Ќе се удавиме ли сите во Рубиконот на Заев?

Претседателите на Бугарија, Петар Стојанов, а особено Георги Прванов одиграа клучна улога, заедно со премиерот Симеон Сакскобурготски (Сакс Kобург Гота клучните кралски семејства кои ја држат Европа во свои раце) за приемот на Бугарија во ЕУ. И Стојанов и Прванов ни беа чести гости во Македонија настојувајќи да се затворат евентуално отворените прашања како тоа со македонското национално малцинство во Бугарија. Софија пред да влезе во ЕУ практично си обезбеди појас за спасување за не дај Боже, а Македонија остана со прстот во уста, зашто не е во клубот, а кога си надвор немаш многу орудија за борба. Освен тие во Стразбур, каде што „ОМО-Илинден“ ПИРИН беше брутално ликвидиран. Практично македонското прашање беше закопано во Бугарија, а опелото се изврши во Стразбур, со амин на Скопје.

Но, европската приказна за Македонија и Македонците не е завршена, а тоа неодамна ни го кажа Дејна Рорабакер, сакале ние да веруваме или не, а тој ете си има истомисленици и во самата Македонија. И тие сметаат дека Македонија е неуспешен проект. Дејна, не си осамен. СДСМ ќе ја моделира Македонија со истомислениците од албанскиот блок-партии, а веројатно веќе се спремни новата химна, новото знаме, новиот грб и новото име кое треба да ја одразува реалноста искажана со Пржино и со платформата – Призренска лига2. Ако ова има врска со битка против корупција и криминал, со економски напредок и отворање нови работни места и перспективи за земјата, тогаш на Водно навистина навечер шетаат поларни мечки.

Оти погледнете во Брисел и во Стразбур – кремот на европската политика, европратениците се убедени од двајца бугарски депутати дека во Албанија, поточно во областите Пустец, Гора и Голо Брдо (каде шо и топонимите кажуваат каква е реалната состојба) живеат Бугари, а сите знаат дека се Македонци кои дури и Енвер Хоџа ги признал, да поверуваат дека главен аргумент за тоа се написи на британски патописци и новинари?! Опааа! Аплауз за Стразбур. Сега знаеме кој всушност ја пишува историјата. Значи историски факти не се тоа што го постигнал некој народ, што станал нација со свои граници, јазик, историја, култура, симболи, песни, поезија, востанија…туку што напишал некој патописец, макар цврцнал и некое ракивче во некоја ме(х)ана. Јасно е дека вакви нешта не би прошле во ЕУ доколку не се влечат конците за големата слика која од Вашингтон ја исцрта Рорабакаер.

Сега и не е толку важно што Софија си ја сече гранката на која сака да седи, оти само ќе си го наруши имиџот кај Македонците и тоа не им се случува сефте, туку опасноста се вика комплетно ретуширање на стварноста за која потписи се ставаат во ЕУ. Македонија да ја снема, како што предложи Рорабакер. Да ги снема Македонците во Бугарија, во Грција, во Албанија и тие самите себе да се избришат во Македонија, државата која тие си ја создале. И ние ова треба да го лапнеме како битка против корупцијата (нешто слично како битка со Бранковиот октопод, октоподот кој самиот го создаде) и за да не видиме дека битката е всушност за Македонија барем ваква каква што е во сегашнава форма. Не сме сигурни, но ајде да прашаме – дали Заев е способен да го помине овој Рубикон без притоа да се удави заедно со својот СДСМ во неговите води. И дали Заев ќе успее сите Македонци да ги удави преминувајќи нешто што никој пред него ниту помислил ниту се осмелил да го направи.