Лажливост за патот кон НАТО

Никогаш во ниедна влада на Република Македонија без разлика дали била со десна или лева политичка провиниенција не постоело дилема дека патот на Република Македонија во однос на ориентацијата во меѓународните односи и позиционирањето е насочен кон членство во НАТО. Оваа е недвосмислен национален интерес и политичко-стратешка определба и на најголемиот број на политички субјекти во Македонија, а особено на ВМРО-ДПМНЕ и СДС.

 

Впрочем, затоа и одработевме толку МАП-ови (рекордери сме во светот-19 цели) и учествуваме во приближно сите мултинационални операции на НАТО (од 2002 година)  и бевме подготвени за влез уште во 2008 година. Токму тука нема никакво прашање кое треба да се поставува, анализира и коментира, но за жал СДС се одлучи токму на оваа карта да игра во однос на наводната затвореност на Македонија во меѓународната заедница за времен на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Од таа наводна затвореност сега СДС со Заев треба да не извлече и тоа со директен прием во НАТО. Пред 8-9 години токму за оваа ситуација пишував во еден мој научен труд кој го презентирав во Црна Гора на Регионален евроатлантски камп наменет за студенти од регионот и Европа, а во контекст на употребата на етнополитичката мобилизација во Република Македонија, Грчкото вето врз членството на Македонија во НАТО, интересот на Русија согласно нејзината стратегија од 2008 година насочена кон регионот и НАТО и ризикот и штетата кои неприемот на Македонија во НАТО на прво место ќе ги има САД во стратешките влијанија во регионот и Европа, а најповеќе ќе ги доживее Македонија и тоа првенствено поради неконзистентната политика на нашите западни сојузници и стратешки партнери се покажа како точна. Мене исклучително ми е јасно дека никогаш некоја супер сила или голема сила нема да признае дека погрешила или дека не е во право, но вистината е една и очигледно во неа за покривањето на туѓите погрешни политики и стратешки пристапи Македонија ќе биде жртва.

Но, да започнеме со оваа анализа и осврт на лажливоста за наводно новиот импулс кон патот за НАТО.

Имено, Заев во збирот на сопствените лаги и несигурни, несоодветни и конфузни одговори на новинарите на МТВ освен дека за се и сешто ќе отвори дебата (патем да прашам за што тоа ќе одлучува и ќе сноси одговорност или за се ќе дебатира и ќе бара колективна одговорност), кажа дека Македонија во НАТО ќе влезе многу бргу под привремената (25 години веќе привремена) референца FYROM. Го кажа ова и мислеше веројатно дека македонските граѓани се со кратко паметење. Е па ајде да се потсетиме почитувани сограѓани и сонародници и тоа хронолошки и според меѓународното право:

1.Уште во 2008 година владата на ВМРО-ДПМНЕ и тогашната администрација на САД беа подготвени приемот во НАТО на Република Макеоднија да биде под FYROM.

2.Грција во Букурешт стави вето на одлуката за прием на Македонија и покрај оваа подготвеност на Македонија и сите други земји членки на НАТО.

3.Поради оваа состојба Македонија покрена тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, а за кршење на времената спогодба помеѓу Македонија и Грција од страна на Грција и противправно попречување Македонија да биде рамноправен член на меѓународни организации и сојузи под референцата FYROM.

4.Македонија ја доби пресудата на Меѓународниот суд на правдата во своја полза, но Грција никогаш не ја испочитува и продолжи да го блокира членството на Македонија во НАТО.

5.Земјите членки на НАТО може да постават вето за секое прашање за кое сметаат дека им ги загрозува националните интереси.

6.Согласно ова и Македонија (под кое и да име биде примена во НАТО) ќе може да стави вето на некои одлуки на алијансата, а Грција ова многу добро го знае и затоа има потреба од некои други гаранции пред Македонија како и да е (под кое и да е име) влезе во НАТО.

Знаејќи го сето ова на што се потсетивме, искрено се прашувам на што се должи „оптимизмот“ на Заев за брз влез на Македонија во НАТО макар и под референцата FYROM и сметам за потребно дека тоа треба јавно да го објасни пред Македонските граѓани.

