Скопје После 35 години

Од сега “Одиме на кино” значи одиме во Кисела Вода

-За мене, а верувам и за сите вас тука присутни, ова е историски момент. После 35 години, Кисела Вода повторно добива кино врз темелите на старото кино, култно место од кое секој носи спомени и кое секогаш се појавува во приказните за нечија младост. Денес, заеднички со вас, го започнуваме новото поглавје на овој културен дом. Со нов дух и нова енергија, ги отвораме вратите на она што започна како визија на поранешната, сега за жал покојна градоначалничка Билјана Беличанец. Ова беше нејзиниот сон кој успеавме да го оствариме.

Од сега “Одиме на кино” значи одиме во Кисела Вода

Со бројни гости, во свечена атмосфера, синоќа беше отворено киното во Кисела Вода. После 35 години, на истата локација, врз темелите на старото кино, во комплетно реновираниот Дом на култура „Билјана Беличанец“ започна да функционира “Киноверзум”. Настанот го отвори актерот Рубенс Муратовски кој, евоцирајќи спомени од минатото ја назначи важноста на овој проект за културниот живот во општината и му се заблагодари на градоначалникот за целокупниот ангажман во оваа сфера. Градоначалникот Ѓорѓиевски во своето излагање го истакна сентименталното значење на старото кино за повозрасните жители на Кисела Вода и потенцираше дека отворањето на новиот објект е историски миг за сите кои ја сакаат оваа општина. Повика на аплауз за прерано починатата градоначалничка Билјана Беличанец, која го отпочна проектот и чиј сон, како што истакна, од денес започна да живее.

Говореше за сите содржини кои обновениот дом на култура ќе ги нуди, како концерти, изложби, театарски претстави, литературни читања и библиотека, а најмногу се задржа на киното, кое со атрактивниот репертоар веќе предизвика внимание кај граѓаните. Изрази надеж дека наскоро во перцепцијата на граѓаните “одиме на кино” ќе значи одиме во киното во Кисела Вода.

-За мене, а верувам и за сите вас тука присутни, ова е историски момент. После 35 години, Кисела Вода повторно добива кино врз темелите на старото кино, култно место од кое секој носи спомени и кое секогаш се појавува во приказните за нечија младост. Денес, заеднички со вас, го започнуваме новото поглавје на овој културен дом. Со нов дух и нова енергија, ги отвораме вратите на она што започна како визија на поранешната, сега за жал покојна градоначалничка Билјана Беличанец. Ова беше нејзиниот сон кој успеавме да го оствариме.

Во изминативе две години јас и мојот тим сме силно насочени кон повторното издигнување на културниот живот во нашата општина. Со бројни проекти, го олеснуваме пристапот на граѓаните до културните сцени и збиднувања, давајќи им можност и на уметниците за експресија на нивниот креативен потенцијал. Културата мора да биде достапна. Оттука во фокусот на моето делување како градоначалник е овозможувањето на непосреден пристап на граѓаните до културни манифестации, претстави, изложби и настани, кои се организираат во близина на нивниот дом, во нивното соседство. Возобновувањето на домот на култура Билјана Беличанец и отворањето на кино во Кисела Вода после 35 години се вистинска илустрација за олеснувањето на патот до културната сцена, но и за создавањето на нови платформи за уметниците каде што ќе можат да го споделат својот уметнички израз. Тие за себе добиваат нова сцена, нов дом каде што ќе можат да ја оживуваат магијата на културата. Покрај кино салата и проекциите на најновите светски достигнувања од филмскиот свет, во домот на културата Билјана Беличанец, ќе можат да се гледаат и театарски претстави, уметнички изложби, концерти, а наскоро тука ќе функционира и библиотека со богат библиотечен фонд. Секако, следејќи ја стратегијата за рамномерен развој на сите населби и населени места во општината, во периодот што е пред нас, ќе овозможиме слични културни содржини и во Домот на култура во Драчево, кој исто така беше обновен-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски и посебно им се заблагодари на соработката на “Киноверзум”, кои како што истакна, во изминатиот период се етаблираа како силен столб помеѓу македонската културна сцена и светската филмска индустрија.

-Ланецот кина “Киноверзум” започна со работа најнапред во Свети Николе, сега работи и во Штип и во Велес, а вечерва го отвораме ова кино и во Кисела Вода, односно во Скопје. “Киноверзум” е единствен ланец на кина на Балканот кои се домашен производ, односно македoнски бренд и се надевам дека овој бренд освен во Македонија ќе го прошириме и во регионот- истакна д-р Јордан Ѓорчев, од Меѓународниот Славјански Универзитет, во чии рамки функционира “Киноверзум”.

Присутните во кино салта, потоа можеа да го погледнат светскиот филмски хит “Dune: Part Two”.

To top