Македонија и нива во Муртино не е исто

ДУИ и СДСМ имаат исти ставови за ЕУ, НАТО, СЈО, како и за рамномерната распределба на буџетот по региони. Така вели Заев. Ако е познато дека за влез во ЕУ и НАТО треба да се смени името на државата, ќе може ли Заев да ни соопшти какво име ~ скроиле на Македонија? А ако е познато дека спорот за името навлегува во идентитетот на Македонците, дали ќе сака лидерот на СДСМ да открие како во иднина ќе се нарекуваат Македонците?

Или и тоа нема да ни каже. Важно Заев во иднина ќе владее со државата, чие име не е битно! Тоа што е битно е дека тој некако да се дограби до власт, а потоа ќе му ја мисли кому што му ветил и што треба да исполни, и како ќе го стори тоа.

ДУИ и СДСМ се договориле и за Законот за употребата на јазиците. А што се договориле, повторно, не соопштуваат. Се однесуваат како да се договараат за цената на нивата во Муртино, а не за државни и национални интереси.

Мала група луѓе одлучува во името на два милиона граѓани. И упорно не кажуваат што е тоа за што преговараат и се договараат. Иритира, зарем не?

Несомнено дека Заев ќе ја прифати целата албанска платформа само за да дојде на власт. Ќе прифати нешто за што не гласаа граѓаните на Македонија.

Откако беше во Швајцарија, каде што пред албанската дијаспора ветуваше кантонизација и двојазичност, за време на изборната кампања велеше дека такво нешто има само во главата на Никола Груевски, дека такво нешто не им ветил на Албанците. Заедно со Мухамед Зекири ги убедуваа граѓаните дека ќе градат граѓанско општество, дека етникумот ќе биде во втор план. По изборите н` убедуваа дека Албанците гласале за Заев за да добијат канализација, а не кантонизација. Но, на лагата ~ се кратки нозете. Еве гледаме како два и пол месеца, освен за етнички прашања за друго ништо не се зборува. Гледаме и како ветувањата на Заев за Албанците, ги кренаа до плафон барањата на албанските партии, па беше стокмена платформа кај Еди Рама.

Целосна еднаквост на Албанците со Македонците, под што тие подразбираат поделба на државата и влез во НАТО (под што тие подразбираат промена на името на државата). Потоа, барањата за СЈО како уставна категорија, и Албанец на местото шеф на државата, премиер или претседател на Собранието.

И кој рече дека политичката криза ќе биде решена со декемвриските избори? Kолку што гледаме, таа с` повеќе и повеќе се продлабочува. Само овој пат нетрпението расте кај Македонците, затоа што пред нивни очи се одвива пазар со државата која тие ја создале. Пазар со Македонија за која многумина го положиле својот живот за денес да може да имаме своја држава. Но, ете сега се најде некој Заев од Муртино, кој одлучи да си поигрува со суверенитетот и интегритетот на Македонија. И потоа се исчудува опозицијата ако некој патриот спомене војна! Нема потреба од чудење оти СДСМ на чело со Заев до таму ја доведоа работата луѓето да почнат да размислуваат како да си ја одбранат државата.

А дека ова ќе ни се случува беше навесетно уште со појавата на „бомбите“. Оти никој не дава такви „бомби“ за „убави очи“ туку треба да се реализира планот на пријателите на Заев од надвор. А планот е, Македонија повеќе да не постои ваква каква што е, туку да биде ничија, безимена земја во која некој друг ќе си ги остварува геостратешките интереси, а не Македонците.

Сомнежот дека со бомбите нешто лошо ~ се подготвува на Македонија го подгреа Заев и со изјавата за косовската телевизија, по кумановските настани, каде што ни порача дека името треба да ја отсликува мултикултурата, како и тоа дека треба да се воведе двојазичност во државата. Малку сомнително беше што човекот, кој, нели, е заинтересиран само власта да си замине, со ништо предизвикан, на маса стави предлози што одат на штета на државата. И тогаш се поставуваше прашањето дали предлозите не се дел од „подарокот“ подготвен за нас? Денес гледаме дека било така.

Јасно се гледа дека тие што му помогнаа за бомбите барале нешто за возврат, барале уништување на с` што е македонско. Никој нема против Албанците, но со оваа луда игра на Заев не може да се исклучи влошување на меѓуетничките односи. Можеби тоа е и целта на планерите. Ќе видиме. Но, натаму оди работата. За да се види што мислат граѓаните за албанската платформа, која не беше понудена на избори, туку по нив, најдобро е да се одржат нови избори, па да видиме како ќе гласаат граѓаните на оваа држава. А не без да се прашаат, Македонија, зад нивен грб, да се продава како нива во Муртино.