Амбасадорот Бејли приватно е бесен

Американскиот амбасадор Џес Бејли во неодамнешното интервју за ТВ „Сител“ во однос на можноста за предвремени избори изјави: „Јас би рекол, од аспект на пријател, дека нови избори не секогаш носат поинакви резултати“.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во неодамнешното интервју за ТВ „Сител“ во однос на можноста за предвремени избори изјави: „Јас би рекол, од аспект на пријател, дека нови избори не секогаш носат поинакви резултати“.

Џеј Бејли е обучен дипломат, вешт во користењето зборови за да ги протурка своите интереси. Она што го вели е вистина – нови избори не секогаш резултираат со поинакви резултати. Но, вистина е и дека нови избори може да резултираат и со поинакви резултати. Од неговиот лукав избор на зборови во изјавата е јасно дека тој не сака нови избори иако исто така рече: „Не зависи од мене да одлучувам која опција е вистинската во оваа ситуација“, односно дали да се оди на нови избори или не. Тој не сака нови избори од едноставна причина зашто не сака ВМРО-ДПМНЕ да освои повеќе пратенички места отколку што има сега. А факт е и дека многубројни американски амбасадори, со оглед на фактот дека имаат левоориентиран светоглед, не сакаат да видат влада на десниот центар на власт – во ниедна земја.

Со друг лукав одговор Бејли негира дека американската амбасада и УСАИД се обидуваат да ја соборат владата во Македонија. Тој наведе некои проекти што УСАИД ги финансира заедно со Фондацијата „Отворено општество“ и со „Метаморфозис“ во Македонија во насока на подобрување на родовата еднаквост, работата со младите, еколошките активности и други проекти. Потоа рече: „Грантовите не се за поддршка на некоја идеологија или политичка партија“. И, повторно, ова е изјава со лукаво избрани зборови. Се разбира дека грантовите не одат директно кај политичките партии. Тоа би било флагрантно кршење на американските (и на македонските) закони. Но, тие поддржуваат идеологии на левицата!

Добро познато е дека Фондацијата „Отворено општество“, Џорџ Сорос и „Метаморфозис“ (меѓу другите) имаат многу јасна ултралевичарска идеологија. Сигурно нема да ми кажете дека „Правила за радикалите“ од Сол Алински не е идеолошка книга. Фактот дека УСАИД ја финансирала Фондацијата „Отворено општество“, која потоа со тие средства ја превела на македонски јазик „Правила за радикалите“ од Сол Алински, е јасна поддршка за една идеологија. Фактот дека таа книга, „Правила за радикалите“, потоа е искористена од збор до збор во т.н. шарена револуција може да се протолкува како обид да се собори владата на Македонија.

Амбасадорот Бејли исто така намерно избегна да спомене дека грантовите одат за поддршка на нетрадиционалните појави, како ЛГБТ-проблематиката, кои се во спротивност со конзервативното општество на сите Македонци, без оглед на нивната етничка припадност. Пример за ова е грантот од 300.000 долари за „Проектот за инклузија на ЛГТБИ“, што УСАИД го додели минатата година. Ако го прочитате конкурсот за аплицирање, ќе видите дека УСАИД верува оти овој проект е неопходен затоа што нагласувањето на овие проблеми е промовирање на општествено конзервативната, исклучувачка агенда на владејачката партија, која се заснова на идеологијата на традиционалната родова поделба. Со други зборови, УСАИД и американската амбасада имаат проблем со идеологијата на традиционалната родова поделба. Амбасадорот Џес Бејли лукаво ги избира зборовите. Но, правејќи го тоа, ги меша вистината и лагите.

Јас разбирам зошто го прави тоа. На амбасадорот Бејли му гори под нозете, а американскиот Kонгрес ги стави под истрага и него и американската амбасада. Бејли вели дека ја поздравува можноста да соработува со Kонгресот, но јас ви гарантирам дека приватно е бесен. И, повторно, тој точно вели дека Kонгресот има надзор над извршната гранка на американската влада (вклучувајќи ги и амбасадите), но Бејли претпочита да го избегне овој упад. И, повторно, лукав избор на зборови. Од сигурни извори знам дека тој веќе се поти поради овој надзор и се надевам дека ќе продолжи да се поти.

Во Стејт департментот или напредуваш или те снемува, што значи дека на неговото ниво тој или ќе продолжи да се искачува по хиерархијата во кариерата или ќе остане без работа кога ќе му заврши овој ангажман. Јасно е дека Бејли сака да ја продолжи кариерата, па ова наметнување и истрагата нема да му помогнат во тоа.

Се сеќавам – како вчера да беше – кога поранешниот советник на претседателот Џорџ В. Буш, Бери Џексон, беше испратен во Македонија при крајот на февруари 2004 година за да го предупреди тогашниот амбасадор Лари Батлер дека мора да си ги смени ставот и однесувањето или ќе остане без работа. Батлер ги користеше средствата на УСАИД за да финансира серија билборди за алтернативните стилови на живеење (вклучувајќи и тројки), а претседателот Борис Трајковски не беше среќен поради тоа. Не беа среќни ни американските даночни обврзници кога приказната одекна до Вашингтон (некои работи никогаш не се менуваат, зарем не?

Активистичката група „Американците за даночна реформа“ му ја додели на Батлер својата награда „Непријател на даночниот обврзник“ за расипничко трошење на парите од американските даноци.) За жал, претседателот Трајковски трагично го загуби животот неколку дена подоцна и инцидентот со Батлер беше потиснат од тие настани. Но, кога му заврши ангажманот, Батлер беше испратен како прв заменик на високиот претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, лордот Ешдаун, што беше јасно деградирање.

Ќе се сменат ли работите тука? Јас се надевам. За транзицијата на Трамп, како и за сите претседателски транзиции, е потребно време. Политички назначените кандидати од новата администрација на Трамп допрва треба да ги заземат своите позиции во Стејт департментот и во другите клучни министерства што имаат улога во оформувањето на политиката кон Македонија. Kога овие луѓе ќе ги заземат новите позиции, се надеваме дека ќе има драматична промена во начинот на кој американската амбасада и УСАИД работат во Македонија – оттргнување од нивната културна агресија и оттргнување од финансирањето на ултралевичарските идеологии, како и враќање кон разумната агенда. УСАИД има соодветна улога во Македонија, но таа опфаќа финансирање непартиски, неполитички проекти кои вистински ќе им помогнат на Македонците. Но, не го опфаќа финансирањето на ултралевичарските идеологии.

Џејсон МИКО
АВТОРОТ Е МЕНАЏЕР ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА ОД АРИЗОНА (САД), И ДОЛГОГОДИШЕН НАБЉУДУВАЧ НА СОСТОЈБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА