Свет Сикорски:

Сите сојузници на НАТО мора да потрошат најмалку два отсто од БДП за одбрана

Сите сојузници на НАТО мора да потрошат најмалку два отсто од БДП за одбрана

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека би било „убаво“ ако сите земји-членки на НАТО се обврзат да потрошат најмалку два отсто од БДП за одбраната, коментирајќи го предлогот на полскиот претседател Анджеј Дуда да се зголемат трошоците на сојузниците до целните три отсто од БДП.

За време на неговата средба во вторникот со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, Дуда рече дека сојузниците на НАТО треба да размислат за зголемување на нивните трошоци за одбрана од два на три отсто од БДП „како одговор на агресијата на Русија која е многу блиску до источната граница на НАТО“.

Од Сикорски беше побарано да го коментира предлогот на Дуда при неговата вчерашна посета на Хелсинки, пренесе БТА.

– Последните 15 години Полска троши два проценти, а минатата година ги зголеми трошоците на три. Оваа година всушност ќе биде повеќе од три отсто … Затоа, Полска дава пример, изјави тој на заедничката прес-конференција со неговата финска колешка Елина Валтонен.

Но, додаде Сикорски, „не случајно колку сте поблиску до Русија, толку повеќе трошите за одбрана“.

– Во моментов би било убаво ако уште повеќе сојузници можат да објават летово во Вашингтон дека го достигнале нивото од два отсто, рече Сикорски, мислејќи на планираниот самит на алијансата во главниот град на САД по повод 75 години од нејзиното основање.

To top