Се сомневам, бидејќи добро знаеме какви се не тајни обврзувачки договори може да се направат и што се ќе треба потоа да испорачаме (како впрочем временото име FYROM). Моите претпоставки одат во насока на обврзување дека со давањето на „ветар во грбот“ на Заев со приемот во НАТО под референцата, треба да му се даде предност во внатрешната политика, што нему многу му е од полза за пресметка сои ВМРО-ДПМНЕ. Односно, дека еве ништо не боли да се влезе под референца, а потоа да се преговара за името. Токму тука, според мене е основната замка, односно јадицата на која ќе треба да се фатиме сите ние. Занесени од „победата“ да ја внесеме Македонија во НАТО, за следниот чекор  или влез во ЕУ ќе треба да бидеме „мудри“ (секогаш се повторува историјата со мудрите политики на СДС) и да попуштиме пред Грците. Всушност моето мислење е дека веќе претходно Заев, Димитров и друштвото им имаат попуштено, а целата операција е насочена кон замајување на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија да ја голтнат мамката, а потоа да се чудиме што не снајде.

Втората етапа за дефинитивна промена на името на Македонија и свесно самоуќинување на Македонската нација и прифаќање на последиците од овој чекор нема да биде референдум или некаква си дебата на дебатољубецот Заев. Таа е насочена кон подоготвување на терен за уривање на ВМРО-ДПМНЕ како единствена мобилизаторска и патриотска сила на Македонскта државност и Македонскиот народ. Тоа уривање првенствено е насочено против Груевски, паралелно се одвива на неколку линии (внатре во партијата и со други суптилни методи на притисок, но и отворен притисок), а преку него воедно ќе се покрие и неспособноста на СДС-то за „реформи“ како што љубат да кажат, односно да поедноставиме – неспособност за економски напредок и благосостојба на граѓаните. Затоа и СЈО ја интензивира својата работа, паралелно со активностите на Заев и СДС-то да направат „реформи“ во судството, започнувајќи од ОЈО кое води постапки токму против Заев. Се мора да биде добро искоординирано за да се заврши работата до крајот на годинава, а народот да не сети.

Во меѓувреме СДС-то глумејќи работа и посветеност, грижа за народот ќе зборува за распуштеноста и недомаќинлакот на претходната власт (заборавија кој ја направи приватизацијата) и во меѓувреме суптилно заканувајќи се на секого кој нема да ги премолчи нивните глупости, неработа и најповеќе предавство на сопствената татковина и нација.

Анализата е всушност многу едноставна. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не подлегна на непристојните предлози за предавство на нацијата и затоа не постоеше чудесна формула за влез во НАТО под референцата иако тоа беше можно и според меѓународното право и времената спогодба. Очигледно е дека нешто се крие зад оптимизмот на Заев, а тоа не е наводното престанување со провокации кон Грција од наша страна. Очигледно е дека Заев и неговиот тим од полусвет се добар материјал за реализација на туѓи интереси. Очигледно е дека во Македонија нема да се живее потобро туку дека ќе се „дебатира“. Очигледно е дека сите што не се согласуваат со овој концепт на „дебати“ ќе бидат прогласени за неподобни со тенденција да бидат прогласени за криминалци и отстранети од јавниот и политичкиот живот.

На крајот од оваа кратка анализа за тоа како преку лажливиот пат кон НАТО очигледно ќе го загубиме националниот Македонски идентитет имам едно прагматично прашање до „реформаторот и дебатирачот“ Заев. „Дали си подготвен да дебатираш, да отвориш широка јавна дебата и за прашањата кои се однесуваат за тебе лично и твоето семејство (да не кажам нешто повеќе од ова)“? Веројатно за сите овие очигледности нема да има реакција и дебата од „не“владините организации, бидејќи тие со својот „лик и недело“ изборија место во владата на Заев. Впрочем како што би рекла госпоѓата Шеќеринска „некои прашања не заслужуваат одговор“, онака очигледно демократски опфатено со широка дебата.

Веројатно затоа нема да дебатираме околу очигледно тајните спогодби за влез во НАТО под референцата, а потоа за трајно, да трајно решавање на името на Македонија, а со тоа и на Македонската нација. Токму онака како што очигледно нема да дебатираме и добиеме одговор за узурпаторот Талат кој се претставува како Претседател на Собранието на Република Македонија и неговата законска одговорност за узурпацијата.

Со среќа нека ни е дебатата, онака широка за лажливиот пат кон НАТО, а сетете се на почетокот на оваа колумна за немањето дилема дека стратешки партнер за Македонија и секако за ВМРО-ДПМНЕ се НАТО, САД и ЕУ, се друго е очигледна лажна дебата.

 

Доцент д-р Оливер Андонов