понеделник, 21. мај 2018. Вести денес: 128
home Колумни

КУЛМИНАЦИЈА НА СИЛУВАЊЕТО

КУЛМИНАЦИЈА НА СИЛУВАЊЕТО

Во последните два месеци се направени сериозни и стручни анализи за Законот за употреба на јазиците, кои ги опфаќаат речиси сите аспекти на неговото незаконско и против уставно донесување, но и на последиците кои би ги предизвикал овој закон, доколку се донесе. За жал, ниту една од овие, во голема мера исцрпни анализи, а пред се стручни и искажани со чесни намери, не беше препознаена од инсталацијата наречена – власт. Дури и државите – членки на Европската Унија, преку своите амбасадори, порачаа дека донесувањето на тој закон воопшто не е приоритет и не е поврзан со рефомите кои се очекуваат. Бесполезно е, покрај толку ценети професори, интелектуалци и стручни луѓе, покрај пораките од меѓународната заедница, и јас да се обидам да ги охрабрам СДСМ и ДУИ да го повлечат од донесување овој закон, во ситуација кога власта се самодокажува колку е ненародна. Сепак, со ова писание, имам за цел да оставам трага во врска со постапувањата околу овој закон, од една друга перспектива.

Пратеничката група на ВМРО –ДПМНЕ поднесе над 35.000 амандмани за Законот за употреба на јазиците, со цел усогласување на законот со Уставот на државата. Тоа е наше сосема легитимно и демократско право, но пред се и обврска за спротиставување на донесувањето на закон спротивен на Уставот и на секоја досегашна пропишана норма. Поднесувањето на амандманите инсталираната власт го нарекува блокирање на реформските процеси. Јас не ја гледам реформата која ќе се постигне со донесувањето на еден таков, исклучително штетен по државата закон, ниту ги гледам придобивките за било кој граѓанин на државата, но апсолутно ги гледам последиците од негово донесување.

Постојат сериозен сплет на причини зошто сме против донесувањето на ваков закон. Овој закон е спротивен  на Уставот, што го потврдуваат бројни експерти, а го завери и Претседателот на државата со неговото непотпишување на указот. Ние, како политички чинители, сме должни да спречиме противуставно дејствување во било која форма и од било кого во државата. Шверцувањето при носењето на овој закон со ставање на европското знаменеце на него, кое е со единствена цел да се изгласа во итна постапка и со просто мнозинство, не може да дерогира закон кој е донесен со двотретинско мнозинство, а уште помалку Устав, па од тука ние сме должни да се спротивставиме на секоја таква ситуација. Со донесувањето на еден таков закон, се руши веќе воспоставениот уставен концепт на мултиетничка држава, при што се создава една нова, бинационална држава. Ова создавање на бинационализам, понатаму е неизбежно да продуцира зголемени меѓуетнички тензии, но и поголеми апетити, кои ќе бидат во форма на иридентизам, а неговите контури веќе се гледаат речиси секој ден, во делот на црна хроника на интернет порталите. Со донесувањето на еден таков закон, државата ќе биде втурната во една друга, сосема неизвесна димензија, која може да биде поразителна за понатамошното постење на Република Македонија во суверенитетот, територијалниот интегритет и границите во кои сега опстојува.

Целта која сакате да ја постигнете со ваквиот начин на донесување на овој неуставен закон, не е да дадете некакво поголемо право некому, туку кај сите да предизвикате хаос, а кај поголем дел од народот и страв и несигурност. Сакате да ги прикриете вашата неспособност, вашето незнаење и безидејност, без при тоа да размислите за последниците од овој неповратен процес кој го креирате. Прочитани сте уште пред да ја формирате Владата. Но, ние и не можеме да очекуваме нешто подобро од таквата власт, од едноставна причина што нешто што на сила е воспоставено, не ни може да донесе нешто убаво и добро. Злото само зло раѓа. А вие сте најголемото зло кое и се случило на Македонија во последните седумдесетина години.

Последната изјава на премиерот „да го донесеме, па ќе видиме дека не е нешто болно“ во суштина е како голтање жилети. Пустиот, не убедува дека ако проголта жилет, ништо нема да го боли. Колку ли само треба некој да е уценет, за да даде таква изјава? А пред само три месеци не убедуваше дека нема тиранска платформа, нема закон употреба на албанскиот јазик, нема двојазичност… И покрај се, раката на ВМРО – ДПМНЕ сеуште ви е поддадена, ослободете се од уцените, отфрлете го разнебитувањето на државата, посветете се на вистинските реформи. Ние стоиме зад секое реформско законско решение кое треба да се донесе. Ако сте неспособни да ги спроведете потребните вистински реформи или ако не можете да се справите со притисоците од коалициониот партнер, повлечете се, тоа е подостоинствено отколку да ги унакажете народот и државата.

На Бујар Османи, кој ја игра улогата на вицепремиер, му било страшно што Македонците како народ сакаат да си ја зачуваат државата, спротивставувајќи се на донесувањето на шверцерскиот и неуставен закон за употреба на јазиците. Страшно е, господине Османи, силувањето кое власта го спроведува врз сопствениот народ. Страшно е вашето поимање за демократија, вашето поимање за чувството на припадност кон државата. Страшни се твоите постапки од позиција на вицепремиер, кој зема плата од Македонските граѓани, а ги застапуваш интересите на твоите по националност, а не по државност. Лицемерие до бескрај. Инсистирате во следните денови повторно да го донесете законот, без расправа, без слух, свесни за можната криза која ќе ја продуцирате со таквото однесување. Тоа е кулминација на силувањето на силувањето на малцинството врз мнозинството. Свесни сте, нели? Нелегитмно поставениот Претседател на Собранието, Талат Џафери, за кого сеуште чекаме од Уставниот суд да донесе одлука по поведената иницијатива за неговиот нелегитимен избор, треба да биде свесен за своите постапки и дека сите одговараме за тоа што го правиме, пред Бога и пред Закон. Во моментот кога ќе одлучи да не дозволи да се одвива една законски и деловнички предвидена амандманска расправа за законот, тој само ќе го затвори капакот на бурето во кое ненародната власт ја дави демократијата во државата и само ќе ја констатира смртта на демократијата во Република Македонија. А, ако ја задушите демократијата, тогаш секако дека ќе се појави нова форма на уредување. Дали ќе биде тиранија или анархија, тоа не зависи ниту од мене, ниту од вас веќе.

 

Димитар Димовски- Член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