Култура филмски фестивал

Тивериополските филмски денови на „Астерфест“ во Струмица

Програмата за 19. „Астерфест“, посветен на авторскиот филм, веќе е селектирана, а во меѓувреме ќе има серија локални и меѓународни придружни активности, а централниот летен термин за компетитивните филмски настани, локациите, како и специјалните гостински лауреати, ќе бидат објавени наскоро.

Тивериополските филмски денови на „Астерфест“ во Струмица

Изминатиот викенд и денеска во Струмица се одвиваат Тивериополските филмски денови на „Астерфест“, кои се своевидно загревање за годинашното фестивалско издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, манифестација иницирана и востановена уште во 2005 година.

Како што соопштија од Фестивалот, на Светскиот ден на културното наследство на програмата на ТВ ВИС била прикажана реставрирана верзија на комичниот култен филм „Скитникот“ на Чарли Чаплин, од 1915 година.

-Покрај ова, во саботата вечер, во кафе-барот „Нагоре“ се случи неформален настан на кој се презентираше најновиот визуелен концепт на претстојното Астерфестово издание, кое е планирано под мотото „Кинореалност ‘24“. Денеска, со почеток од 18 часот, во Europe House (Европскa куќа) во Струмица, ќе се одржи мини панел-дискусија насловена како „Авторството и филмот“. Воведни обраќања на темата ќе имаат д-р Горан Тренчовски, основачот и директор на „Астерфест“ и м-р Васил Михаил, актер и независен филмски творец. По отој повод ќе има проекција на три ексклузивни кратки филмови: „Пишта“ на Киро Урдин, „Четврток“ на Милчо Манчевски и „Деца“ на Наум Пановски. Овие активности се реализираат со поддршка и во соработка со група независни филмски автори, Кинотека на Северна Македонија и струмички субјекти и институции, информираа од „Астерфест“.

Инаку, програмата за 19. „Астерфест“, посветен на авторскиот филм, веќе е селектирана, а во меѓувреме ќе има серија локални и меѓународни придружни активности, а централниот летен термин за компетитивните филмски настани, локациите, како и специјалните гостински лауреати, ќе бидат објавени наскоро.

To top