среда, 22. август 2018. Вести денес: 0
home Колумни

Името РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА е совршено – и никако не треба да се менува!

Името РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА е совршено – и никако не треба да се менува!

Метју Нимиц нема нова идеја за името и вели оти немало волшебни решенија. Има, господине Нимиц. Наједноставно, волшебно и совршено решение за името на нашата држава е РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Се’ друго е обична ступидна грчка измислица за тридецениско меѓународно тормозење на македонскиот народ, особено кога надворешната политика ни ја води еден дипломатски и морално изгубен случај како министертот Никола Димитров.

Тажна e оваа земја македонска кога е осудена да ги слуша и да ги поднесува неподносливите глупости на Никола Димитров, таа дипломатско-пимпломатска карикатура на која слатко би и’ се смееле да не ни се плаче од она што тој во својот, вушност сосема приватен Маерлинг со Никос Коѕиас по грчките хотели, но на наша сметка, им го готви на македонскиот народ и на Република Македонија. А станува збор за тенка кисела чорбичка од најобични трици.

Димитров вака мудрува: „Не може Македонија да биде само наша бидејќи не е, географскиот регион е голем и има три држави”.

Прво, господине Димитров, тој „регион” (го користам вашиот „дипломатски” термин) што има историско име Македонија се наоѓа не во три ами во четири држави (Република Македонија, потоа егејскиот дел на Македонија во Република Грција, пиринскиот дел на Македонија во Република Бугарија, и најзападниот дел на Македонија во Република Албанија). Тој факт не може да го сменат ниту вашата „дипломатска” глупост и недостоинство, ниту бугарските, грчките и албанските лаги и квази-историски фалсификати.

Второ, тој „регион” што се вика Македонија е распослан во неколку држави не затоа што така географски разделена ја дал Господ, туку затоа што во освојувачките Балкански војни во 1912 и 1913 година безмилосно и ограбувачки е парчосана од освојувачите Грција, Бугарија и Србија, а делот во Албанија и’ е доделен на таа држава во рамките на наметнатите меѓународни договори со кои државно-правно е санкциониран тој територијален грабеж. И сега, бидејќи тој „голем регион”, како што го нарекувате, инаку, во историјата општопознат како Македонија, во еден определен воено-политички и историски момент од сите страни ни е ограбен, и така поделен денес постои во повеќе држави, вие мудро пимпломатски ни советувате токму ние Македонците да се откажеме од името Македонија, или пак да го нагрдиме со некоја префиксна или суфиксна лепешка, а другите да си го користат според сопствената волја. Е па, тоа ви е супер! Веројатно мислите дека таа ваша надреална глупост не се гледа и од меѓународната вселенска станица, а не само вака од блиску.

Трето, во тој „регион”, господине „дипломат” Димитров, во другите три држави (Грција, Бугарија и Албанија) – можеби ќе се изненадите и ќе се зачудите! – освен во нашата матична татковина Република Македонија, живее и многуброен македонски народ што вие во вашите „регионални” визии за општа среќа на овие балкански простори воопшто не го гледате ниту ви текнува да го спомнете. Но, господине „дипломат” Димитров, тоа се наши луѓе, наша крв, наши Македонци, неизмерни страдалници поради лудилото на столетните  историски вртолуми и поради „дипломатското” лудило и слепило на таквите бесчувствителни полит-хедонисти како вас, кои не само кога немавме своја држава, туку и денес кога си ја имаме својата тешко создадена и уште потешко зачувана, независна, самостојна и суверена, меѓународно измачувана и измачена но горда Република Македонија, не смеат да уживаат во елеметарните, меѓународно загарантирани човечки права слободно да го носат своето национално име Македонка и Македонец и да се служат со својот мајчин македонски јазик, впиен длабоко во душата од нивното раѓање, од колепката, нишана под нивното македонско небо, независно од тоа на која држава денес тоа и’ припаѓа. Кој ви го дава тоа право така бедно да ги пречкртувате од нашиот национален хабитус, лажен господине лажен дипломату?! Македонскиот народ не е ваша приватна сопственост!

Четврто: и во едно најмало семејство од неколку членови, па и за најмали дневни договори, се седнува на заедничка маса, во кругот на домашните, и стрпливо и со усул се прават планови и се договара се’. Најголемо семејство, пак, длабински, историски, културолошки, етнички и јазично поврзано е Народот. Нашето најголемо македонско семејство е македонскиот народ. А вие, вашиот квислиншки премиер Заев и вие лично, господине предавнички „дипломату”, како некои пијани трговски патници сте се распашале и сте се растрчале наоколу, од врата до врата, кај соседите што 150 години не’ уништожуваа и што и денес не можат да не’ видат и не уништожуваат, („лицем светци, срцем вл’ци”, како што вели нашиот голем поет Григор Прличев), и како што ќе ви „пр..не“ на ум правите понижувачки и смртоносни зделки за нашето големо семејство – за македонскиот народ . Па, што ви е вам? Знаете ли како завршуваат тие авантури? Ако знаете, тогаш треба да ви биде јасно како ќе заврши и таа ваша авантура?

Тоа што сега, кога за само неколку месеци од меѓународното инсталирање на оваа предавничка власт, најстравотно и непоправливо ја оплескавте на сите страни, и со бедниот и понижувачки договор со Бугарија, и со внатрешните големоалбански шовинистички партнери на кои ширум им го отворивте патот за целосна безобѕирна албанизација и длабинско разградување на државата  – мачно е и да се спомнува! – а вие, пак, како некој безгрижен патник, во самечко купе на овој тажен Балканик-експрес дојден од Европа, надуено си се клацкате кон последната, веќе сосема блиска станица што се вика Хиперглупост, и од ручек до вечера со нашите ништители работите на тоа да ни се смени името, нашето свето име Македонка, Македонец, Република Македонија – сега, велам, кога ја дотуркавте работата до крај, сега ви текна низ заби да процедите дека во одлучувањето за името ќе била вклучена и опозицијата.

Не, не, господине „демократски дипломат” Димитров, и сите вие господа квислинзи во „демократската” влада, вам сега само ви треба национално алиби за непоправливиот и непростливиот злостор и грев што го направивте против македонскиот народ и против Република Македонија. Единствената „инклузивност” (вклученост на другите) што така проѕирно ја „промовира” предавничкиот премиер Заев, а вие, и купот ваши големоалбански партнери од типот на Бујар Османи, Артан Груби, Талат Џафери и Али Ахмети, сите од ред стручњаци за името на македонската држава, со него го споделувате тој „префинет демократски стил” – единствената ваша „инклузивност” се состоеше и се состои во тоа вие неколкумина сами, без каков и да е разговор и договор со политичките опоненти во државата, со научната и воопшто пошироката општествена јавност – а  за национален консензус и да не зборуваме! – зад затворени врати да бидете „инклузивни” кон претставниците на други земји (Бугарија, Албанија, Грција) и хистерично брзопотезно да го договарате сето она што значи целосно поништување на Република Македонија и на македонскиот народ.

Затоа, господине „дипломат” Димитров, и сите вие господа квислинзи во владата, вие сте сосема прочитана книга, и е многу, многу големо прашање дали сегашната политичка опозиција ќе се фати на таа ваша подмолна отровна мамка, или, како што треба, ќе ве пушти да си се удавите во сопствената внатреполитичка и меѓународна беда, што апсолутно ве чека, независно од тоа како ќе заврши оваа ужасно бесмислена и непотребна трагична национална сага со нашето убаво име Република Македонија и со сето она што тоа го претставува и што го симболизира за македонскиот народ и за пошироката меѓународна заедница.