Не бркајте во нашата македонска душа со вашите гнасни прсти!

Сета актуелна калакурница на Бугарите кон Македонија (за нацијата, јазикот, државата), барем во оваа пост модерна фаза, започна со изјавата на поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, дека македонизмот е готов.

Тоа го повтори и Божидар Димитров, при што истресе и еден куп глупости дека Илинденското востание било бугарско, дека Македонија била ‘’Југозападна Бугарија’’, дека со пари ќе ги купувал македонските академици за да кажат дека се Бугари, и не знам уште колку какофонија. Не издржа, се јави уште еден поранешен, Петар Стојанов, и оп, според него Илинденското востание е бугарско, а Македонија е дел од Бугарија. Истото го мисли и актуелниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов. Ама, знаете, тој е политичар, и тоа актуелен, па сака да биде мудар (целта му е да го наседне Заев), и вели дека Македонија постои од 1991 година, а не од 1994та, кога со АСНОМ се конституиравме како држава со сите нишани. А за јазикот и нацијата, се знае, и тој, како и политички заглупените Плевнелиев, Димитров и Стојанов, покажува историска затупеност, и тој мисли дека ние не постоиме како Македонци. И толку требаше. Се буди од својот зимски сон Владимир Перев, наш човек, што би рекле, домашен, или како што тој самиот вели, ‘’македонски Бугарин’’, и веднаш на велико ни го  нуди најромантичниот дел на бугарската историја: Бугарија била вистинска држава,а Македонија фалц. Бугарите асален народ, а ние фаличен. Во смисла не осознаен за своите б’лгарски корени. И пази, онака ноншалантно додава дека Борисов, Заев и Димитров ништо не знаат за историјата. Тука ќе додадам, и ќе прашам: дали и Ципрас и Вучиќ, не знаат што е историја, па утре(четврток), ќе се сретнат во Атина, каде ќе им се приклучи и Борисов? Така, од немајкаде ќе состанчат! Да не ги фати манијата на Милошевиќ и Туѓман, па да почнат да шараат на салфетки и да создаваат ‘’уметнички дела’’, кои наместо да предизвикуваат љубов кон убавото во уметност, ќе предизвикуваат нови војни на Балканот. Абе вљубеници во Македонија, доста ни испорачувавте историја во вид на прекројување, присвојување, агресија, насилство, репресија, раселување и асимилација. Аман, доста беше! Зошто званичници на Грција и Бугарија и Србија, секогаш, ама буквално секогаш, во незгоден или пресуден момент за Република Македонија и нас Македонците во неа, ни го оспоруваат правото и сакаат да ни ја оспорат легитимноста да се нарекуваме МАКЕДОНЦИ (како автохтон народ), а државата да го носи името РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА? Како, еднаш за секогаш, да се спречат овие опструкции и пропаганди против Македонија?

Сега да му се вратам на овој нашиов освестен Бугарин, поточно на тоа што го изнесе во емисијата ‘’Само вистина!’’, на Канал 5 телевизија. Ако се водиме според  насловот на емисијата, треба да му поверуваме, бидејќи, нели, таму, во таа емисија, се изнесува само вистината. Ама, јас некој неверни Тома, па се думам: што да мислам, и како да ги наречам овие иториско-политички накази? Најблаго што можам да напишам е дека тоа се егзархистички и врховистички внуци, на цар Фердинанд, кои негирајќи ја македонската нација и постоењето на македонскиот јазик, прават злонамерен заговор против разумот, против логиката и против вистината. И да бидам искрен, како такви самите себе се претвораат во извитоперени постмодерни лингво-национално-државно-правни трибалисти. Нов тип на мумии, со неверојатна реа на Сан Стефано, Букурешт, Берлин, Париз, Версај… А од нив се шири шовинизам, иредентизам, национализам и нихилизам. Тоа ти е модернистичката мисловна автархија, која што како битие е јалова. Ги слушам сите овие блгарски дејци, и овој домашниот, по не знам кој пат пробуден, и повторно се прашувам какви типоси се? За ова веќе немам дилеми: тие се фрикови од евроболшевистички маштрап. Не знаеш кој е напафкан, кој пијан, а кој шлакнат. Ама едно е сигурно: сите се егзархистичка паралелка, врховистичко устројство. За нивниот политички ракурс и дипломатски стил, од аспект на втората декада на 21от век, имам само едно објаснување во стилот на французите (кои многу ги милуваат и јазикот им е полн со француски жаргони) – се са бизар. За нивното невоспитано и просто мешање во нашите внатрешни работи, пак, само еден збор – дегуте. Уште едно се прашувам: кој е и каков е феноменот, или синдромот од кој се зафатени овие ликови? Дали е тоа старата болка и ненаситна глад за стари, познати, ама и изветвени митови, или пак има и нови митови и нереализирани соништа. Сите овие ‘’душебрижници’’ од бизарно-дегутантен сој, треба да знаат дека ние знаеме, оти отфрлањето на стариот сурат и стил, не е гума за да ја избрише историската вистина – за нив, за нас и за нашите меѓусебни односи. Не сме глупави за да не го забележиме нивното ново руво, кое пак нема моќ да го избрише минатото и вистината за него. Можам да ги разочарам со фактот дека спектарот за нивниот светоглед е со парохијален досег. Епа за вас, и вашите бљувотини, доста беше. Сега да ви присоопштам нешто за Македонија, и се што е македонско.

