И ТАЛАТ ГО ВИДЕ БРИСЕЛ

Со години ЕУ и САД н` гњават за правната држава. Демек сме ја немале, односно тоа што го имаме не функционирало баш како што треба. И не дека се многу далеку од вистината, иако и кај нив има претерувања. Од политички причини, се разбира. Но, како и да е, ете ни ги нив како стандард за правна држава.

Е, сега, тој стандард, нашиот репер за тоа какви треба да бидеме, се отепа од признавање на Талат Џафери како претседател на Собранието. Избран на диво, како што на диво, на картонска кутија, порано се продаваа дребулии на Kамениот мост во Скопје. Три чифта за 100 денари и гратис целофан. И плус пофалба за тоа колку ви е убаво детето. Госпожа, целото е на вас. Ем убаво, ем паметно. Еве и за него едно бело глувче. Kупуваш среќа за педесет денари.

Но, кај кутиите можеше и да се прогледа низ прсти. Остави ги луѓето нека земат некој денар. Подобро да бидат тука отколку на раскрсница и цел ден да дишат издувни гасови. А, што да прогледаш низ прсти кај дивиот избор на Џафери? Без процедура, без Устав, Деловник, без ништо. Избран на жими мајка. Со стенограми и записници кои не постојат и во споредба со кои тефтерите во гранапчињата за купување на рецки се прецизна државничка книга. Сето ова со правната држава нема никаква врска. Ниту со оние фамозни поглавја за кои се преговара за влез во ЕУ. Целиот тој избор на Џафери, поминува крај правната држава како што се минува на црвено светло на семафор и тоа додека на истиот тој семафор стои и полициска патрола. Kоја наместо да те гони, ти мавта со раката. Браво мајсторе, добар ти е новиов автомобил. И брз. Тато ти го купи за роденден?

По ова, со кој образ понатаму Јоханес Хан ќе пишува извештај за Македонија? Со кој образ кој било од нив, вклучувајќи ја и екскомунистката Могерини утре ќе кажат каква било забелешка за Македонија? Или ќе глумат лудило, како што глумеа нивните претходници, а и самите тие, при амнестирањето на обвинетите од четирите предмети на ОНА за воени злосторства. Зашто, секоја партија на власт во РМ во изминатите 25 години го кршела и Уставот и законот. Но, секогаш сме имале надеж дека имаме право на жалба во втор степен. Дали тој втор степен се избори или нешто друго, било сеедно. Последните десет години, вториот степен ни беше ЕУ. Сега, кога таа ЕУ и САД отворено застанаа зад беззаконието во РМ (дури и антиуставното формирање на СЈО беше повнимателно завиткано во алуминиумска фолија изработена од четирите македонски партии, па с` се сведе на политички притисок и понижување на Уставниот суд), работата отишла во неврат. По ова, враќање назад навистина нема. Зашто, дури и кога со државата владееше ЦK, во тоа имаше систем. Ова веќе не е систем, туку анархија. Kоја започна со снимките и која трае трета година. И на која сега ~ е ставен печат.

По ова, сосема е јасно дека исправање на работите би било речиси невозможна мисија. И дека Македонија е тргната на пат кон исчезнување. Со печат на оние за кои ние немаме алтернатива. Зашто кога вториот човек на државата се избира на диво, што останало за другото.

Во целата таа приказна, албанските знамињата во кабинетот на Џафери, пред кој претходниот ден вмровците дежураа, а следниот, онака тивко, конструктивно, европски се повлекоа, е само врв на сантата мраз. Еве, дури и да ги тргне, што ќе смени тоа? Тој ќе биде легално избран претседател на Собранието? Врз основа на коалиција според принципот победник-победник и без тиранска платформа, на седница на која имало регуларно гласање и по која во „Службен весник“ не се испратени фалсификувани, туку регуларни документи? И тоа ќе направи од него претседател на Собрание кому Македонија му е во срцето и во умот?

Се разбира, Џафери нема да ги тргне. Што би рекол Заев, да го цитираме од она интервју кога го споменува „грдото лице на Македонецот“ – „Сега му е мајката“. Kога се Албанците во прашање, ова е финалето кое започна со срамната хохштаплерска капитулација на Љубчо Георгиевски и неговите шарлатани во 2001 година. Затоа и Грците сега велат – ние сакаме стабилна единствена соседна држава. Да, веќе навистина нема потреба да посакуваат и да прават што било друго. Што и да им треба, сами ќе им испорачаме. До степен што лесно може да дојдеме во ситуација дури и Божидар Димитров да н` брани.

Потоа, нормално е дека ќе бидеме стабилни. Kако што е стабилен секој починат.

Од друга страна, никогаш не е с` до тој степен црно, како што никогаш не било и с` бело. Секогаш може да се стори нешто за да се поправи работата колку и да изгледа тоа невозможно. Под услов да воскреснат оние делови од правниот систем кои последниве три години се во кома. И тоа стабилна, но под сериозен притисок и уцена да не се разбудат и со веќе вградено чувство на страв дека не смеат да проработат. За да останат во кома, токму таква каква што формално ја осудуваа ЕУ и САД, а неформално ја бараа и работеа на неа.