Дебатите на Заев

На еден ден пред Заев да го потпише штетниот договор за Република Македонија со Бугарија, а се под изговор за наводно отварање на евро-атлантските процеси, сакам уште еднаш да апелирам до Македонските граѓани за тоа што значи една ваква грешка и како по неа ќе се отворат вратите за многу други последователни постапки на Црпко, а кои ќе имаат далекусежни последици врз Македонија, Македонскиот народ и сите Македонски граѓани.

Да се потсетиме на мигот кога само неколку дена по узурпацијата на законодавната и извршната власт, Заев со маската на демократ седна на „дебата“ со неколку новинари, пренесувано на националната МТВ. Во тој свој лажовен настап, узурпаторот зборуваше и ветуваше дека ќе отвори дебата по секое прашање.

И толку од дебатите на Заев. Како што можеме да видиме тој нема намера не да дебатира, туку ниту да го послуша гласот на Македонските граѓани, а пак за националните интереси воопшто не размислува. Тој мора да испорача и започнува со политичките испораки кои ќе ги плати татковината и Макеоднците во бесценетост. Но, сметката ќе пристигне многу побргу отколку што воопшто и се надеваме драги мои сонародници.

Но, еве да не ги опишувам маската и неделото на Заев што на сите ни е познато, туку да се обидам накратко во предвечерието на неговото прво големо предавство на Македонија да го анализирам и појаснам догвоорот за добрососедство со Бугарија.

Најпрво мора да ја кажам констатацијата: „Подобро да не потпишуваме никаков договор, отколку ваков каков што Заев со СДС-то го прифатија“.

Еве и зошто и врз што ја темелам оваа моја констатација.

1.Договорот започнува со поширока преамбула која ги опфаќа сите меѓународни договори за добрососедски односи и билатерални односи помеѓу државите, а кои Република Македонија ги има ратификувано и со самото тоа прифатено како основ за градење на односите со сите држави во светот, особено со соседите.

2.Како основа на догвоорот се зема „Декларацијата од 1999 година“, а всушност нема никакво суштинско поместување во однос на истата што би било значајно за поместување со нов договор.

3.Гледано од Македонска страна нов импилс и поместување во овој Договор би билоточно искажаното признавање на Македонската нација, јазик и култура од страна на Република Бугарија, но во целиот текст на договорот тоа го нема.

4.Во самиот догвоор од член 1 до член 7 нема некои ексклузивности, бидејќи се работи за прераскажување на меѓународно утврдените и прифатени акти и за двете страни, како и безброј пати досега искажаната намера за поголема соработка на државните органи и институции како и развој на туризмот и економската, културната и друга соработка и развој на транспортната инфраструктура. За волја на вистината ова ни недостасуваше, а особено добра патна инфраструктура.

5.Двосмисленостите почнуваат во член 8 од договорот, а во врска со една реченица од преамбулата која гласи: „Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“. Во членот 8 во став 2 се вели: „Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.“

Гледано површно ова може да се толкува како соработка во рамките на образованието, но никаде во светот не постои ситуација во која една држава комисиски се меша во образовниот систем на друга држава, а особено во содржината на учебниците. Тоа значи дека ние доброволно прифаќаме некои одстрана да ни ја креира учебната програма и содржината на учебниците, а преку тоа и да влијае врз обликувањето на идните млади генерации. Ова е всушност навлегување во еден долгорочен процес на преумување на македонските идни генерации и доколку се сетите на интервјуто на Божидар Димитров во кое меѓудругото вели: … дојде времето за ребугаризација на Македонија…, тогаш е сосема јасна целта на оваа одредба од договорот. Остварувањето на оваа цел ќе има долгорочни последици врз Македонската нација, но и со самото започнување на оваа активност во образованието се отвара можност Грција или други соседи да можаат да ја докажуваат нивната вистина. Тоа е вовед во нов политички прагматизам и контекст за денационализација и асимилација на Македонскиот народ. Настрана прашањето кои се личности како докажани експерти ќе треба да се докажуваат меѓусебе во текот на работата на самата комисија и со какви не „факти и историски засновани докази“ ќе се манипулира и во кој контекст ќе бидат претставувани истите.

Во продолжение на оваа тенденција е и ставот 3 од истиот член за заеднички историски прослави на значајни настани и личности од историјата. (за подобро објаснување на „научниот“, историскиот и политичкиот поглед на долг стратешки период од страна на Република Бугарија кон односите со Република Македонија ви препорачувам да ја процитате кратката книга или памфлет од Љубомир Иванов „Бугарската политика спрема Република Македонија“ во издание на Фондацијата Манфред Вернер во Софија 2008 година). Ова го препорачувам со цел да подлабоко ја согледате крајната стратешка цел и препораки за однесување кон Македонија и во тој контекст ќе ви стане појасно зошто имаме ваков текст на договор со Република Бугарија кој ги потенцира историските прашања и заедничката историја.

Токму затоа претпоставувам и се избегнуваа дебатите на спротивставените ставови на експертите на Заев и научната и академска јавност од Институтот за Национална историја и Институтот за Историја, а целиот договор се држеше во тајност.

6.Потоа доаѓаме до политичките и национални точки опфатени во членот 11 став 5 каде се вели:„Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија.“ Ова всушност претставува откажување од Македонците во Бугарија, а кои се Бугарски државјани. Иако негрижата за Македонското малцинство во соседните држави е веќе потврдена политика на СДС, се отвора и прашање за придвижување на процес за промена на Уставот на Република Македонија доколку во иднина Република Бугарија (некоја нејзина Влада) смета дека некоја уставна одредба претставува директно или индиректно мешање на Македонија во внатрешните работи на Бугарија во однос на заштитата на лица кои не се државјани на Република Македонија. На овој начин Заев ни ја наметнува бесилката околу вратот да пред меѓународните институции не можеме да реагираме кога Бугарија ќе ги крши основните човекови и политички права на Македонците во Бугарија.

7.На крајот доаѓаме до чл.14 каде се вели дека договорот се потпишува: „… на официјалните јазици на Договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија…“. Ништо ново од Декларацијата во 1999 година, со една значајна забелешка. Имено, што ќе се случи кога Заев ќе ја воведе двојазичноста на целата територија на Република Македонија и како што има ветено ќе имаме втор официјалн јазик според Уставот? Ова е јасен показател дека нема признавање на Македонскиот јазик како јазик кој ја идентификува Македонската нација. Некој ќе праша, а што е со Бугарскиот јазик кои со иста формула е опишан во договорот? Одговорот е многу едноставен. Во Бугарија не е премиер Заев и во Бугарија никој не зборува за двојазичност во Уставот како штго е тоа случај кај нас во Македонија.

За да биде уште појасно, а за што во овој текст нема доволно простор за елаборирање на сите скриени замки во договорот, ве замолувам да го прочитате во целост интегрално и да размислите за последиците од секој збор во договорот. Всушност потребата од ваков договор со Бугарија и содржината на истиот во една реченица најдобро ја објасни поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски во интервју за 24 вести. Направете и споредба со стратешките насоки во памфлетот кои ви го препорачав и секако со моите ставови и анализа. Кога веже дебатите на Заев  претставуваат негова шарена лага за сите нас, ајде да размислуваме индивидуално па ние да направиме дебата за ова што СДС-то ни го прави како на држава и нација. Да дебатираме на секое место и во секое време и да ја разбудиме свеста за опасностите пред кој стоиме сите заедно, а кои со оваа влада на СДС се наближуваат многу бргу со реална опасност од нивно катастрофално влијание врз Република Македонија и сите нејзини граѓани.

Дали сега драги мои сонародници гледате што и се подготвува на Македонија и тоа од СДС и Заев? Дали сега гледате како чекор по чекор се доведува Македонија во подредена положба за што зборуваше и Претседателот Иванов, а што е казниво според кривичниот закон на РМ? Дали сега е нешто појасно и им верувате на предизборните зборови на Груевски за плановите на Заев? Дали сега е јасно колку ќе биде тешко сето ова да се врати назад и да се исправи? Дали сега е јасно зошто Заев глуми демократ и отвореност за дебати, а од дебата за оваа и другите клучни нациопнални прашања и интереси нема ништо, туку се се држи во тајност?

Доколку и понатаму си молчиме овој најлесен пробен балон на Заев ќе му помине, а потоа ќе следува двојазичноста, промена на името, и којзнае што уште според онаа што Заев го ветил да го испорача. Еден ден ќе се разбудиме од сонот во кој сега сме и ќе се запрашаме каде отиде нашата Македонија и во која тоа држава ние живееме. Но, кога ќе се разбудиме, раководството на СДС-то и Муртинецот ќе ги нема тука, тие веќе имаат подготвено каде ќе заминат.

Во предвечерието на најсветлиот и најголем ден

за Македонија и Македонскиот народ – честит Илинден и вековита да ни е татковината!

 

Доцент д-р Оливер Андонов