KАРИЕСОТ НА СЈО

На Kатица Јанева мора да ~ се оддаде признание. Не затоа што се изборила да го почести идниот ден на македонското правосудство со своето присуство и во тоа име не прифатила на тој ден да се одржи новото судско рочиште во случајот со настаните во општина Центар. Затоа што со нејзината „добра волја“ спречи да се случи преседан и скандал кој веројатно ќе влезеше во аналите не само на македонското туку и на меѓународното судство: рочиштето да не може да се закаже само поради тоа што специјалната обвинителка Фатиме Фетаи имала закажано „на стоматолог“ на 10 март. Работата дошла до или-или: или забот на Фетаи или рочиштето. За среќа, Јанева како специјалист за одложувањата на рочиштата и за функциите на оралните органи процени дека забите на нејзината обвинителка ќе издржат кусо одложување.

Значи, може да се биде мирен. Kариесот, кој, претпоставуваме, се појавил на некој од задните заби на обвинителката Фетаи, не бил толку опасен и ургентен за лекување. Па, ако можел да чека на третман до 10 март во ситуација кога е закажан деновиве, ете, можел да почека уште некој ден потоа, што значи дека од устата на обвинителката повторно ќе може да излегуваат зборови со кои треба да се придонесе да се дојде до вистината во овој случај кој е веќе долго време во фокусот на јавноста. А какви се зборови и со каква арома може да бидат – видовме. Всушност, можеби ќе беше и подобро да се направеше стоматолошката интервенција бидејќи кариесот знае да направи многу проблеми, посебно ако се оди на серија вечери, приеми, коктели, на кои се јадат благи работи, на кои се прават селфи, а после заборави на забите.

Искрено се надевам дека Јанева, која своите рочишта ги одлагаше поради подготовките за свадбата, сфатила каква скандалозност ќе ја повлечеше одложувањето на рочиштето со образложение дека нејзината обвинителка морало да оди на забар. Но, фактот што такво нешто било искажано во судницата кажува дека утре може да се случи откажување и поради којзнае каква банална причина – одење на пазар или фризер. Kоја е пораката за сопственото и деградирањето на институцијата во која се појавува не е тешко да се сфати. Таква болест има многу потешка дијагноза отколку што е кариесот и, најверојатно, може да се лекува само со екстракција оти нема такви пломби што може да помогнат да се прикрие нешто што секој ден станува очигледно.

Бранко ЃОРЃЕВСКИ за Дневник