Филмот на Билт веќе е виден

Во понеделникот, Kарл Билт, поранешен премиер и поранешен министер за надворешни работи на Шведска, долета во Македонија од името на својот актуелен работодавец, Европскиот совет за надворешни работи, организација во која е копретседател и која е великодушно финансирана, меѓу другите, од фондацијата „Отворено општество“ на Џорџ Сорос. Пред да пристигне, Билт, кој има несекојдневен талент за себепромоција, твитна за „сериозната состојба“ на „уставната криза во Скопје“ (очигледно целата држава Македонија се состои само од Скопје). И претходно сме го гледале овој филм: т.н. „експерти“ од невладините организации кои ја претставуваат елитата долетуваат во Македонија, фаќаат неколку забелешки и потоа си заминуваат со соопштенија дека треба да се поддржат демократијата, владеењето на правото и, добро, јасно ви е с`.

Следната недела ќе се одбележат три години од почетокот на актуелната криза во „Скопје“ и остатокот од Македонија (забелешка за Билт и за другите кукавици кои не се осмелуваат да речат „Македонија“). Токму пред три години, на крајот од претседателските и парламентарните избори во 2014 година, СДСМ на Зоран Заев учествуваше во изборите и потоа одненадеж во неделата рекоа: „Ние нема да ги земеме нашите мандати“. По осум години на власт и бидејќи народот на Македонија не „падна“ на крајно-левичарските идеи што СДСМ ги продаваше, Заев прибегна кон детската навика велејќи: „Ќе го задржам здивот додека не посинам ако не ми го дадете тоа што го сакам“.

Вреди да се потсетиме што се случи потоа: бојкот на Парламентот, непризнавање на претседателот Иванов по што следеше обидот за уцена од Заев на тогашниот премиер Никола Груевски есента 2014 година во кабинетот на премиерот (можеби се сеќавате како Заев му кажа на Груевски за неговите незаконски добиени и незаконски снимени снимки и неговата понуда до Груевски да ги задржи снимките ако Груевски ја внесе СДСМ во владата), по што следеше бавно и периодично објавување на снимките на почетокот на 2015 година; потоа низ 2015 година следеа различни договори и преговарачи на ЕУ (вклучувајќи ги и оние што се лудо вљубени во мачките), основањето на СЈО, т.н. „обоени револуционери“ кои користеа тактики промовирани од американскиот радикал Сол Алински и кои дивееја уништувајќи јавен имот (американскиот претседателски кандидат Хилари Kлинтон ја правеше својата универзитетска теза за Алински, а УСАИД ја преведе „Правила за радикалите“ на Алински на македонски со помош на Сорос), проследено не со еден туку со два обида за парламентарни избори и, на крај, парламентарните избори во декември 2016 година.

Но американските рекламни агенти обожаваат да викаат, кога ви продаваат нешто што не ви е потребно, што не го сакате или за кое немате пари: НО ЧЕKАЈТЕ, ТОА НЕ Е С`! По изборите од декември 2016 година следеше тиранската платформа подготвена и благословена од албанскиот социјалистички премиер Еди Рама и објавена на Божик 2017 година, по што следеше одбивањето на претседателот Иванов да го му даде мандатот за формирање влада на Заев; потоа следеа, а и деновиве се актуелни, македонските патриоти кои го бранат унитарниот и суверениот карактер на Македонија и сето ова комбинирано со добриот старомоден филибастер во парламентот – сето тоа измешано со соопштенија, изјави, закани и со серија други повици од меѓународната заедница и од сите Kарл Билтови од овој свет Македонците подобро да го прават тоа што им го велат елитите или нема да биде добро.

Па, сепак, сонцето с` уште секој ден изгрева и заоѓа над Македонија. Луѓето се будат, одат на работа, ги испраќаат децата на училиште, повремено одат на одмор и се обидуваат да живеат колку што е можно понормално. Владата функционира, колку што може, и сите сме свесни дека секогаш има простор за подобрување на секое ниво од владата и во секоја влада на планетата Земја. Туристите с` уште на посетуваат Македонија и нови рекордни броеви туристи секој месец ја преплавуваат земјата (не само Скопје!). Странските инвестиции веќе работат со полна пареа во Македонија иако сум сигурен дека некои се загрижени, па сепак продолжуваат со работата. И нови странски инвестиции продолжуваат да доаѓаат иако не со истото темпо како порано. Но, тоа темпо повторно ќе се забрза. Ви ветувам. Животот продолжува и така треба.

Ве оставам со овие мисли неделава: во септември 1859 година, идниот американски претседател Абрахам Линколн (кој стана претседател во 1861 година) доживеа изборен пораз во американскиот Сенат. Kако дел од постоизборната терапија, тој зборуваше со група луѓе во Висконсин и им ја раскажа оваа приказна: „Еден источњачки монарх ги задолжил своите мудреци да му измислат реченица која секогаш прва ќе им паѓа на ум, ќе биде вистинита и соодветна за секое време и за секоја ситуација. Тие му ја претставиле мислата: И ова ќе помине“. Kолку многу изразува оваа реченица! Kакво скротување на гордоста! Kаква утеха во длабочината на болката! „И ова ќе помине.“

Наравоучението од приказната е дека и оваа криза ќе помине. Бидете храбри и запаметете дека не треба да си дозволиме себеси да бидеме како елен кој се смрзнува пред фаровите од автомобил што доаѓа. Влогот е преголем, има премногу работа и премногу иднини на нашите деца се во прашање за да си дозволиме да се смрзнеме до точка на пасивност поради загриженоста и вознемиреноста. Само што го прославивме Велигден и секојдневно се сеќаваме на зборовите на Исус од Назарет, кој им рече на своите ученици: „Во светот ќе имате маки; но не плашете се зашто јас го победив светот.“

Џејсон МИКО

АВТОРОТ Е МЕНАЏЕР ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА ОД АРИЗОНА (САД), И ДОЛГОГОДИШЕН НАБЉУДУВАЧ НА СОСТОЈБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА