АКО ТОЛЕРИРАМЕ И ДОЗВОЛУВАМЕ, НАШИТЕ ДЕЦА СЕ СЛЕДНИ

Музичката група Manic Street Preachers има една песна со многу поучен наслов „If You Tolerate This Than Your Children Will Be Next“, наслов што постојано треба да ни одзвонува во нашите уши како аларм, како постојан потсетник дека ако сега одлучуваме нешто да толерираме и да дозволиме, тогаш да сме потполно свесни дека со тоа ја одредуваме насоката на движење не само на судбината на нашите животи, туку и на судбината на животите на нашите најмили-децата. Опасноста што ни демне над нашите глави кога немаме соодветна, или кога во најголем дел од случаите немаме никаква реакција противсекојдневните погубни државни и национални политики во земјата, од ден на ден станува се поевидентна, станува сериозно загрижувачка.

Како Македонски народ, како Македонска нација мораме да бидеме свесни дека ако сега не реагираме одлучно против Стратегијата за мигрантите за периодот 2017-2027 година со цел да го спречиме населувањето на стотици илјади бегалци од африканскиот континент во нашите градови и на територијата на нашата држава, ако сега не реагираме против Законот за употреба на јаизците со кој на многу јасен и експлицитен начин се воведува албанскиот јазик како службен јазик на цела територија на државата спротивно на Уставот, ако сега не реагираме одлучно против реализацијата на погубните елементи од потпишаната верзија на Договорот со Бугарија за добрососедство, ако сега не реагираме против енормното задолжување што за само три месеци садистички го направи Владата на СДС и нивните албански партнери, ако сега не кажеме „Доста е!“ на беззаконието, анархијата, и ништењето на правната држава, ако сега не го кренеме гласот против раскрчмувањето на девизните резерви за луксузирања и дополнителни вработувања на „заслужните револуционери“ што три години го сквернавеја имотот на државата, што ги фарбаа и ги уништуваа нашите објекти, ако сега не кажеме силно, одлучно и гласно ПРЕСТАНЕТЕ со уништување на Македонскиот идентитет, традиција, историја, држава, тогаш треба дабидеме свесни дека стануваме соучесници во процесот на самоуништување како народ и како држава. За катастрофалните последици од тоа самоуништување никој друг нема да ни биде виновен, освен ние самите.

Треба да сме свесни дека ако и натаму молчиме, трпиме, зборуваме тивко по ходници и нечујно во кулоарите,не само што ќе си ставиме крст на нашите судбини и животи, туку едновремено ќе одлучиме да им го уништиме животот и на нашите деца, но и на сите помлади генерации кои во моментот немаат можност да одлучуваат за сегашноста и за иднината на својата држава, а кои можеби имаат храброст нешто посуштински да променат.

Да се биде толерантен и попустлив на сопствена штета, но и на штета на оние што во моментов немаат право да одлучуваат за себе и за државата, да се премолчуваат и да се ставаат под тепих проблеми од егзистенцијален, од суштински карактер за опстанокот на Македонците, да се правиме „на Тошо“ дека, всушност, се е во ред, а секојдневно гледаме дека ништо не е во ред, да гледаме сеир на сопствена штета кога се занимаваме со странични и неважни работи, рекла-казала муабети, по систем овој-оној, а во меѓувреме пред нос ни буткаат тешки и многу важни политички одлуки во наше име и за наша сметка за кои поголемиот дел од нас немаме коментар, затоа што како што велат некои мои пријатели „не сме биле политичари, и затоа нема што да се занимаваме со политика“,е недопустливо, сето ова не смееме да си го дозволиме како народ, и како Македонска држава. Дали навистина сме до толку национално неподготвени и неосвестени да се избориме ЗА СВОИТЕ ПРАВА во услови кога истите ни се нападнати од сите страни? До вчера, искрено, не верував во оваа констатација, иако и денес сакам да верувам дека работите ќе се променат токму благодарение на нашето помасовно национално будење и свест во последен момент, бидејќи работите навистина се дојдени до коска од која натаму нема каде да се оди.

Пропагандната машинерија на СДС секојдневно не бомбардира со информации преку кои се обидува да не убеди во невозможното. Од текстовите на нивните перјаници не боли стомак, ни се темни.  Замислете се обидуваат да не убедат дека Стратегијата за мигрантите била од интерес на државата и на Македонските граѓани со која ние, всушност, сме добиле можност да покажеме колку сме човечни, хумани, пријателски настроени, и гостопримни!? Не убедуваат дека оваа стратегија е неопходен чекор за државата преку кој ќе сме докажеле дека знаеме и умееме да ги заштитуваме човековите слободи и права на сите дојденци согласно меѓународното право!? Страшна констатација нема што. Чудо. Значи Владата на СДС сака да не убеди дека со носењето на Стратегијата за мигрантите, Македонија, всушност ќе демонстрира познавање на меѓународните документи за заштита на човековите права. Ако е така, тогаш предлагам по илјадити пат, да го отвориме и нашироко заедно со владините министри и со претседателот на Владата да го актуелизираме прашањето за вистинското познавање на меѓународното право.Дали е квалитетно тоа познавање ќе процениме од прашањата што сакаме да им ги упатиме во однос на статусот изаштитата на правата на Македонците кои живеат во Албанија, Грција, Бугарија и во другите земји, и во тој контекст да видиме што Владата на РМ прави за да се избори за поссодветен третман на Македонците од страна на актуелните власти на овие земји. Дали Владата знае за секојдневните проблеми со кои нашето малцинство се соочува денес, но и во минатото во овие земји и дали прави нешто во насока на нивно решавање? Ако Владата е толку проевропска и заштитничка, како што се декларира, тоа треба најпрво да го покаже кон своите државјани и сограѓани, па потоа да покажува „добра волја“ за дојденците. Истото важи и за Законот за употреба на јазиците. Ајде да се погледнеме во очи и отворено да разговараме за проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани когасакаат да го употребат својот мајчин јазик во Албанија, Бугарија, и посебно Грција. Дали Македонците имаат право да комуницираат со албанските, со грчките и други власти на македонски јазик? Дали Македонците имаат право да го употребуваат како службен својот македонски јазик на цела територија на Албанија, или барем во општините каде се населени во значителен број? Зошто нашата Влада нема реципрочен став и однос за ова прашање со другите држави кога веќе сака да го применува меѓународното право за човековите права?

Меѓународното право јасно го потенцира значењето на принципот на реципроцитет врз кој се заснова и развива меѓународната политика и меѓународните односи меѓу државите. Принципот на реципроцитет е алатка што го штити меѓународното право од можните злоупотреби и наметнувањетоинтереси на поголемите држави над помалите, на поголемите народи над помалите. Мене ми е јасно од каде дува ветарот во однос на инсистирањето да се донесе ваков неуставен и неевропски Закон за јазиците во земјата. Но, кога веќе некој се дрзнал да води политика преку уцени на послабиот, притисоци врз помалиот, омаловажување на цел еден народ кој постои и ќе постои без разлика на се, тогаш редно е нашата Влада да даде реципрочен одговор на овие уцени и закани, а сепак да остане на линија на меѓународното право. Ако Македонците докажале и покажале на дело дека немаат проблем да живеат со останатите малцински заедници без разлика дали е Албанска, Турска, Ромска, или друга, и да градат соживот и после вештачки исконструираниот и наметнат вооружен конфликт и нанесени далекусежни штети по сопствениот углед, достоинство, но и држава, тогаш зошто има потреба од вакви „удари под појасот“? Зошто некој има потреба од постојани провокации, и создавање тензична клима меѓу граѓаните преку реализирање на закони што немаат ниту европска, ниту меѓународна, а уште помалку уставна основа?

Иако на сите овие прашања одговорите ни се познати, сепак добро е да ги повторуваме и јавно да ги поставиме повторно и повторно за да не чујат, и да знаат дека не сме паднати од Марс, туку сме свесни граѓани кои знаат до каде се границите на правото, и границите на политиката.

Од овие, но и од ред други причини што не се наведени во овој текст, имаме пред се право како граѓани, но и граѓанска должност јавно и многу гласно да ги повикаме одговорните во власта да ГИ ПОВЛЕЧАТ спорните документи и закони и во консултација и расправа со стручните лица, со експертите, и со граѓаните да подготват текстови што ќе одговараат на Уставот, на меѓународното и европското право, и на интересите на државата и на граѓаните на РМ. Повлекување на неуставниот закон за јазици мора да се случи. Тоа го бара Деловникот на Собранието на РМ, тоа го бараат бројните системски закони донесени со 2/3 мнозинство од пратениците за кои власта има обврска да ги почитува, бидејќи се важечки и се дел од правниот систем на земјата, тоа го бара Уставот на РМ, кој и покрај сите маки што ги преживеја и натаму е највисок правен акт во земјата, тоа го бара меѓународното и европското право за заштита на правата на граѓаните согласно кои овој закон се третира како правен преседан непознат во праксата на другите земји.

Македонците не смеат да дозволат поништување на нивната националност пред сопствени очи. Македонците имаат обврска да се борат со сите средства и демократски механизми да си ја зачуваат сопствената држава и идентитет, бидејќи друга/друг немаат, ниту пак во иднина ќе имаат, ако оваа ја загубат.

МАКЕДОНЦИТЕ МОРА ДА БИДАТ БУДНИ И ОДГОВОРНИ. ПРЕД СЕ, ПОРАДИ СЕБЕ, А ПОТОА И ПОРАДИ СВОИТЕ ДЕЦА И ПОМЛАДИТЕ ГЕНЕРАЦИИКОИ САКААТ ДА ЖИВЕАТ ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА!

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска