сабота, 20. октомври 2018. Вести денес: 85
home Колумни

АПАРТХЕЈД

АПАРТХЕЈД

А што друго и може да се очекува од некој кој насилно дојде на власт? И, што може да се очекува од некој кој на незаконит начин е избран за Претседател на Собранието?По природата на нештата, како дошле, така ќе владеат и така и ќе заминат. По нив ќе останат само болните последици од нивното владеење, раздорот, сиромаштијата и се повеќе испразнети куќи.

Од реформите кои толку гласно ги трубевте, успешни сте само во една единствена реформа. Ја зголемивте белата чума во Македонија. И тоа е една од главните работи по кои ќе останете запаметени. Планот кој го нарековте „3-6-9“ излегува дека е само податок на колку месеци ќе броите два параметри: колку ќе ја задолжите државата за 3, за 6 и за 9 месеци и колку млади дополнително ќе се иселат за овие месеци.

Се обраќам до „владетелите“ на СДСМ, а не до поголемиот дел од членовите, кои самите ги излажавте и изневеривте. Сите бевме свесни дека со донесувањето на законот за употреба на јазиците сте подготвени да го згазите уставот, да ја згаснете демократијата, да го откорнете срцето на државата.Но, сите во себе се надевавме дека сепак ќе преовладее разумот, барем кај некои од пратениците од вашата партија. Но, очигледно дека вие не се грижите за достоинството и гордоста на вашите пратеници, ако тие воопшто и го имале тоа во себе. Сепак, тие пратениците треба да се вратат во своите места на живеење. И кога овие пратеници ќе се вратат во Штип, во Кочани, Виница, Берово, во Делчево, ќе треба да се сретнат со тие кои ги гласале и тие кои не ги гласале. И, ќе треба да им објаснат на луѓето кои ќе ги сретнат на улица, на пазар, што добија тие со нивниот пратенички глас против Уставот, а за законот. Што ќе им кажат? Дека со овој закон ќе им се подобри животниот стандард на луѓето? Дека после овој закон ќе има 500 евра плата? Дека со него ќе се намали цената на горивата? Дека нивните синови и ќерки нема да се иселат, туку ќе останат во своите домови? Дека со овој закон ќе има работа за сите? Ќе не внесе во ЕУ и НАТО овој закон? Дека ќе добијат почисто „ајро“? Или ќе треба да им објаснат дека 100 денари вредат повеќе како двојазични, отколку како едно јазични? Со кои очи ќе ги погледнете луѓето во овие места, за предавството кое го направивте, за поништувањето на уставниот поредок, за поништувањето на основната клетка на самобитисувањето на нашата држава? Како овие пратеници при секое патување ќе гледаат во таблата на влезот во градовите, каде ќе мора да пишува Mirësevininë Koçan,në Dellçevë, në Vinnitsa, në Berovë… или ќе мижат додека поминуваат покрај овие табли?

Вие не чувствувате одговорност пред народот. Тоа е така затоа што народот на гласање не ви даде мандат да формирате влада. Но, сметката за таквото однесување брзо ќе ви биде испорачана. И да ви кажам дека ќе си ја платите. Брзо ќе дојде денот кога ќе одговарате за велепредавството кое го правите. И ќе одговарате сите, до еден. Ќе одговарате и пред судот на народот и пред судот кој ќе биде вистински реформиран, не овој вашиот, партискиот, полтронскиот како што е сегашниот.

Повеќе не ви поминуваат лагите дека ќе направите реформи.Прочитани сте за помалку од една година. Сепак, ќе морате да се соочите со народот и да им објасните дека наместо „животот“ кој го ветувавте, вие со овој закон воведувате нов модел на државно уредување. Воведувате класичен апартхејд, каде малцинството поседува само права, но не и обврски и се изживува врз мнозинството. Каде мнозинството има само обврски а неговите права се погазени и угнетени. Ќе морате да му објасните на народот зошто ја отварате вратата на иридентизмот, зошто имате потреба од воведување на тензии, кои допрва ќе растат и ќе се зголемуваат. Ќе морате да ги објасните изјавите на вашите коалициони партнери од ДУИ дека ова не е крај, туку само една победа и почеток. На што е почеток? На федерализација ли?

Доста е од вашиот „живот“. За кратко време се „изнаживеавме“ сите. Јасно ни е што правите, ги симнавте маските. Можете да се поклоните пред публиката за одиграната улога уште сега, пред да ја завршите претставата и да се тргнете пред крајниот чин. Оти, ако го изиграте и последниот чин, назад веќе нема.