И веднаш директно и конкретно: Македонија де факто и де јуре постои. Територијата постои, еве на неа живееме и егзистираме. Народот сме сите ние. Во Македонија, околу Македонија и во дијаспората. Името ни е Македонци, во држава Република Македонија. Јазикот на кој зборуваме е МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Имаме вековна традиција и КУЛТУРА МАКЕДОНСКА. Денес после толку многу векови, зачувано е името МАКЕДОНИЈА. И покрај многуте преселби, доселби, војни, освојувања, окупации, депортации, геноциди и асимилации, населението во Македонија, Македонскиот народ, никогаш не го променил својот МАКЕДОНСКИ идентитет. И сега! Зошто Хелените, Илирите, Тракијците, и многу други, со тек на времето се развиле во Грци, Бугари, Срби, Албанци, Румуни, не се нарекле МАКЕДОНЦИ, територијата на нивните држави не ја нарекле МАКЕДОНИЈА? Од друга страна, историски факт е дека само мнозинското население од ова географско подрачје, кое денес се поклопува со територијата на Република Македонија, го задржало името Македонија, како и традицијата, културата, јазикот и црквата, и со тоа има ИСТОРИСКИ и ДРЖАВНО ПРАВЕН ЛЕГИТИМИТЕТ да се нарекува со име МАКЕДОНЦИ. Да, бе батки. ОД СЕКОГАШ! И ЗА СЕКОГАШ!

За крај нешто специјално за бај Владимир Перев: почитувам, ама навистина почитувам, ти во Македонија да се чувствуваш како Бугарин. Твое право, и еве го имаш. Ама зошто не почитуваш и не дозволуваш јас, мојата маленкост, Сотир Костов, во Македонија да се чувствувам како Македонец. Правото е исто, само чувството е различно, да бидам искрен многу различно. Зошто ти да имаш такво право, а јас да немам. Зошто велиш дека нема Македонци, туку има ‘’македонски Бугари’’. Не мислиш ли дека малку е ступидно да докажуваш дека нешто не постои, нешто кое е толку очигледно и секојдневно ти е пред очи? А за твоите омилени бугарски политичари и менаџери на историјата, кои не биле пијаници како Тодор Живков, можам само да кажам дека ако не се тоа што ти велиш, тогаш со сигурност се многу површни, морално лабави, без домашно воспитување (ова особено важи за Божидар Димитров), имаат дефицит на култура и немаат минимум политичко образование, бидејќи ги пикаат своите валкани прсти таму каде што не треба и не им е место. Ете тоа е дефиницијата за нивниот варварски атавизам. И за крај: Доколку во минатото Крсте Петков Мисирков беше историското око  на Македонија, тоа денес е национално освестениот македонски народ, т.е. сите граѓани на Република Македонија – Македонци, кои будно бдеат над македонизмот и се негови ангели-чувари.