Колумни

ЕПА МАКЕДОНЦИ, ЧОРБА!

Локалните избори повеќе од нечујно се заокружуваат, финализираат, исто како што нечујно помина нивниот главен „лајт-мотив“, а тоа е констатацијата дека се работи за едни од најкриминалните избори што воопшто биле одржани во историјата на Македонија.

Оваа констатација е повеќе од релевантна, и неа не можат да ја сокријат ниту двојните по стандарди и лицемерни извештаи на меѓународните и на домашните изборни набљудувачи, ниту срамната работа на изборната администрација на чело со ДИК, ниту оценките на Црпнатиот дека ова биле најдемократските, најрегуларните, најкристалните (само не наведе по чија кристална кугла, дали според онаа на баба Ваѓа!), најкредибилните и какви ли се нај нај избори во државата.

Замислете што ќе се случеше ако пред само една година, еве да не одиме повеќе, ако на некои претходни избори организирани од власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ се констатираше дека недостасува едно, повторувам едно гласачко ливче од само едно, повторувам од само едно  избирачко место, и ако таквото ливче случајно се најдеше на некое друго избирачко место. Дали можете да ја претпоставите реакцијата на целата меѓународна заедница во тандем со реакцијата на целата сегашна власт плус нивните шарени вагони?

Дали инстант ви излегува пред очи хистеричната, шизофрената сцена на рафално фрлање боја кон ДИК, кон Министерството за правда, кон судовите, кон партиите, кон сите? И повеќе од тоа. Веднаш ги замислувам „загрижените“ хелсиншки и други лајачи како со нивните „невини“ фацички истураат отровни стрели и огнови кон „режимот“ што ете не успева да ја обезбеди слободата на избирачите, што не се грижи за заштита на демократското право на глас на секој граѓанин, што не воспоставува нормални услови за одвивање на фер, и слободни избори, што изборната администрација е „сваровска“, и наместена да го одобрува и аминува „бугарскиот воз“ во едно избирачко место, и што ли уште не.

Веднаш ми излегуваат пред очи загрижените набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР, и секако неизбежните домашни душегрижни набљудувачи како на вонредна прес-конференција упатуваат силни осуди на таквиот нецивилизиран чин со итно барање до надлежните органи веднаш да дадат институционален одговор на овој невиден изборен скандал.

Но, тоа што можете да го замислите и визуелизирате без проблем е само слика од минатото, довчерашна реалност која денес и сега веќе не важи.

Сега нема ни гук, ни мук. На последните одржани локални избори, токму според извештајот на ОБСЕ-ОДИХР беа најдени не едно, не десет, не стотина, не петстотини, туку цели 922 гласачки ливчиња чии што броеви не се совпаднаа со оние на гласачките ливчиња што им биле дадени на гласачите, како и со бројот на гласачи што гласале на изборите за градоначалник и за општинските совети.

Од овој скандал на векот гледаме никој не се стресе. Хелсиншки, мелсиншки, центар за ваква демократија, центар за онакви права, здружение за вселенска демократија, организација за демократски избори, и слични такви „невладини“ гугутки одлучија да останат во дупките резервирани за глувци.

Никој не им свирна со свирче да ги построи во ред, никој не им даде пари за да фрлаат бои, никој не им даде партиска директива да врескаат, да хистерисуваат, да глумат лудило. На јасната, очебијна, и најсигурна потврда дека на локалните избори без срам и без усул се користела изборната измама „бугарски воз“ што да потсетиме претставува кривично дело според Кривичниот законик на РМ, борците за демократија останаа наредени во глувчешки возови пикнати во дупките на срамот.

Во истите тие дупки на срамот се напикани и изборните органи, на чело со главниот Чичак. ДИК, како партиски полтрон на власта, не виде ни бугарски, ни беровски воз. За сите возови очите им беа затворени и покрај тоа што согласно Изборниот законик токму ДИК по службена должност има обврска да го поништи гласањето на секое избирачко место каде се користела ваква измама и да утврди прегласување на тие гласачки места. И Обвинителството молчи, и Управниот суд не виде ништо, сите молчат и се прават недоветни.

Понатаму, токму во извештајот на ОБСЕ-ОДИХР се констатирани случаи на злоупотреба на административните ресурси, како и купување на гласови на терен за кои што случувања повторно ставот на оваа организација е со глас кој нема тон. ОБСЕ одлучи да ги утврди овие проблеми како да се попатни и бенигни иако станува збор за сериозни нарушувања на изборниот процес и за евидентиран изборен криминал за кој казната затвор е до 5 години. Речиси и да не е третиран проблемот со масовната вклученост на полицијата во пропагандата на СДС и на ДУИ.

Изборното насилство што се случуваше на очиглед на сите граѓани, ОБСЕ го третира како проблем на партиите, и во оваа прилика сакам да ја цитирам шефицата Гловер која на прес-конференцијата рече „ако постоело насилство на изборите партиите тоа треба да го пријават во полицијата, а доколку имало прекршување на Изборниот законик да поднесат соодветни претставки до надлежните институции“. Недостасува уште г-ѓата да објаснеше како таа замислува да се пријавува насилство во полиција кога истото тоа насилство е сторено со знаење и со аманет токму од страна на дел од партиската полиција?

За масовното изборно агитирање на министрите во Владата сосе премиерот и да не зборуваме. Ни партија се знаеше до каде е, ни држава од каде е. Со овој извештај на ОБСЕ уште еднаш се потврди дека во Македонија ниту се штити владеењето на правото, ниту европските и демократски стандарди. Се штити исклучиво дивеењето на власта која по секоја цена мора да биде одбранета и заштитена поради големата акција што брзо ќе ни дојде за преименување на Македонската држава и на Македонците. Еднаш за секогаш. Според најавите на Коѕијас, но и на Димитров, финалното решение за името треба да се случи до крајот на оваа година, и да се заокружи со сите бирократски нишани во Обединетите нации до наредната пролет, во 2018 година.

Епа Македонци нека ни е на здравје веќе сварената и стокмената чорба според онаа старата изрека што си дробевте, тоа ќе си сркате!