вторник, 25. септември 2018. Вести денес: 136
home Колумни

Лесно на оние кои ќе полудат, па животот им минува весело

Лесно на оние кои ќе полудат, па животот им минува весело

Изминуваат три месеци од локалните избори на кои СДСМ со коалицијата го доби градот Скопје, како и општините, но сеуште нема ниту еден проект.

Можеби единствениот е оној на Петре Шилегов, ако воопшто може да се нарече проект, со кој автобусот број 50 ќе застанува на автобуската станица во ГТЦ каде и порано застанувал. За тоа се местеа бини, се плаќаа пејачи да пеат и се држеа говори.
Не само на локално, туку и на централно ниво, откако СДСМ дојде на власт во јуни минатата година, не успеа да направи речиси ништо. Во такви услови кога ништо не се гради, не се решаваат проблемите на граѓаните, нема реални реформи, акцентот е ставен на распродажба на државата и националниот идентитет. Такви примери се штетниот договор со Бугарија и неуставната двојазичност.

Во меѓувреме нема ништо ниту на економски план. Перјаниците на власта го пополнуваат медиумскиот простор единствено со напаѓање на проектите на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, со измислување лаги за спроведените проекти и со дезинформации околу квалитетот на проектите. Тука со секојдневните активности помагаат и правосудните органи.

Па така проект вреден 208 милиони евра, кој беше објаснет во детали, ни помалку ни повеќе сега се претставува како проект вреден 700 милиони евра. Очигледно се водат од народната, илјада пати повторена лага, станува вистина. Оние кои ја бранат власта, а очигледно се платени за тоа, дури и годишното одржување го ставаат во трошокот само за да ја зголемат нивната и онака прикажана нереална цена. Дури и за прокиснувањето на институциите кои не се дел од овој проект, туку направени многу порано, за актуелната влада виновно е ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно секоја градба кога има многу дождови може да прокисне, а првиот човек на институцијата е должен согласно закон да ја санира штетатата.

Но, сите тие премолчуваат дека со проектот Скопје 2014 година се решија просторните проблеми и плаќањето кирии на повеќе државни институции. Придобивките се и на локално и на национално ниво. Зошто? Скопје стана туристичка атракција и се дуплираше бројот на странски туристи кои го посетуваат, денес и повеќе отколку што го посетуваат нашиот најпознат туристички центар Охрид. Во центарот на метрополата се поставија национални симболи, обележја и споменици кои очигледно не се по мерак на оние кои вистински сакаат сопствена држава Република Македонија.

Актуелната власт предводена од СДСМ, уште некој период може да се занимава со обвинувања и дезинформации во врска со изграденото од ВМРО-ДПМНЕ, но бргу ќе дојде денот кога народот ќе праша: а што создадовте реално Вие?

Владата предводена од СДСМ наместо да работи, оди дотаму што најавува рушење на приватно изградените галии во кои сопствениците вложиле меѓу еден или два милиони евра од секој. Ваквиот луксуз сега власта ќе ја чини 5 милиони евра. 5 милиони евра не за да гради нешто, туку за да урива. Исто така најавија уште 3 милиони евра за да го урнеле недоизградениот мост меѓу МЕПСО и МНТ.

Наместо со парите за рушење да продолжат да работат или да ги решаваат проблемите на граѓаните, тие упорно размислуваат колку пари да се одвојат за уништување, наместо за градење.

Тука е и изјавата на Шилегов дека галијата кај МЕПСО го предизвикала малото излевање на Вардар неодамна врз велосипедската патека. Вардар низ вековите и годините, секогаш на неколку години се излевал, некогаш и предизвикувајќи поплава на неколку места на градот. Тоа во денешно време се регулира преку ЕЛЕМ и неговите хидроелектрани, и се спречува.

Галијата таму е крената на столбови и нема никакво релевантно влијание во волуменот на коритото, но, оваа власт не прв пат ја потценува интелегенцијата на народот. Дали од таа мала галија-ресторан, може да настане поплава која би нанела некаква штета? Одете и погледнете. Никој не треба да дозволи Шилегов да му ја потценува интелегенцијата.

Затоа за случаите и ликовите како скопскиот градоначалник, Србите имаат една изрека: „Лесно на оние кои ќе полудат, па животот им минува весело“.