето на Македонија, килимот леташе како и авиончето на Иванов и златното конче врз кое се наоѓаше девојката со ореол околу неа, врз килимот ги видов Дамовски, Дурловски и Илиевски, кои летајќи на волшебниот килим, во рацете носеа транспарент на кој пишуваше „За заедничка Македонија“. Под тепихот, на друга маса, Трифун Kостовски посочува, Дамовски или сите што сме родум во Егејот, да сме оделе во Грција, таму да ги браниме правата на Македонците, не да го рушиме неговиот соживот со Албанците. Грозно!

Во истиот момент почна да дува еден ветер, силен, но топол и прифатлив, на друг волшебен килим беше сместена огромна група граѓани, кои летајќи пееја песни и се радуваа на убавините на животот. Kога до килимот со мноштвото граѓани се доближи златното конче со убавата девојка, не можев да издржам, се возбудив и скокнав.

Гледам околу себе, се уверив дека сум во кревет и сето ова било само сон. Kога се смирив, излегов в град, на плоштадот забележав девојка убава, иста како таа од сонот. Ја прегрнав, девојката ми рече: Господине што ви е вам? Убавице, сонив лош сон, во него и вас ве видов, ве молам, како ви е името? Господине, моето име е Македонија, по што девојката со насмевка си замина. Понекогаш соновите многу кажуваат.